„Сега сите да го воспееме јерархот, пастирот и учителот на луѓето во Македонија, откако со вера пристапивме во неговиот дом, и да го целиваме неговиот свет и божествен гроб, викајќи: Отче богомудри, ти си нашиот и пастир и учител; не престанувај да го чуваш прилежно твојот град, зашто, надевајќи се на твоите молитви, како топол застапник те одбележуваме“ (икос на празникот на свети Климент архиепископ Охридски и Чудотворец).

Празнувањето на големиот светител Климент започна на 07.12.2014 година, со свечена Вечерна богослужба во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Владо Недески и Ѓорѓи Блажевски и ѓаконот Сашо Целески.   

На 08.12.2014 година, на самиот ден на празникот на светиот Климент архиепископот Охридски и Чудотворец и на светиот Климент Римски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Зоран Данев, свештениците Сашо Додевски, Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Роберт Илијевски. Неизброен беше верниот народ кој дојде да се поклони на моштите на заштитникот и покровителот на нашата света Македонска црква, светиот Климент Охридски, а меѓу многубројниот народ, присутен беше и градоначалникот на град Охрид, д-р Никола Бакрачески, заедно со претставници на советот на општината.

Делото на свети Климент особено се почитува во нашиот град Охрид, во местото каде светителот го поучуваше народот, се подвизуваше, во местото каде што го основа и првиот универзитет и во местото каде што ја подигнуваше нашата света црква. Тоа светиклиментово дело се продолжи и денеска, преку ракополагањето на ѓаконот Роберт Илијевски во презвитерски чин, со што Црквата доби уште еден духовен борец против оние што попусто непријателствуваат против нас. Од името на нашиот Митрополит и на целата Епархија, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Роберт, и се молиме верно да и служи на нашата света Црква и со секој збор и дело да ги води своите паства на патот кон Царството Небесно.

По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а новоракоположениот свештеник им подели нафора на верните. Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.



 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

 

Патот на секој христијанин е тежок. Тој пат е тежок, бидејќи не е секогаш рамен и пријатен. Некогаш оди и по угорница. Патиштата, пак, кои одат надолу се лесни, но, се стрмни. Рамните патишта се пријатни, но, тие не го издигнуваат човекот до духовни височини. Мрзливите луѓе, кои не познаваат духовен труд, тие, не ни знаат што значи усилие, односно, грижа за надминување на тешкотиите. Исто така, тие не знаат што значи да се борат за да спечалат духовна благосостојба. Уште помалку, пак, знаат, што значи да се биде восхитен од еден висок идеал.

Тежок е патот на христијанинот. Но, сепак пред него има повик од Господ Исус Христос Кој вели: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за вашите души; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мат. 11, 29 – 30). Јаремот на Исуса навистина е благ, бидејќи оној што го носи има радост во делувањето, во добротата, во љубовта, во подвигот и во искачувањето кон духовните височини. Човек доживува голема радост кога постигнува единство со внатрешниот духовен живот. Сите големи страдања, човекот ги доживува како да произлегуваат од внатрешната поделеност помеѓу разумот и срцето. А таа, пак,  разделеност, доаѓа до израз и во самиот ум и во самото срце. Сите падови на луѓето, а особено погубните, се должат токму на тие поделености. Сите лични и општи страдања се должат на тие противречности. Тие, најнапред се раѓаат во внатрешниот човек, а потоа, се одразуваат во целокупниот негов живот. Затоа, постигнувањето на внатрешното единство на човекот е радост, и оттука радоста и доброто служат како средство за доживување на секое добро дело. Радоста од секое добро дело сите ние добро ја познаваме. Таа доаѓа од внатрешното задоволство, бидејќи се постигнува единство на духот. Многу автори, и црковни и световни, опишуваат колку е голема радоста на љубовта. Тоа доживување е изразено во делото на љубовта, и тоа е одраз на внатрешното единство, односно взаемност.

Секој подвиг на духот и срцето е радост. Тој подвиг ги означува вечните зборови на нашиот Спасител Господ Исус Христос, јаремот Мој е благ и бремето е лесно. Таму каде што бремето е лесно, таму и јаремот е благ. Тогаш лесно се носат големите животни тешкотии, и само, кога тие се носат со љубов и во љубов. Тогаш, и јаремот и бремето се лесни. Напротив, пак, тешко се носат сите задолженија и обврски, кои не доаѓаат од внатрешна убеденост и од љубов.

Тешкотиите во животот имаат посебна тежина. Тоа зависи од убеденоста на оние кои го носат бремето. Ако го носат со убеденост, дека себеси се издигнуваат и со тоа се доближуваат до Бога, тогаш го носат лесно. Доколку, пак, го носат со силна љубов и вера во Бога, тогаш и јаремот и бремето ќе им бидат и лесни и пријатни.

Но, не можеме со еднаква пријатност, сите ние подеднакво, да ги носиме јаремот и бремето Христови, како што ни  заповедува Христос, како на Негови ученици. Тоа, пред сè, зависи од нас самите. Доколку верата ни е силна, и доколку сме убедени дека со носењето на таа тешкотија, го потчинуваме нашиот ум на законот Божји, и доколку имаме љубов, тоа значи дека го потчинуваме нашето срце на законот Божји. Тогаш, ќе имаме сила, додека сме тука на земјата, да го носиме јаремот со пријатност и бремето како христијански долг.

Но, за да можеме да го исполнуваме сето тоа, потребна ни е и помош, помош која треба да ја бараме и да ја просиме од Бога. Помош, која ќе ја засилува нашата вера, па ќе можеме и јаремот и бремето да ги носиме достоинствено, како што бара од нас нашата света Црква. Св. Григориј Богослов, појаснувајќи ги овие зборови, наведува примери како Бог на различни начини нè подготвува и нè упатува кон сознанието и признанието на Бога. Тој вели: Татнежите на громовите не се за луѓе со слаб слух, исто како што и сончевите зраци не се за оние коишто имаат болни очи, и тврдата, пак, храна, не е за оние што јадат млеко. Дали Христовото учење не е громогласен звук или е, пак, силна и мачителна сончева светлина за човечкото око? Христовото учење е громогласен глас, но, додека човекот е надвор од Бога. А кога ќе биде осознаен христијанин, овие силни звуци и татнежи, се претвораат во тивка и мила рака Божја, и тивка песна за Божјата величина. Додека, пак, болните очи треба да се лекуваат, за да можат да ја примат сончевата светлина и на истата да $ се радуваат. Таа не е ослепувачка, таа доаѓа од Бога, а Самиот Христос за Себе вели дека Он е тивка светлина на животот. Што се однесува, пак, до тврдата храна, тоа се однесува на Христовото слово, преку кое треба да растеме здрави и да се издигнуваме духовно.

На тој пат ни помагаат нашите светии. И денеска, кога го прославуваме св. Климент, Охридскиот Чудотворец, тој нè поучува со безброј негови поуки, примери и пишани дела, како и со многуте негови чуда през овие минати векови. Како што знаеме, св. Климент, како ученик на светите рамноапостоли сесловенските учители Кирил и Методиј, изодил тежок и трнлив пат следејќи ги на мисионерските патувања. Тој поминал малтретирања, прогонства и казни, но, никогаш патот по којшто тргнал, не го напуштил. Најпрво се потврдил како учител, па презвитер, а потоа и како епископ, и завршувајќи го својот земен живот како учител и просветител. Но, не само на нашиот народ, туку, и на останатите словенски народи.

Св. Климент не им помагал на луѓето само додека бил на овој свет, како што вели неговото житие, не им давал дремка на своите очи, и одмор на неговите клепки, грижејќи се за своето поверено стадо, за што подобро да го упати на патот на вистината и на правдата, на љубовта и на знаењето, и во прославувањето на името на Севишниот Бог. Тој продолжува и по преселувањето во вечноста, да се грижи за сите христијани кои со вера и молитва му се обраќаат за помош.

Денеска на оваа св. Литургија го ракоположивме во свештенички чин отецот Роберт. Би сакал да упатам неколку поуки, не дека тој не знае за важноста и за големината на свештеничкиот позив, туку, да го потсетам на задачите и на обврските на свештеничката служба. Господ Исус Христос никогаш во светото Евангелие, не го употребува зборот свештеник, туку го употребува зборот служител. За тоа ги повикува сите свои ученици, да ја вршат својата функција, да го земат својот крст и да го следат (Мат. 16, 24). Го повикува секој еден, да го проповеда Неговото слово и да сведочи за Него дури до смртта. Така Исус Христос, Син, Цар и Месија, ги повикува кон Себе и за Своето свештенство сите луѓе за да бидат царско свештенство. Но, свештеникот, пред сè, е служител на луѓето и на светата Црква. Да го возвестува името Божјо, како би можеле луѓето да Го запознаат, да поверуваат и преку вистинско живеење да се соединат со Христа преку светата Евхаристија, за да добијат вечен и блажен живот.

Му посакувам на отец Роберт достоинствено и чесно да го носи свештеничкиот чин за прослава на нашата света Македонска православна црква, за спасение на неговата душа и да биде од полза на поверената му идна паства. И, кажано по охридски, со бел образ. Амин!

 

 



Св. Климент Охридски
08. 12. 2014 год.
Плаошник, Охрид