Слово на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан

ВЕЛЕЛЕПИЕ ЗА ПОЧИТ И ВОСХИТ

Слово на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, изговорено на чинот на осветувањето на конаците Горни и Источен Палат во Бигорскиот манастир (13/26 април 2015 л. Г.)

На 30 септември 2009 година, ја слушнавме онаа страшна вест, која одекна со сета своја трагичност и кобност во македонската јавност и во секоја македонска душа: „Се запали Бигорскиот манастир!“ Тоа утро се пронесе веста која беше полоша и од најлошата, потажна и од најтажната; ја примивме веста која со очајание и немир ги исполни срцата на архиереите, свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на Македонската православна црква. Веста за пожарот ги натажи срцата на сите коишто го посетиле или од други слушнале за убавините на оваа наша светиња, ги натажи сите луѓе со добра волја, сите оние што во ова наше светилиште виделе и почувствувале и светост, и благодат, и вера и молитва... А тоа утро, можеме ли само малку да замислиме, како им беше на бигорските монаси и на сестринството од Рајчица? Како им беше на игуменот Партениј и на митрополитот Тимотеј? – Само Бог знае и знаат душите на оние кои храбро му се спротивставија на огнот и себеси се ставија како браник за овде да не се претвори сѐ во пепел и прав.

Соожа прот во Бигорски се опожари една од најголемите, една од највелелепните наши духовни и материјални градби. Се опожари најмајсторската мајсторија на неповторливите дебарски мајстори, изгоре дел од нашата неимарска гордост, изгоре Горни Палат со сите накитени убавини: изгореа трпезариите и гостоприемните одаи, изгоре манастирската библиотека, изгореа монашките келии, изгореа со векови создадените дела на игумените и братјата, изгореа ретки вредности, но остана и ќе остане споменот врз кој, еве, повторно се воздигна оваа нова убавина. Во таа голема несреќа, чудо беше што огнот не го зафати храмот, а беа спасени и иконите и други свети предмети што се наоѓаа во манастирските простории, што беа зафатени од огнот.

Пожарот, и покрај натчовечкиот напор на монасите и другите тука тогаш присутни, уништи многу уметнички и историски вредности, но не ја уништи љубовта со која нашиот народ ја сака Бигорската обител, не ја уништи надежта со која нашиот народ тргнува кон оваа светиња и не ја уништи верата со која нашиот народ зачекорува во овој манастир. А таа љубов кон својот духовен дом, кон својот отец и браќата и сестрите, се покажа истиот ден – кога од сите страни на нашата земја, но и од многу места низ светот, се слеваа реки од народ, се слеваше помош која и утешување, но и на дело помагаше.

И оттогаш, па сè до овој ден на радост, колку ли солзи се пролеаја и колку молитвени воздишки се упатија кон Господа за помош, повторно да се издигне бигорската убавина!? И, еве, даде Бог – и би! Денешниов настан и ова што го гледаме го потврдуваат токму тоа: она што сега е изградено, односно возобновено, верувам сме согласни, дури е поубаво од она што беше опожарено, што беше уништено. Овде, мајсторските раце ја продолжиле мајсторијата на некогашните и дури се покажале помајстори во повеќе сегменти. А како е запишано во предговорот на монографијата за манастирот од академик Цветан Грозданов – овде, како никаде на друго место, Божествената убавина на природата е надополнета со мајсториите на градителите... Еве, таа мајсторија дополнително ги гали душите и срцата на посетителите. Овде, чиниш и каменот говори, овде славословие е и жуборот на чешмите, овде молитвен подвиг е секој украс на градбите... Тоа е така и во ова возобновено дело, најмногу благодарение на ангажирањето на архимандритот Партениј, на вредните раце на мајсторските тајфи, благодарение на државните институции за заштита и, секако, на Министерството за култура при Владата на Република Македонија. Посебна благодарност заслужуваат сите кои дале кој повеќе, кој помалку финансиска помош. Ним Бог да им дарува за нивните дарувања.

И, еве, од сите заедно се создаде, се возобнови ова дело – дело за гордост и восхит и пред нашиот и пред другите народи. Се заокружи оваа наша духовна тврдина, која е и бранител, и негувач и промотор на православното изворно предание и вистина и пред верниот народ на нашата света Црква и пред другите помесни Цркви.

Возљубени,

Ние како народ се гордееме со она што го создале нашите предци, со црквите и манастирите, со фреските и иконите, со ракописите и книгите... Но тие вредности и нè обврзуваат – да ги чуваме и зачуваме, зашто чувајќи ги нив, се чуваме и себеси! Манастирите биле и остануваат најнепоместливите столбови на секоја Помесна црква. Нашите манастири биле духовни, образовни и просветни центри; и кога биле сардисувани, ограбувани и уривани, останувале живи мисионери и вдахновители на нова надеж во слободата и правдината. Биле и остануваат места за утеха и доближување до Бога и меѓусебно зближување на верниот народ, места каде што стануваме „едно срце и една душа“ (Дела 4, 32).

А верата наша христијанска не е теорија, туку е живот во Бога; таа повеќе се живее, отколку што се докажува. Монасите се најдобар пример за тоа! Верата е оној интимен однос на нас самите како личности со Бога. Тој однос најдобро се изразува преку молитвата и преку пребивањето во доброто, преку близината со Бога. Токму верата е средството за стекнување на духовно здравје, за спокојство на срцето и разумот.

Секаде можеме да се молиме, да Му се посветиме на Бога..., но манастирите се најпогодните места за подвиг. Овде, во манастирите, најдобро се размислува за големата тајна и вистината на животот, најдобро се созерцуваат вечните прашања за почетокот и крајот, за смислата и целта на постоењето. Овде најдобро се научува љубовта, најглавниот закон на животот, љубовта и кон Бога и кон луѓето. Овде, во манастирскиот спокој, најбрзо се разбира што е слободата, и кога е човекот вистински слободен, како и тоа дека не е доволна физичката слобода, туку дека е потребна и духовната слобода. Не е доволно да се ослободиме од надворешните непријатели ако и понатаму останеме во ропство на соспствените овоземни желби, ако останеме робови на себеси. И денес, нашите манастири го докажуваат претходно констатираното – благодарение на тие наши светилишта многу од нашиот народ се воспитува и просветлува во верата.

Оттаму, незаменлива е улогата и местото на манастирите во животот на православните народи. Па, што би биле без Светиклиментовиот Плаошник и без Светинаумовата обител, без Велјушкиот и Пречиста Кичевска, без Осоговскиот и Лесновскиот, без Лешочкиот и Марковиот, и што би биле без Бигорскиот манастир?! Што би биле без тие недотекливи извори на духовна свежина, што би биле без тие тихи пристаништа за оддихание од духовните немири и бурите во животот? Што би биле ние без тие духовни тврдини, без тие будни чувари на нашата народна посебност и свест?

Оваа Бигорска светиња е жив сведок и за вековите минати, но и за ова и за идното наше време. Овде се напластени сите наши народни бигори и горчини, и сета наша надеж. Од овде најдобро се гледа и минатото и иднината наша. Бигорски е нашиот духовен споменар и показател за нашите духовни падови и воздигнувања. Оваа наша светиња во својата вековна историја доживеала бројни искушенија, но нејзината духовна и морална сила секогаш била над сите зла и несреќи. Како таква се покажа и сега!

Секој храм и манастир, сè што се гради за Бога, сè што се создава од љубов кон Него е свето дело. Ова велелепие пред нас е сведок за пожртвуваноста на монашкото братство, на архитектите и градителите, на помагачите и добротворите меѓу нашиот народ, но и од другородни и друговерни, и на сите почитувачи на ова големо дело кое ќе остане да биде сведок како тагата се претвори во радост.

И токму овој ден како да е определен од Бога: во Неделата на мироносиците, на денот кога побожните жени отишле на гробот Христов за да се поклонат и за да искажат почитување кон постраданиот Спасител, еве, и ние денес дојдовме во Бигорски за молитвено да Му заблагодариме на Бога и со Негов благослов да ги осветиме возобновените градби и да искажеме почит пред ова велелепно дело, но и пред трудот на сите што се вградија во него. Дојдовме да се помолиме и да посакаме Бог постојано да ни содејствува и да ни помага будно да ги чуваме и да бдееме над вредностите врз кои се потпираат нашите духовни и национални корени.

Учествувајќи во денешната радост во Бигорски, во радоста на нашата Црква и народ, во радоста за возобновените манастирски градби, да се помолиме Воскреснатиот Господ да ни помогне да се обновиме и ние со нова вера и со нова љубов, со ново богољубие, човекољубие и родољубие!

Господ – градителот на сè, по молитвите на свети Јован Претечата и Крстителот, по молитвите на жените мироносици нека помага да биде така!

Нека ние е честито и вечно ова дело, нека ни се вечни Бигорски, и Црквата и народот наш македонски! Амин.

Христос воскресе!

Извор: Бигорски манастир