ДУХОВДЕН 2 ДЕН (24.06.2013)  
На 24.06.2013 година, денот кога го прославивме споменот на Сесветиот и Животворен Свет Дух, како и светите апостоли Вартоломеј и Варнава, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Љупчо Симиџиески, Димче Азески, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Според црковниот типик и календар, денеска е Вториот ден од Света Троица, денот кога Го чествуваме и прославуваме Светиот Дух. Во овој ден, Црквата нè повикува да се замислиме за тоа Кој е Светиот Дух и како се пројавува Неговото дејство во односот кон секој човек, кон целата Црква и кон сета вселена и космосот.

Свети Јован Богослов во светото Евангелие вели: „Бога никој никогаш не го видел” (Јн. 1, 18). Но, ние имаме можност Бога да Го откриеме, а и Самиот Тој ни се открива на повеќе начини во Стариот и во Новиот завет, а ни се открива и како Бог, Кој го создал целиот свет. Но, човекот, како битие ограничено во своите можности и способности, ги ползувал појавите што го опкружувале во светот, сакајќи да Го опише и разбере Бога. Со ваквите мерила, пак, кои човекот ги изградувал во своето животно искуство, не можел да го разбере и да го оцени во полна мера величието Божјо. Затоа во долгата историја на човековиот род имаме толку многу разни претстави за Бога: некои Го претставуваат како Старец, некои како Цар и уште многу други престави, кои се својствени на човековата природа и нејзините можности. Но, ако ние го насочиме нашиот поглед кон величината на светот, кон безграничното ѕвездено небо, кон прекрасната убавина и неразбирливото за умот, како и кон сложеноста на битијата, тогаш ние ќе дојдеме до разбирање на величината Божја и ќе осознаеме дека Бог е апсолутен Разум и апсолутна Сила. Од сето ова ние можеме да заклучиме дека Бог има однос кон сè што произлегува во овој свет, кон секој човек и кон сето создание.

Бог, од преголема љубов кон човечкиот род, Го испраќа и Својот Единороден Син, Господ Исус Христос, Кој се јавува во човечко лице, и Кој преку Своите страдања, смрт и воскресение го спасува светот. На Бога, како Творец, Му било угодно да ја излие и Неговата енергија врз секоја честица во овој свет, без која тој и не би можел да постои. Тоа приклонение на Бога кон овој свет се манифестира преку Неговиот Дух, односно Светиот Дух. Дејствувањето на Божествената благодат се однесува на целиот свет, на целиот космос и на секој  човек и тоа може да се спореди со сончевата светлина или со дождот. Сонцето подеднакво свети со своите зраци и ги осветлува сите на земјата. Некој може да се засолни од сонцето и да отиде под сенка, или да стави чадор и слично. Друг, пак, може да се сонча и да го покрие своето лице пред сонцето. Но, независно од тоа што прави човекот, сончевата енергија е неопходна и животворна за човекот.

Светиот Дух ја исполнува Црквата. Преку Светите Тајни, Тој ги води верниците во жив допир со воскреснатиот Спасител и со сето тоа што Богочовекот го има направено за родот човечки. Во светите Тајни ние ги примаме силите на Светиот Дух и сè она што Господ го направил за нас. Преку светите Тајни, ние постануваме соучесници во Божествениот спасителен план.

На ниту едно друго место во вселената, ништо вака подобно не произлегува и не може да произлезе. Ете затоа е Црквата исполнета со особена сила и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18). Затоа Црквата е спасителен ковчег, и тоа подобар од Ноевиот ковчег.

Да се обратиме со искрена молитва кон семилостивиот Господ, Тој да ја наклони Својата милост кон нас и да Го испрати Светиот Дух во нашите души и срца. Тој да нè укрепи и просвети во верата православна, та правилно да Го исповедаме Бога во Светата Троица, да живееме според учењето на нашата света Црква и вера и преку благодатта на Светиот Дух да спечалиме царство небесно. Амин!

            
21.06.2013 година
Втор ден Духовден
Света Софија - Охрид

 

Извор: Дебарско -кичевска епархија