На празникот на Рождеството на свети Јован Крстител и Претеча, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан отслужи Архиерејска Божествена Литургија во црквата на свети Јован Крстите во Капиштец, Скопје, во сослужение со Митрополитот г. Горазд. На Светата Литургија во свештенички чин беше ракоположен Горан Трпевски, секретар на Православниот богословски факултет “Свети Климент Охридски” од Скопје.


 

 


Светата Тајна Свештенство е Света Тајна, која не се “однесува“ само на некои од нас, туку ракополагањето е настан внатре во Црквата и за Црквата, т.е. за сите.

Што е суштината на свештенството? Дали е тоа авторитет? Или пак привилегија? Дали е тоа можност за едниот, да биде неколку чинови над другиот? Не! Вистинската суштина на свештеничката служба е оваа: ако секој христијанин треба да Го пронајде Христа во својот живот, ако инженерот – христијанин треба во Црквата да открие што значи да се биде христијанин – инжинер, ако христијанскиот романописец треба во Црквата да ја открие идејата за христијанската уметност, а таткото христијанин  и мајката христијанка – суштината на христијанското родителство,  во средиштето на заедницата мора да постои некој, кој токму како Христос, нема ништо што би било негово, но во кого и преку кого, секој може да го открие својот пат.

Суштината на свештенството е, според зборовите на Светиот Апостол Павле  “да им се биде на сите се“ , на секој да му се биде Христос.
Свештеникот е оној, кој Го прави Христа присутен, кој ја претставува Христовата грижа, Христовата љубов, Христовото учење и кој има сила да го преобразува собирот на луѓе во Црква, обредот во Света Тајна.
Затоа, Светата Тајна свештенство, не се однесува само на оној кој е ракоположен, туку на целата Црква.