ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот
Христов подвижник
Герасим Јордански
4 март / 17 март

О, Герасиме оче наш,
славо на подвижниците,
учителу на смиреномудрените,
ученику на великиот Ефтимие,
скротувачу на телесните и духовните ѕверови,
Христос на Кој се молеше сето тоа ти го подари,
застапи се за нас свет подвижниче
пред Оној Кој пустината во рајска градина ја приведе.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Христови маченици
Павле и Јулијана и другите со нив
4 март / 17 март

Кој освен небесата може да ја искаже силата Господова,
подарена на вас свети маченици Павле и Јулијано,
кои на Бога му угодивте, верата ја сочувавте,
Него го исповедавте, во сите денови на вашиот живот.
Одмор сега имајќи од вашето мачеништво,
за нас молете се од вишниот Ерусалим,
Господ да се смилува над нашите души.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
преподобен отец
Јаков Постник
4 февруари / 17 март

Длабочина неизмерлива е милосрдието
Твое Господи, кое го изли на слугата Твој Јаков,
а он повратникот од мртвите,
слава подаде на Името Твое, чест на силата
искажана во чудата, поклон пред љубовта Твоја,
која него го помилува, а и нас нѐ запазува,
по неговите покајни свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар
на светиот епископ
Григориј
4 март / 17 март

Блажен си ти Григорие подвижниче,
кој со благодатта Христова
облечен во силата на верата,
со молитви и солзи демонот го посрами,
па со дарот епископски мноштво народ
за Бога придоби, воден од раката на Пресветата,
чие име и прослава на храм благочестив ги подигна.
За нас сега оче свети сети се,
од висината на Господовото пристаниште.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (17.03.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Преподобен Герасим

Овој познат светител најпрво се учеше на подвижнички живот во Тиваида Мисирска, а потоа премина на Јордан и таму основа обител во која имаше околу седумдесет монаси и која до ден денес постои. За својот манастир постави посебен типик, според кој пет дена монасите поминуваа по келиите плетејќи кошници и рогозини; внатре не ложеа оган, а јадеа само по малку сув леб и урми. Кога излегуваа од своите келии ги оставаа отворени за да може секој кој би влегол внатре да си земе што сака. Во сабота и во недела се собираа во манастирската црква, имаа заедничка трпеза, со вариво и со малку вино во слава Божја. Тогаш секој монах ќе донесеше и ќе го положеше пред нозете на игуменот она што го изработил во изминатите пет дена. Монахот имаше само по една облека. Свети Герасим им беше пример на сите. За Чесниот Пост не јадеше ништо освен што се причестуваше. Еднаш виде лав како рика од болка бидејќи имаше трн во ногата. Герасим пријде, се прекрсти и му го извади на ѕверот трнот од ногата. Лавот толку се скроти, што појде по Старецот во манастирот и остана таму до неговата смрт, а кога умре Старецот и лавот загина од болка по него. Свети Герасим учествуваше на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, во времето на Маркијан и Пулхерија, па иако и тој најпрво клонеше кон монофизитската ерес на Евтихиј и Диоскор, на Соборот се покажа како голем поборник за Православието. Од таа ерес го одврати Свети Ефтимиј. Од учениците на Св. Герасим најславен беше Св. Киријак Отшелник. Свети Герасим се упокои и премина во радоста на својот Господ во 457 година.

Светите маченици Павле и Јулијана

Брат и сестра од Птолемаида Феникиска. Беа страшно мачени за Христа од царот Аврелијан и најпосле ги убија со меч. При нивните мачења се покажаа многубројни чуда. Незнабожците што ги видоа се обратија во верата, а некои од нив беа и убиени. Пострадаа во 273 година.

Свети Јаков Постник

Живееше во 6 век. Толку се восоврши во богоугодниот живот што со молитва ги лечеше најтешките болни. Но непријателот на човечкиот род наведуваше врз него силни искушенија. Така еднаш едни подбивачи испратија кај него една развратна жена. Таа се преправаше пред него и плачеше, а го навлекуваше на грев. Гледајќи дека ќе падне во грев Јаков ја стави својата лева рака во оган и ја држеше така додека не се испржи целата. Кога го виде тоа жената се исполни со страв и ужас, се покаја и го поправи својот живот. Но во друга прилика тој не му одолеа на искушението а падна во грев со една девојка којашто родителите ја донесоа кај него како избезумена за да ја исцели од лудилото. Тој навистина ја исцели, но потоа згреши со неа и за да го скрие гревот ја уби и ја фрли во реката. Тоа е вообичаено: од блудот до убиството нема многу. По ова Јаков поживеа десет години во еден гроб како покајник. Еднаш во време на голема суша од која страдаа и луѓето и животните, по неговите молитви падна дожд и по тоа позна дека Бог му го прости гревот. Овој пример е сличен на Давидовиот: свирепиот зол демон по Божјо допуштение може да ги собори и најголемите духовни џинови, но искреното покајание го привлекува Божјото милосрдие. А најголемите гревови биваат простени тогаш кога грешникот самиот си наложува сесрдна казна за гревот, таква што ги зафаќа сите длабочини на неговото битие.