ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на преподобниот
отец наш Јаков Нисибиски
¬13 јануари / 26 јануари

3.angeli.so.truba

Радувај се народе за кого пред Господа
Јаков свети се моли, подвижникот Христов,
скротувачот на пустината,
со Божја благодат телото го смири,
епископ милостив и праведен застапник
пред угнетените постана.
Бога така прославувајќи го, за нас
светило пред престолот Господов остана,
од кое Христос срцата ни ги осветлува.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов подвижник
Максим Капсокаливит
¬13 јануари / 26 јануари

3.angeli.so.truba

Духоносен ученику Христов,
љубимец на мајката Божја,
светлино Господова во црквата,
украсу на гората Атонска Максиме – усто незамолчлива,
која Името Христово - незапирливо над нас го излива,
моли се за нас оче свети и поведи нѐ по
патот на преумувањето, осветувањето,
со Христа жив во срцата наши.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светите Христови
маченици Ермил и Стратоник
13 јануари / 26 јануари

3.angeli.so.truba

Вие свети маченици Ермиле и Стратониче,
закрепнати од благодатта Господова,
Христос вашиот Спасител ве поттикна во подвигот маченички,
трката кон слободата ја завршивте,
верата ја одржавте и Царство Небесно наследивте,
молете се за нас о вие војници Христови,
да се спасат нашите души.
    

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите
Христови преподобномаченици
од обителта на преподобниот Теодосиј
13 јануари  / 26 јануари

3.angeli.so.truba

Горостаси на верата во Бога,
ревнители на тивката молитва за спасение
на душите обременети, маченици Христови
кои глас не пуштивте пред човечкото безумие,
отци преподобни Теодосиеви,
молете се за нас вие кои станавте Божји,
за да и ние по вашите свети молитви,
очи подигнеме кон Небесата,
вас ве чествуваме и Христа Го прославуваме.
3.angeli.so.truba

 3.angeli.so.truba

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (26.01.2024)

vozdvizenie.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

vozdvizenie.jpg

Светите маченици Ермил и Стратоник

Царот Ликиниј покрена луто гонење на христијаните. Св. Ермил, христијанин и ѓакон при една црква, го фатија и го изведоа на суд. Кога му кажаа дека го водат на мачење, тој многу се израдува. Залудно му се закануваше царот, Ермил слободно ја исповеда својата вера во Христа и на заканите му одговори: „Господ ми е помошник, од кого да се бојам, што може да ми направи човек?“ (Пс. 117, 6). После тешки мачења Ермил го фрлија во затвор. А чувар му беше Стратоник, потаен христијанин, којшто со сето срце сострадуваше со Ермил. Кога и Стратоник му го доставија на царот како христијанин, царот пресуди обајцата да се потопат во Дунав. После три дена нивните тела водата ги исфрли на брегот и христијаните ги најдоа и ги погребаа на осумнаесет стадиони далечина од Белград. Овие славни маченици пострадаа за Христа и се прославија во 315 година.

vozdvizenie.jpg

Свети Јаков, епископ Нисибиски

Живееше како отшелник во лето на отворено поле, а зимно време во пештера. Еднаш слезе во градот Нисибија за да види како успева верата христијанска и како живеат христијаните. Но тука го избраа за епископ. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор и го заштитуваше Православието од Ариевата ерес. Се случи еднаш незнабожните Персијанци со војска ја нападнаа Нисибија. Свети Јаков излезе со литија на градските бедеми и самиот се искачи на бедемот и шеташе по него не плашејќи се од непријателските стрели што беа управени на него. Шетајќи така светителот Го молеше Бога да го сочува градот и верните во него така што ќе испрати муви и комарци врз Персијанците за да ги изгонат од нисибиските бедеми. Не бараше смрт на непријателите ниту друга погибел или пораз, туку една малечка здодевност што би ги истерала оттаму. И Бог ја услиши молитвата на Својот угодник и испрати многу муви и комарци врз Персијанците, та нив ги изгони, а градот Нисибија го спаси. Свети Јаков поживеа долго и чесно, а во длабоката старост се упокои мирно, во 350 година.

Преподобен Максим Капсокаливит

Во 14 век се подвизуваше како монах на Света Гора на особен начин. Имено, се правеше по малку јуродив и постојано го менуваше престојувалиштето. А престојувалиште му беше колиба од гранки. Една по друга колиба тој ги подигаше и ги палеше, заради што и е наречен Капсокаливит, што значи Паликолиба. Го сметаа за луд сѐ додека на Света Гора не дојде Св. Григориј Синајски, којшто во Максим откри единствен подвижник, чудотворен молитвеник и „ангел во тело“. Се престави кај Господ во 1320 година.