ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 Тропар на воведение на
Пресвета Богородица
21 ноември / 4 декември

Денес е почетокот на Божјата милост
и на проповедта за спасение на луѓето.
Во храмот Божји јасно Дева се јавува
и Христа на сите го предвестува.
Нејзе и ние велегласно Ѝ извикуваме:
Радувај се, исполнување на промислата
на Создателот.

Извор МПЦ-ОА     


Православен календар за 04/12/2021

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 

 Од Верскиот календар:

 

Воведение на Пресвета Богородица    4 декември Лето Господово

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Ерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите Ја кренаа Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, кај што Ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Кога првосвештеникот Ја зеде за рака, Ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архиерејот. Св. Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „надвор од себеси и обземен од Бога“ кога Ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите Ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и Нејзе потоа Ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.