ПОКЛОНЕНИЕ НА СВЕТИ МОШТИ ВО COLUMBUS, OHIO
Колумбус, Охајо, 14-15 Март 2015
„Се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе!“ (Послание до Тит 2:11)
Во деновите на изминатата Крстопоклона Недела во нашата црковна заедница бевме сведоци и учесници на несекојдневен настан. Со благослов на Високопреосвештениот Митрополит дедо Методиј, нашиот брат во Христа, Стојанче Андов, студент на петта година во Православната Семинарија при Манастирот Пресвета Троица во Jordanville, New York, на наше барање, донесе дел од Светите Мошти чиј што чувар-хранител е тој, заедно со копии од две чудотворни икони: Иверско-Хавајската Мироточива икона и Курско-Коренната икона на Богородица.
Во првиот кивот беа поместени честици од следните светињи: од Чесниот и Животворен Крст Господов; камен од Голгота; камен од Гробот Господов; камен од гробот на Богородица; Св. Апостол Андреј; Св. Јустин Маченик и Философ; Св. Василиј Велики; Св. Григориј Богослов; Св. Николај Мирликиски; Св. Великомаченици Пантелејмон и Георгиј Победоносец; Св. Јован Руски; Св. Јован Кукузел; Старец Јосиф Исихаст.
Во вториот кивот беа поместени Нов Завет потпишан од Свети Јован Шангајски и Битолски, парче од одеждата со која бил погребан. Во истиот кивот дополнително беше положена и честица од моштите на Преподобниот Евтимиј Велики, кои што ги донесе едно благочестиво семејство од Колумбус.
Во саботата по свечениот пречек, нашиот старешина, отец Душко Ѓорѓиевски отслужи Велика воскресна Вечерна и Мало Повечерие со Акатист на Пресвета Богородица. На крајот од вечерните богослуженија, отецот ги помажа со миро од мироточивата Иверско-Хавајска икона, чијашто копија беше поставена за целивање заедно со моштите.
Следниот ден, пред Светата Литургија, отец Душко го изнесе Светиот Крст на средината од Храмот за општо поклонение, додека до моштите беше поставена копија од Курско-Коренната икона на Пресвета Богородица.
Многумина пристапија да ги примат Светите Таинства.
По завршувањето на Светата Литургија беше извршена Литија околу Храмот „Успение на Пресвета Богородица“. Како што верните чеда на нашата Православна Црква се прибираа назад за уште еднаш да се поклонат на светиите и светињите, отец Душко ги благословуваше со масло од кандилото што свети над кивотот на Свети Јован Шангајски и Учител Битолски во Сан Франциско.
Кој ќе ја опише тивката радост на Православните, кој ќе го опише срдечниот восклик од милината што за прославата на Крстот среде Великиот Пост со богослужбите се удостоивме на чело на приготвената трпеза Господова да ги имаме сите овие светии и светињи. Зашто е речено:
„Прекрасен е Господ во своите светии, Бог Израилев!“ (Псалм 67:35)
Слава на Бога за сè!

 

 

Подготвил:
Ипоѓакон Ѓорѓи Ѓурчиновски