Тропар на светата маченица
Христова Пелагија Тарсиска
4 мај / 17 мај

Девице света, Пелагио Христова,
вистината го озари умот твој и исполни срцето,
со неа се излечи душата твоја,
радувај се сега во небесните дворови и погледни на нас,
кои денес го празнуваме чесниот ти спомен,
и моли Го Небесниот Женик Твој
да ги прости нашите прегрешенија, по твоите свети молитви.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
маченик Христов Еразмо
4 мај / 17 мај

Мачениче Христов Еразмо,
тебе бедниот посака душа и тело да ти растопи,
но Спасителот нив со ангелски крилја ги удостои,
моли се за нас ти кој со силата Христова
мртви воскреснуваше, губави очистуваше,
и народ кон спасение приведуваше.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот отец
Илариј чудотворец
4 мај / 17 мај

О тихување молитвено,
присно постоење пред нозете Господови,
сладост подарена на тебе Иларие,
кој со минливоста се помири.
Спомни нé во твоите молитви пред Христа принесени,
епископе свети чиј омофор имињата ги содржи,
на оние кои го чествуваат споменот твој чесен.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
свештеномаченик Алвиан
епископ и неговиот ученик
4 мај / 17 мај

Пламена е верата твоја во Бога свети епископе Алвиане,
и тој пламен духовно го согоре и ученикот твој,
со кого заедно Христа Го исповедавте
пред дверите на неверието, кои не го издржаа
огнот на пастирската љубов.
За нас молете се свети маченици,
на кои Господ небесните врати ви ги отвори.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

Тропар на светиот игумен
Никифор Мидикиски
4 мај / 17 мај

Добар пастир се покажа чувајќи го стадото Христово,
и преподобен пример остави со кој пламенот на верата
се запали во срцата на твоите ученици, о Никифоре,
поттикнувајќи ги на ревносен подвиг
со кој вселената ќе се осветли.
Мирно Христос те поведе во небесните одаи
од каде оче свети моли се, за спасение на нашите души.

 

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов маченик
Силуан Газски
и со него четириест маченици
4 мај / 17 мај

Камчето за сопнување не можеше да го
сопре големиот бран на благодатта о Силуане епископе,
со која ти народот го приведе кон Христа Бога.
Мачеништвото го запечати добриот подвиг твој
и те направи жител на рајот, каде Господ те пресели
заедно со паства од четириесет војници,
за да слушате непрестано: Алилуја.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (17.05.2021)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

Светата маченичка Пелагија Тарсиска    

sv.Pelagija.tarsiska.jpgРодена е во градот Тарс, од родители незнабожци, но богати и прочуени. Кога слушна од христијаните за Христа, таа се разгоре со љубов кон Спасителот и во душата беше целата христијанка. Се случи самиот цар Диоклецијан запре во Тарс и додека се бавеше во овој град неговиот син, принцот, се вљуби смртно во Пелагија, па сакаше да ја земе за жена. Преку својата зла мајка Пелагија одговори дека таа веќе Му се има ветено на Небесниот Женик, Господ Исус Христос. Бегајќи од скверниот принц и од својата мајка, Пелагија го побара и го најде епископот Клинон, човек прочуен по светоста. Тој ја поучи во христијанската вера и ја крсти. Тогаш Пелагија ги раздаде своите раскошни фустани и големото богатство, се врати дома и ѝ исповеда на мајка си дека е веќе крстена. Кога слушна за ова царскиот син и ја изгуби сета надеж дека некогаш ќе може да ја добие за жена оваа света девица, се прободе самиот себеси со меч и умре. Тогаш свирепата мајка појде и ја обвини кај царот својата ќерка, па му ја предаде на суд. Царот се восхити од убавината на девицата, заборави на синот и самиот се распали со нечиста страст кон неа. А бидејќи Пелагија остана непоколеблива во нејзината вера, царот пресуди да ја изгорат во метален усвитен вол. Кога ја разголеа мачителите, Света Пелагија се прекрсти со Крстот и со благодарна молитва кон Бога на усните самата влезе во усвитениот вол, во којшто за еден миг се растопи како восок. Чесно пострада во 287 година. Коските што останаа од неа ги прибра епископот Клинон и ги погреба на ридот под еден камен. Во времето на царот Константин Копроним на тоа место беше изградена прекрасна црква во чест на Светата девица и маченичка Пелагија, која се жртвуваше за Христа за со Него да царува вечно.