ОСВЕТУВАЊЕ НА ХРАМОТ „СВ. ВМЧ-ЧКА НЕДЕЛА“ ВО С. СКРЕБАТНО, ОХРИД (20.07.2014)



„Маченице, на која душата и засветли со врвна убавина за најубавиот Младоженец, ти го запази твоето девство недопрено и, како мираз, ти Му ги понуди страдањата на твоето тело, Недело, за пофалби најдостојна“ (песна од канонот на света великомаченица Недела).

На 20.07.2014 година, денот кога го прославуваме славниот спомен на светата великомаченица Недела, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј изврши осветување на храмот „Св. вмч-чка Недела“ во с. Скребатно, Охрид, во сослужение на протоереј Игор Никовски, свештеник Никола Христоски и протоѓакон Николче Ѓурѓиноски. Ктитори на храмот се Борис и Божана Шикалоски со синот Љупчо и ќерката Гордана со семејствата, а фрескописот е дело на Владислав Коцарев од Охрид. По осветувањето, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на која Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово, во кое се задржа на животот на светата великомаченичка Недела, а особено на нејзините подвизи и подвизите на мачениците, чија крв е семето на Црквата. Митрополитот порача дека од нас не се бара да страдаме на истиот начин на којшто страдале мачениците, но дека ни сме должни постојано да се бориме со страстите и земните наслади, ако сакаме да го следиме подвигот маченички и да одиме по спасоносниот пат.

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Дебарско- кичевска епархија