ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот
пророк Божји Осиј
17 октомври / 30 октомври

О пророче јасновидче Господов,
о гласу кој воскресната радосот ни ја објави,
о молитвениче кој покајанието
како лек ни го понуди,
Осие пророче Господов,
тело и крв тоа не ти го открија,
туку Отецот Небесен пред Кого сега стоиш,
и за нас постојано се молиш.
Господи слава Ти.

7.Vselenski.sobor

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Андреј Критски
17 октомври / 30 октомври

Крстот свој земајќи го, по Христа тргна
отфрлајќи ја лагата на светот.
Јован великиот на покајание повикуваше,
а ти Андрее цареви и народ изобличуваше,
кои ликот Христов во човека го нагрдија
и иконите ги осквернаа, не почитувајќи Го Оној
Кој во тело дојде и пред човекот се појави.
Венец маченички примајќи, Небесата те прославија,
сега чест и од нас примајќи, застапништво од тебе
пред Бога просиме, о, достојнославен мачениче.

7.Vselenski.sobor

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови бесребреници и маченици
Козмa и Дамјан и со нив
Леонтиј, Антим и Евтропиј
од Арабија
17 октомври / 30 октомври

Душите ваши за Христа оневестувајќи ги,
наука бесплатна проповедавте која душа и тело
во вечност приведува, о Козмо и Дамјане.
Сила која не само што лекува,
туку недопирлив од минливоста го прави човека,
насекаде Господ преку вас покажуваше.
Со неа свети угодници молитвено
закрилете ги нашите души, вие кои
двојна награда добивте заедно со
Леонтиј, Антим и Евтропиј од Раката бесмртна.

 7.Vselenski.sobor

Извор МПЦ-ОА     
Манастир св Јован Претеча Слепче


Православен календар за 30/10/2020 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 

 

 

 Од Верскиот календар:

Светиот пророк Осија    

Син Веириин од племето Исахарово. Живееше и пророкуваше 800 години пред Христа. Неговите боговдахновени зборови се наоѓаат во неговата книга составена од четиринаесет глави. Му упати многу укорувања на Израилот и на Јуда за идолопоклонството, пророкуваше за казната Божја за гревовите, ја прорече пропаста на Самарија и на Израилот заради богоотстапништвото, а и милоста Божја кон Јудиното колено. Го прорече укинувањето и престанокот на старозаветната жртва и доаѓањето на Господ и богатството на даровите коишто Он ќе ги донесе со Себе на земјата. Живееше до длабока старост и мирно се упокои.


Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан    

Едни од оние коишто се именуваат со ова име мирно се упокоија на 1 ноември. Другите беа каменувани во Рим на 1 јули, а овие третите беа од Арабија и под денешниот датум за нив станува збор. По занимање беа лекари, но кога ја примија Христовата вера ги исцелуваа болните со името на Исус Христос. Заради ова чудотворно лечење за нив се расчу на сите страни. Злобните незнабожци ги фатија и ги одведоа пред кнезот Лисиј во градот Егас. Бидејќи Светите браќа по никоја цена не сакаа да се одречат од Христа, најпрво ги фрлија во море, а потоа во оган. Но Семоќниот Бог ги спаси и од потоп и од оган. Ангел Господов им се јави спасувајќи ги. Незнабожечкиот кнез му го припишуваше ова на некоја нивна магија. А тие му одговорија: „Никаква магија не знаеме и не користиме, но ја имаме силата Христова којашто нѐ спасува и нас и сите што го повикуваат пресветото име Христово.“ Тогаш ги удираа со камења, но камењата се одбиваа од нив; ги стрелаа со стрели, но и стрелите се одбиваа. Најпосле ги обезглавија со меч. Со нив пострадаа и примија венец на слава Светите Леонтиј, Антим и Евтропиј. Пострадаа во времето на Диоклецијан и Максимијан. Од нивните свети мошти се јавија многубројни чуда, како во времето кога беа живи.