На 08.01.2015 година, по повод празникот Собор на Пресвета Богородица, во храмот „Пресвета Богородица – Челница“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати пред многубројниот верен народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.



Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света Православна црква, го прославува празникот посветен на соборот на Пресвета Богородица. Светата Црква неслучајно го определила овој празник, веднаш по раѓањето на Господа Христа, да биде посветен на Неговата пречиста мајка. Во светото Евангелие, ние имаме многу малку сведоштва кои зборуваат за пречистата Дева Марија. Но, затоа, пак, Светото предание е пребогато со сведоштва и со верувања во св. Дева Марија. Како што знаеме, од преголема љубов кон човечкиот род, уште при создавањето на светот, односно веднаш после гревопадот на нашите прародители, промислата Божја одлучува да Го испрати Својот Единороден Син, за да го избави човечкиот род од грев. Тој домострој Божји, свое исполнување добива после многу векови. И тоа токму преку светата Дева Марија, чијшто спомен денеска, светата Православна црква соборно го чествува.

Од учењето на светата Црква знаеме, дека св. Дева Марија, ќе биде родена на невообичаен начин. Ќе биде испросена од своите прастари родители, Јоаким и Ана. Нејзиното раѓање се случува кога сите физички закони, гледано од човечка страна, не го дозволуваат тоа. Но, Божјата благодат се покажува врз нејзините праведни родители и таа е родена преку нивните молитви. Благодатта Божја, постојано се манифестира преку целокупниот нејзин живот. Таа на 4 годишна возраст, ќе биде воведена во Ерусалимскиот храм. На таа возраст, ги искачува огромните високи скалила, без помош од своите родители. Праведниот пророк Захариј, ја прима во свои раце и ја внесува, невообичаено, во најсветиот дел на Ерусалимскиот храм, односно во Свјатаја свјатих. Онаму, каде што еднаш во годината влегувал првосвештеникот да принесе жртва, за избавување на севкупниот Еврејски народ. Овој праведен пророк, не постапил така според својата волја. Тој немал намера да ги нарушува старозаветниот закон и прописи. Напротив, имал Божјо вдахновение и така постапил. Тој сметал дека тоа е волја Божја, и ова младо невино битие, треба да биде внесено во најсветиот дел на Ерусалимскиот храм. Бидејќи преку неа ќе дојде избавување, односно Месијата, Којшто ќе го спаси човечкиот род.

И раѓањето на Господа Христа во Витлеемската пештера, малкумина го разбрале и поверувале дека е роден Спасителот на светот. И оние мудреци, што ќе дојдат од исток и коишто ќе Му принесат дарови, злато, смирна и ливан, и пастирите, тие пристапуваат кон младенецот поклонувајќи Му се, но, повеќе како кон цар кој ќе го избави Израелскиот народ од туѓинското ропство. Но, св. Дева Марија е единствена којашто знае и верува дека роденото од нејзината утроба, не е обично дете туку е Богомладенец. Таа и кога ќе ја прими веста од ангелот, дека ќе зачне, најпрво ќе биде зачудена и ќе праша, како е можно тоа да биде кога јас не знам за маж? Но, откако ќе го добие одговорот од Архангелот Гаврил: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји... Марија, пак, рече: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1, 35 и 38). Св. Дева Марија ја покажува својата покорност и послушност на волјата Божја.

За целото време, додека Господ Христос ќе расте, ќе се развива како дете, таа ќе покажува извонредна мајчинска љубов кон Него. Но, не само како кон своја рожба, туку многу повеќе, знаејќи дека не чува обично дете, туку Го чува Богомладенецот. Со нејзиниот чесен, свет и праведен живот таа била удостоена, да Го смести во својата утроба Оној Кој е поширок од вселената. Оној Кој е создател на видливиот и невидливиот свет. Затоа, светата Црква, на секоја утрена богослужба, на 9-та песна од канонот и пее на св. Дева Марија. Но, најмногу преку годината се пее песната Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите.

Додека Христос растел и постанал полнолетен, според Еврејскиот закон на 30 годишна возраст, Он со ништо не оддавал знаци дека не е обичен човек. Напротив, Он се однесувал скромно, пристојно, како едно воспитано благородно човечко битие. Никој од луѓето, коишто Го познавале, во Него не гледале ништо повеќе од еден обичен човек, ист како нив. Но, св. Дева Марија и тогаш знаела дека Он е Богочовек.

 

Кога ќе излезе на јавна проповед, да го проповеда Евангелието, таа ќе биде меѓу првите којашто ќе Го поддржува Словото Божјо. Кога Господ Исус Христос ќе биде суден и осуден, нејзината душа ќе биде прободена со меч. Кога сите ќе се откажат од Христа, дури и апостолот Петар, таа ќе остане под крстот, знаејќи дека Он не е обичен човек, туку Спасителот на светот Којшто виси на крстот за спасение на човечкиот род. Таа ќе ги утешува апостолите за време на нивното прогонство. И кога ќе биде подготвена за преселување во небесниот свет, ќе им вети дека нема да ги остави, туку ќе биде со нив до свршетокот на светот.

Пресвета Богородица, сето она што го ветила на апостолите и на Христовите следбеници, цели овие 20 века го исполнува. Таа е наша молитвеничка, наша помагателка, наша утешителка. На секоја христијанска душа, што со искрена молитва, вера и надеж и се обраќа, ги услишува молитвите и Го моли нејзиниот Син и наш Бог, Исус Христос, да нè избави од секакво зло.

Па и денес, кога го прославуваме нејзиниот спомен, да и се обратиме со искрена молитва, таа да биде наша застапничка, и да ги пренесе нашите молитви пред престолот на Севишниот Бог. Та Богомладенецот Господ Исус Христос да Се роди и во нашите души, во нашите дела и во нашиот живот, па да одиме по вистинскиот пат, и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

Собор на Пресвета Богородица
08. 01. 2015 год.
храм „Св. Богородица Челница“ - Охрид

     

Извор: Дебарско- кичевска епархија