00.jpg01.jpg

Благодатта на тридневниот подвиг
03.jpg

20 февруари/5 март 2014 лето Господово

„Господи и Владико на животот мој! Дух на мрзливост, униние, властољубие и празнословие не давај ми. Дух на целомудрие, смиреноумие, долготрпение и љубов, дарувај ми, на слугата Твој. Да, Господи, Цару, дарувај ми да ги согледам моите прегрешенија и да не го осудувам братот свој, зашто си благословен во сите векови. Амин!“

(Великопосната молитва на св. Ефрем Сирин)


04.jpg
Полека, речиси нечујно, тонеме во „радосната тага“ на покајните великопосни богослужби. Во полумракот на храмот, во таговниот амбиент на темните покривки, душите наши, проникнати со покајание, го оплакуваат своето прогонство од Божјата близина. Секоја молитва е воздишка, пеењето на псалтите – крик на разбудената душа, која постепено излегува од мрачните наслаги на гревот. „Тешко тебе, душо моја! Зошто си безгрижна за својот живот? Зошто ги минуваш во расеаност сите свои дни? Споми си како често велеше: Нема одново да отстапам од Божјите заповеди, туку со голема усрдност ќе го вршам она што е благоугодно на Бога. А сега се покажуваш човек пуст, лишен од добри дела“. И додека молитвено внесени во долгите читања, со душата стоиме исправени пред праведниот Суд Божји, свесни за својата праведна осуда, нашите солзи веќе го бришат гревот и во срцата провира светлината на Божјото присуство и простување, тивка радост, родена од љубовта што во нас блика за Бога, и мир, неискажлив мир, од враќањето во домот на Отецот.

Да, таква е великопосната атмосфера во Бигорскиот манастир, особено во овие први три дена од постот, кога овој голем духовен и физички подвиг, крајното воздржание од храна и пиење, долгите и напрегнати богослужби, сè се слева во едно радосно очекување на причеста со Телото и Крвта Христови – тој главен извор од кој ја црпиме нашата духовна сила во ова четириесетдневно подвизување, нашата насушна храна. И наша најголема радост. Првата преждеосвештена Литургија е вистинско сведоштво за таа небоземна радост, во мигот кога со свечен тон одекнува од олтарот вознесениот глас на нашиот старец, о. Партениј, пренесувајќи нè наеднаш во благодатното пространство на присуството Божјо: „Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои - како жртва вечерна“. И веќе Царството Божјо станува реалност – пред себе Го имаме и Го гледаме Самиот Господ, Кој веќе се принесе Себеси заради нас, и како може да не се предадеме, да не го издигнеме и посветиме битието свое Нему, Кој беше продаден заради нас. Тоа е целата суштина на ова небесно богослужение во кое ги примаме претходноосветените Дарови и тргнуваме во средба со Оној Кој веќе ита кон нас. Божествената храна е толку слатка, толку утешна и поткрепувачка за душата, што бројните млади верници, кои по традиција во сè поголем број ги споделуваат великопосните молитиви и подвигот на воздржание со браќата монаси, со светли лица и радосни насмевки го напуштија храмот, гладни за уште повеќе подвизи и решени до крај да го изодат ова „посно поприште“, трпеливо да поднесат секакво искушение, само да не се лишат од сладоста на таа рајска храна.

09.jpg

„Владико Седржителу, Кој со премудрост си ја создал секоја твар, и по неискажливата Твоја промисла и изобилна благост си нè вовел во овие пречисти денови за очистување на душите и телата, за воздржување од страстите, за надеж во воскресението; Ти, кој после четириесет дена си му ги дал на Твојот угодник Мојсеј таблиците со богонапишаните заповеди, дај ни и нам, Благи, да се подвизуваме со добар подвиг, да го завршиме времето на постот, да ја запазиме верата целосна, да ги победиме искушенијата и соблазните, да се покажеме како победници над гревот, и неосудено да достигнеме да се поклониме на светото Воскресение!“

 05.jpg

 06.jpg

 07.jpg

 10.jpg

 11.jpg

 12.jpg

 13.jpg

 14.jpg

 15.jpg

 17.jpg

 16.jpg

 18.jpg

 20.jpg

 21.jpg

 22.jpg

Извор: Бигорски манастир