Dime.Kratovo.jpg

  По вчерашната трагична сторија што Сител ја објави за опожарениот дом на семејството Додеви од кратовското село Приковци, во текот на денешниот ден помош пристига од сите страни. Хуманоста на граѓаните и на институциите не изостана и овојпат. Први напомош пристигнаа министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски.


-Од страна на Министерството за труд и социјална политика веднаш ќе биде обезбедена еднократна парична помош која првично ќе му се најде на семејството за да ги задоволи своите итни потреби во висина ооколу 30.000 денари. Тука се претставниците и од Црвениот крст кои ќе обезбедат пакети кои се специјално наменети за вакви случаи на опожарени куќи и семејства – истакна министерот Спасов.

-Најосновно е прво да помогнеме со градежен материјал да се покрие куќата за да може подоцна во неа да се одвиваат другите градежни работи и да може семејството во најскоро време повторно да се всели. Ќе помогнеме и со градежен материјал и финансиски во рамките на нашите можности – вели градоначалникот Андоновски.

Петчленото семејство со три малолетни деца е корисник на детски додаток. Единствен вработен е таткото Зоран. Семејството од Приковци во текот на следната работна недела ќе добие помош и од кратовскиот Центар за социјални работи. Донации подготвуваат и женските организации на ВМРО-ДПМНЕ и СПМ, а ќе се вклучат и учениците од двете кратовски училишта.

Домот повторно ќе се изгради, а во мигов најважно е да се вратат насмевките на лицата на Михаела, Дарио и Николчо.

Извор: ТВ. Сител

фото: МИА