† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА


Нека им е вечен споменот на паднатите борци
за Божјата правда и вистина
— за народна и духовна слобода во Македонија!



Возљубени празникољупци,

Светата Црква денес го одбележува споменот на старозаветниот праведник и угодник Божји, свети Илија, големиот ревнител за правдата и вистината и поборник за доброто и слободата. Тој е веројатно најнеобичниот човек кој живеел на земјата, толку исклучителен и посебен, што Бог го вознел жив на небо. Житието на свети Илија е исполнетo со чудесни случувања и спротивности, но токму на тој начин се открива Божјата тајна: тој ги уништил пророците на лажниот бог Ваал, но упокоено момче вратил во живот; настапила суша, но преку него Бог ја објавил пораката за дожд; заминал во пустина, но Бог не го оставил...; се удостоил со Мојсеја да биде сведок при Христовото преображение, а заедно со Енох ќе дојде пред Денот Господов...
Инаку, секој библиски пророк припаѓа на Божјиот народ, со задолжение постојано да ја објавува вистината на Бога и за Бога, користејќи го зборот како најистакнато средство на слободата. А свети Илија е пророк кој има доблест и храброст да говори и да не премолчува, да ја осуди неверноста на својот народ кон Бога и да го повикува на исполнување на дадениот завет и заповедите Божји. Кај него сè е во служба на вистината и правдата, сè е со цел да поттикне на покајание, кое единствено води кон спасение. За да се биде пак спасен, треба претходно да се биде свесен дека спасението е потребно и дека тоа е цел на постоењето; оној кој греши неопходно е да се препознае како грешник, да сфати дека прави зло и да посака да се поправи и да биде помилуван и спасен.


Возљубени во Господа,

Доследноста во верноста кон Бога, свети Илија ја докажува со ревноста во борбата против безбожноста. Впрочем, искуството на свети Илија е искуство и на нашето секојдневие. Неговата личност ни помага да ги отфрлиме лажните вредности на нашето време. Секое почитување на какви и да се идоли е форма на култ кон она што не е Бог или не е од Бога. Денес, бројни се нештата кои само навидум се облечени во духовност и религиозност и кои, исто како некогаш идолите, се обидуваат да го заведат и да го отуѓат човекот од Бога.
— Тогаш, во што се состои верата, односно што значи да се верува денес? Зарем не е сe појасна потребата од обновена поука за верските вистини? И тоа не подразбира само формално познавање на учењето и настаните кои го овозможиле спасението, туку тоа е пред сè онаа вера која извира од средбата со Бога, која произлегува од љубовта и надежта, која го опфаќа целиот наш живот. Верата не е само интелектуална согласност и определеност на човекот со вистините за Бога, туку е акт со кој човекот слободно Му се предава и Му се доверува на Бога како на Татко Кој нè љуби, Кој промислува и се грижи за секого од нас.

Денес, и покрај напредокот, материјалните добра и благосостојби, со бројните изуми на науката и успесите на техниката, се чини дека современиот човек не е послободен и почовечен. Врз основа на определени настани и случувања, сè повеќе се има впечаток дека во светот е сe потежок процесот на изградба на заедница во која луѓето ќе се чувствуваат поблиски и посложни, и ќе живеат во мир и разбирање. И така, наместо почит, сè почесто има непочитување, наместо благодарност – неблагодарност, наместо љубов – омраза. Притоа, забораваме дека Божјата љубов кон човекот е безмерна: на крстот Синот Божји најјасно ја покажа Својата љубов. Со тајната на смртта и воскресението Христови, Бог слезе на земјата за да го издигне Своето возљубено создание кон небото. Затоа, да се има вера, значи да се има бескрајна доверба во Божјата љубов, која е непобедлива пред сите човечки злоби и злодела, кои Бог успева да ги победи и да ги направи средство за наше спасение.


Возљубени чеда – потомци на славните илинденци,

Илинден е ден на црковно и народно празнување, ден на потврда на несебична и пожртвувана љубов кон ближниот, и јавен израз на копнежот по слобода. Впрочем, ако се задлабочиме во минатото на светот, ќе забележиме дека сето она што се случувало на историската сцена е резултат на слободата и во служба на слободата. Одземањето на слободата е понижување на човековото достоинство, но и противење на Бога, Кој го создал човекот слободен, а сите луѓе еднакви меѓу себе.
Притоа, никогаш не треба да се заборави дека вистинската слобода може да се има само со Бога и во Бога. Слободата е моќ вкоренета во разумот и во волјата, и благодарение на неа човекот одлучува и раководи со себе; таа е сила која треба да расте и да созрева во вистината и во добрината, и така да стане совршена во Бога. Слободата е онаа човекова способност со која доброволно се прифаќа и се сака доброто. Слобода не е да се прави што се сака, туку да се сака доброто кое се прави! И вистинската слобода е можна само со љубов кон Бога и ближниот. Црквата пак, како заедница на надежта и љубовта, е местото каде што спасението се остварува токму преку слободата. Затоа и св. ап. Павле порачува: „Стојте во слободата, со која Христос нè ослободи, и не се подавајте повторно под ропски јарем... Вие браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служикако повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг“ (Гал. 5, 1 и 13).
Оттаму, и ние, следејќи го примерот на светиот пророк Илија, и охрабрени со надежта, да ја почувствуваме радоста гледајќи Го Бога во секој човек. Да си спомнеме за сите оние кои од љубов кон Бога и кон својата земја, а за нашето добро и за нашата слобода, ги дадоа своите животи. Да не заборавиме дека тој скап дар нѐ обврзува на голема одговорност, и пред нив и пред Бога!


Возљубени чеда на мајката Македонска црква,

На овој славен ден да си спомнеме и за жртвите и трагедијата на царот Самоил и неговите војници, во битката на Беласица пред 1000 години, за подвигот на илинденците 1903-та, за одлуките на учесниците во АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“ 1944-та, како и за сите наши народни буни, борби и востанија, за борците, комитите, партизаните, бранителите и за сите паднати во одбрана и за слобода на земјата македонска и верата православна. Нека им е вечен споменот на сите ревнители и жртви за Македонија!
Честитајќи ви го Илинден, вам, чеда наши духовни - во татковината и насекаде по светот, ви посакуваме мир и благослов од Бога! Амин!

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
†СТЕФАН
Заедно со членовите на
Светиот архиерејски синод на
Македонската православна црква

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

На Илинден, 2014