Од 05.05 до 11.05. 2015, во Скопје,  се одржува  27. Меѓународен саем на книгата. И оваа година, по трет пат, на него  учествува Македонската Православна Црква - Охридска архиепископија со својата издавачка дејност. На  штандот се  изложени поголемиот дел од црковните изданија. Саемот ќе биде отворен за посетители од 10:00 до 20:00 часот.

 

Денес, ви презентираме дел од богатата  издавачка дејност на Повардарска епархија,
од нејзините  две активни издавачки дејности „Св. Ѓорѓи Полошки“ и „Ѓаконија“

Sample Image

 

1. „Старец Јосиф Исихаст“

 

Предговор на книгата „Старец Јосиф Исихаст“

Еден од најголемите старци од дваесеттиот век, кој остави длабоки траги во опитот на Црквата, и кој слободно може да се нарече обновител на исихастичкото предание, е токму старецот Јосиф, за кого е и оваа книга. Тој потекнува од островот Парос, и уште во детска возраст останува без татко, па затоа бил принуден да работи многу за да се прехрани семејството. По завршувањето на воениот рок започнува да ги чита делата на Светите Отци и напојувајќи се од тој благодатен извор на чиста вода, од која оние кои пијат, никогаш не ожеднуваат, добива силен копнеж по монашки живот. Уште во детска возраст тој се трудел да живее подвижнички, одел на Света Гора каде што запознал многу свети духовници, и со сето срце копнеел да остане и тој таму, до последен здив, да се бори до крв, за да прими дух.

 

 

Sample Image

2. „Мојот живот со Старец Јосиф“ од старец Ефрем Филотејски

 

Македонскиот православен читател веќе е запознат со животот и поуките на старецот Јосиф Спилеот, најпрво преку книгата „Изложување на монашкиот опит“, потоа „Старец Јосиф Исихаст“ (издание на Повардарската епархија), и сега, третата книга „Мојот живот со старец Јосиф исихаст и спилеот“. Секој човек е голема тајна, особено духовните луѓе, кои знаат сѐ за светот, најчесто се нецелосно сфатени од оние кои живеат во светот. Дел од животот и поуките на овој духовен светогорски великан од минатиот век беше разоткриен преку двете претходни книги, а со оваа која ја имате пред себе, ќе се разјаснат уште многу аспекти од неговата личност.

 

 

 

Sample Image  3. „Старец Силуан“

 

Во времето кога цела Русија е вознемирена и разбунтувана, кога започнуваат револуциите и прогонот на Црквата, младиот Семјон веќе пребива во тивкото пристаниште на спасението, во градината на Пресвета Богородица – на Света Гора Атонска. Неговите сонародници се борат со видливи непријатели, а тој, пак, со своите страсти и со невидливите демонски сили. Овој духовен гигант и украс на Црквата Христова ќе помине цели 46 години на Света Гора подвизувајќи се „до крв, за да прими дух“. 

 

Sample Image4. „Со пост и молитвa"

Не постои строго определен концепт за христијанскиот духовен живот, но постојат некои главни карактеристики без кои не се може. Духовниот живот на христијаните е многу богат и длабок, и не може со зборови сиот да се опише и исцрпи, да се објасни целосно во една книга. Сета негова длабочина, богатство и убавина им е позната само на оние кои го зеле на себе благиот јарем Христов, кои се потрудиле во својот живот да го преточат она што го читаат во Светото Писмо. Главни карактеристики се постот, молитвата и покајничката исповед – а сето тоа како подготовка за Светата Причест.

 

Sample Image5. „Проповедничка енциклопедија“ 

Издаваштвото на Повардарската епархија е збогатено за уште едно капитално дело, дело кое треба да биде задолжително присутно во личната библиотека на секој свештеник, во секој храм, па и во домот на секој верник. Во пресрет на Воскресението Христово, издавачката дејност „Св. Ѓорѓи Полошки“ ја подготви оваа книга, насловена како „Проповедничка енциклопедија“ која на своите 1050 страни нуди огромна инспирација за подготвување проповед, но самата не содржи готови проповеди. Таа е поле за размислување, помошно средство и поттик да се напредува во проповедништвото. Книгата е преведна од бугарски јазик, а преводот на нашиот македонски јазик го приспособија Митрополитот Повардарски г. Агатангел и дипломираниот теолог Гонца Запрова Анастасова.

 

 

 Преминпортал (к.т.)