Тропар на светиот

Мартин Исповедник папа Римски

14 април / 27 април

Исповедниче на вистинската вера која спасува,
Мартине свети мачениче,
прими од нас пофалба и благодарност.
Од Бога со благодатна вистина исполнет,
на патот исповеднички цврсто остана,
и Христос преку тебе Црквата ја зацврсти,
Духот Свети пастирите ги умудри,
Троичниот Бог и денес нѐ милува
по твоите свети молитви.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите

Христови маченици

Антониј и Јован

14 април / 27 април

 

Јоване свети Христов мачениче,

тврдино на верата која го огради братот Антониј

и ободри да војува против прелеста на овој свет.

Молете се за нас свети исповедници,

кои во Христа ja добивте вистинската слобода.

 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
Христов маченик
Евсатиј Вилнушки
14 април / 27 април

Блажен си ти Евсатие Христов кој на Бога се предаде, смирувајќи се пред човечката неразумност,
страдањата ги прими како цврста градба,
од која Господ ја изгради твојата небеска куќа нетлена.
А заедно со Антониј и Јован послуживте
да се вознесе славата Божја помеѓу неразумните,
за кои Христос подигна храм за спасение и прослава.

 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христовиот маченик
Ардалион глумец
14 април / 27 април

Погледна на тебе Спасителот,
свети мачениче Ардалионе
и облека ти подари за да во претставата на овој свет,
ја посведочиш вистината за животот вечен и Христа го исповедаш
очистувајќи се во маките на исповедништвото.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Православен календар за 27/04/2022

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022 лето Господово

Од Верскиот календар:

Свети Мартин Исповедник папа Римски

Во времето на јаросната расправа на православните со еретиците монотелити, на 5 јули 649 година беше посветен за папа. Тогаш царуваше Констанс II, внукот на Ираклиј, а цариградски патријарх беше Павле. Со цел да се воспостави мир во Црквата самиот цар ја напиша книшката „Гипос“, којашто многу им погодуваше на еретиците. Папата Мартин свика собор од сто и петмина епископи, на којшто оваа царева книшка беше осудена. Во исто време папата му напиша писмо на патријархот Павле, молејќи го да ја држи чистата православна вера и да го посоветува царот да ги остави еретичките мудрувања. Ова писмо ги разлути и патријархот и царот. Затоа царот испрати во Рим еден војвода Олимпиј, за да го доведе римскиот папа врзан во Цариград. Војводата не се дрзна да го врзе папата, туку наговори еден војник да го убие со меч в црква. Но кога влезе војникот со скриениот меч во црквата, одеднаш ослепе. И со Божјата Промисла Мартин ја избегна смртта. Во она време пак, Сарацените напаѓаа на Сицилија и војводата Олимпиј замина за Сицилија и таму умре. Тогаш со сплетка на патријархот-еретик Павле, царот испрати друг војвода, Теодор, за да го врзе и да го доведе папата под обвинение дека тој, папата, стои во дослух со Сарацените и дека не Ја почитува Пресвета Богородица. Кога војводата стаса во Рим и го прочита обвинението против папата, овој одговори дека тоа е клевета, дека самиот нема никаква заедница со Сарацените коишто се противници на христијанството, „а оној што не ја почитува Пречиста Богородица и не Ја исповеда и не Ѝ се поклонува, да биде проклет и на овој и на оној век“. Ова не ја измени одлуката на војводата. Тој го доведе папата врзан во Цариград, а таму Св. Мартин мошне болен лежеше во затвор, мачен и исцрпуван со глад, додека најпосле не го осудија на прогонство во Херсон, каде што поживеа две години и издивна заради Господ во 655 година. Две години пред него умре во покајание Павле. И кога царот го посети пред смртта, тој ја заврте главата на другата страна и заплака исповедајќи дека многу грешеше против папата Мартин. Пред смртта Павле го молеше царот да го ослободи Светиот папа Мартин.

 

Светиот маченик Крискент

Од градот Мир Ликиски. Чесен и славен граѓанин. Јавно ја исповеда својата вера во Христа и ги исмеа мртвите идоли. За ова незнабожците го мачеа и го изгореа во оган.

 

Светиот маченик Ардалион Глумец

Прво беше артист комедијант. За развеселување на народот најпрво играше улога на маченик за верата и на сите можни начини ги исмеваше христијаните. Но кога настана гонењето на христијаните во времето на Максимијан, тој наполно се измени во духот. Гласно извика пред народот дека е христијанин и за ова го изведоа на суд. Пострада врзан за усвитена железна леса и така ја одигра својата вистинска и чесна улога на маченик