Тропар на светиот
Христов исповедник
преподобен Никита
3 април / 16 април

Исповедниче на православието,
пастиру на овците словесни,
велик молитвенику, од Никифора преподобниот
духовно роден, од Тарасие Патријархот
со оклопот на свештенство облечен,
смело изобличуваше со силата на Духот Свети
и цареви и Патријарси, оче наш Никито.
По твоите свети молитви, Христос нашиот Спасител
да ја очисти Иконата Негова, во срцата наши.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

Тропар на светиот
маченик Христов
Улпијан
3 април / 16 април

 



Морето телото твое го прими како бисер најскапоцен,
о Улпијане, очистен и измиен со крвта за Христа пролеана,
а Небесата кои ја објавуваат славата Божја,
нова ѕвезда изнедрија – дом вечен за прослава
на душата твоја молитвена,
која се застапува пред Господа за сите
 кои го чествуваат твојот спомен.

 

 

 



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Православен календар за 16/04/2024

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Свети Никита Исповедник

Роден е во Витинија во градот Кесарија. Неговиот татко Филарет штом се лиши од својата сопруга се замонаши и Никита остана кај баба му, мајката на татко му. Откако порасна и заврши со изучувањето на науките појде во Мидикискиот манастир, каде што игуменот Никифор го потстрижа за монах, а по седум години подвиг патријархот Тарасиј го ракоположи за јеромонах. По смртта на Никифор и на Никитиниот верен другар Атанасиј, братството го избра Никита за игумен, а тој тоа го прими наспроти својата волја. Свети Никита им беше светол пример за живот и подвиг на браќата цела низа години. Но кога се зацари царот Лав V Ерменин, после благочестивата Ирина и правоверните цареви Никифор и Михаил, иконоборната ерес повторно се распали. Царот го симна патријархот Никифор и го испрати во прогонство, а на негово место го воздигна еретикот Теодот Каситер, човек со нечист живот. Беше затворен и мачен и Никита, но тој не се поколеба во Православието. Го носеа од затвор во затвор, го мореа со глад и со жед, со мраз и со пот и подбив. Но не даде да се расколеба. Особено му здодеваше еден Никола со потсмеви и навреди. Една ноќ на Никола му се јави неговиот покоен татко во сон и прекорно му рече: „Отстапи од Божјиот слуга!“ Од тој миг Никола се покаја и не само што повеќе не му здодеваше на светителот туку и другите ги одвраќаше да не му здодеваат. Кога царот Лав Ерменин загина со зла смрт, царството го презеде царот Михаил Валвос, а тој ги ослободи православните страдалници. Никита се повлече во едно осамено место близу Цариград, каде последните денови од неговиот земен живот ги помина во молитва и благодарење. Кога умре телото му го пренесоа во неговиот манастир. При оваа поворка мнозина болни коишто се допреа до неговото тело се исцелија. Моштите му беа положени до гробниците на неговиот духовен отец Никифор и другар му Атанасиј. Овој голем јерарх се упокои во Господ во 824 година.

.

Светиот маченик Улпијан

Момче од градот Тир. Мачен за Христа од началникот Урбан, мачителот на Св. Амфијан (2 април). Најпосле го врзаа во вреќа заедно со еден пес и една змија и го фрлија во морето. Пострада и се прослави во 306 година.