Образованието е еден од суштинските приоритети на државно ниво. Успешни држави и општества се оние кои се базирани на знаење и иновативност, затоа академската заедница ја има и ќе ја има нашата безрезервна поддршка во својата работа, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски вечерва на свечената академија по повод патронатот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје и 65 години од неговото постоење.

На професорите на УКИМ тој им го честиташе празникот посакувајќи им идни успеси и подвлече дека со личната и професионална посветеност на развојот на нивните стручни области, тие создаваат кадар подготвен да одговори на глобалните предизвици на денешницата, кој го гарантира просперитетот на државата.



Ректорот Велимир Стојковски посочи дека УКИМ е верен на заветите на патроните Кирил и Методиј и го продолжува нивното мисионерско дело.

- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Република Македонија вгради голем интелектуален потенцијал од повеќе од 135 илјади дипломирани студенти, магистри и доктори на науки. Во изминатите години тој активно учествуваше и во создавањето на вредносните системи во образованието, науката и културата, како најважни елементи на духовниот просперитет на нашиот народ. Успешниот пат во овие шест и пол децении не беше можен без плејадата наставно-научни работници и вработени, кои со многу работа и ентузијазам и многу желба да се направи повеќе оставија длабоки и неизбришливи траги во наставно-научната и воспитно-образовната дејност. Универзитетот и понатаму останува да ја одржува академската слобода и автономија, рече Стојковски.



Зборувајќи за Моравската мисија на браќата Кирил и Методиј во 9 век, рече дека оставиле христијанско и просветителско наследство кое има силно влијание на духовноста на сите словенски народи.

- Епохалното дело на светите браќа ги надмина рамките на македонската историја и даде силен печат врз развитокот на целата европска цивилизација... Не е случајно што папата Јован Павле Втори во 1980 година ги прогласи светите Кирил и Методиј за сопокровители на Европа. На истата таа Европа чии порти заради безборј бесмислени изговори и потценувачки барања за нас се уште се затворени, додаде ректорот на УКИМ.

Во музичката програма настапија хорот „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност, под водство на диригентот Саша Николовски-Ѓумар.

УКИМ е прв на националната листа на високообразовни установи на двете досегашни рангирања што ги спроведе Шангајскиот универзитет Џиао Тонг. Во составот на УКИМ се 24 факултети, пет научно-истражувачки институти и пет придружни членки, повеќе од 3.300 вработени и 60 илјади студенти, кои имаат имаат избор за запишување на повеќе од 500 наставни програми.

 

Извор:  http://www.utrinski.mk/?ItemID=095838DF3B7D634089CE58F69933381F