Тропар на светата
Великомаченичка Христова
Ирина
5 мај / 18 мај

Твоето срце миомирисно семе Христово постана,
О, Ирино света девственичке,
од него Господ за себе мноштво народ подигна,
душата ти, палмина гранка на мирот се покажа,
О, Ирино света великомаченичке,
до која непријателот не можеше да се допре,
умот секогаш воздигнувајќи го кон небесата,
Христа го прослави на земјата.
Радувај се, Он тебе во слава те воскресна,
и сега и секогаш моли се за вселената,
ти, која од нас чудесно земена беше.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот епископ
Ефтимиј Мадитски
5 мај / 18 мај

Уште еден плод од родот човечки
со калем Христов облагодатен,
се подари преку тебе о Ефтимие свет подвижниче,
а Пастироначалникот паства ти довери
за да се восфалува Името Негово во веки.
По твоите молитви да бидеме од Бога
 помилувани и спасени.

                                 *брат на света Параскева

 


 
Извор МПЦ - ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светите Христови
маченици Мартин и Ираклиј
5 мај / 18 мај

Словени светот ве нарекуваше,
о, маченици свети Мартине и Ираклие,
во христијани црквата ве приведе,
а мачеништвото ви донесе венец во
Царството Небесно,
радувајте се и за нас молете се,
вие кои патот на спасението го пронајдовте.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот отец
Адријан Монзенски
5 мај / 18 мај

Поука силна житието твое ни остави,
Адријане свети подвижниче, докажувајќи низ свети поуки
дека Христос не е овде и таму, туку од срцето
треба да изнедри Царството Небесно.
Со твоите молитви оче свети закрили нé,
пред судот на Љубовта,
за да и ние воспеваме: Слава Ти Боже, слава Ти.

 

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (18.05.2021)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

 Светата великомаченичка Ирина

Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што татко ѝ Ликиниј беше малечок цар. Некои мислат дека таа е Словенка. Родена како незнабожка од родители незнабожци, Пенелопа (така ѝ беше името пред да се крсти) на христијанската вера се поучи од нејзиниот учител Апелијан. Св. Тимотеј, учителот на апостол Павле, ја крсти заедно со уште неколку дворјанки и ѝ ги донесе да ги прочита Посланијата на Светиот апостол Павле. Кога се одрече од мажачка го разгневи татко ѝ и тој сакаше да ја мачи, ама таа на чудесен начин го обрати во христијанство. Освен татко ѝ на маки ја подложуваа уште четворица други цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку ангели. Царот Седекија ја закопа до глава во ендек исполнет со отровни змии и скорпии. Но Божји ангел ги умртви отровните гадови и ја сочува Светата девица неповредена. Тогаш овој цар се обиде да ја истружи со бичкија, но бичкијата се одбиваше од нејзиното тело како од камен. По ова ја врза за тркало под воденица и пушти вода за да ја убие. Водата не сакаше да тече, а стоеше - и девицата остана жива и здрава. Царот Савах, синот на Седекија, ја поткова со клинци, натовари врз неа вреќа со песок и ја впрегна, па нареди да ја водат како добиче далеку надвор од градот. „Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говореше Светата маченичка впрегната трчајќи по своите мачители. Но Божји ангел ја затресе земјата и земјата се отвори, па ги проголта нејзините мачители. Откако ги преживеа сите маки, со што обрати во христијанство огромно мноштво незнабожци, Ирина премина во градот Калипол и во него ја проповедаше верата во Христа. Тамошниот цар Нумеријан сакаше да ја убие и ја фрлаше во три усвитени метални вола едно по друго. Но девицата беше спасена и остана жива. Мнозина видоа и поверуваа. Епархот Ваводин ја одведе во градот Константин, каде што намисли да ја убие ставајќи ја врз усвитени решетки. Но тоа не ѝ наштети на Света Ирина, а мнозина ги приведе кон верата на Вистината. Најпосле Ирина дојде во градот Месемвриј, каде што царот Савориј ја уби, но Бог ја оживеа. А кога го видоа тоа, царот и многубројниот народ поверуваа. И така со своите страдања Света Ирина приведе во Христовата вера околу сто илјади незнабожци. Најпосле самата легна во гроб и му нареди на Апелијан да го затвори гробот. Кога по четири дена го отворија, нејзе ја немаше внатре. Бог ја прослави занавек девицата и маченичката Ирина, која сѐ жртвуваше и сѐ претрпе за да Го прослави Него меѓу луѓето со сите сили што ѝ ги подари.

Светите Мартин и Ираклиј

Словени. Гонети од ариевците во Илирија. Испратени на прогонство овие витези на Православието го завршија својот земен живот и се преселија кај Господ во 4 век.