ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот
Преподобен Пимен Велики
27 август / 9 септември

Учителу на смиреномудрието, противнику на осудувањето,
лекару на страстите телесни и духовни,
сјајна ѕвездо на преподобните, надеж за сé во Христа положуваше,
оче Пимене преподобни,
зборовите на Духот Свети, од тебе вавек ги хранат душите наши,
моли се нив да ги примиме
и во смирение Крстот наш да го понесеме.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот отец
Кукша свештеномаченик Христов
и неговиот ученик Никон Печерски
27 август / 9 септември

Радувај се свештеномачениче,
радувај се просветителе во Христа на народот Вјатчански,
оче преподобен Кукша,
преку кого Господ сотвори мноштво чудеса
и кој заедно со ученикот твој верата ваша
ја запечативте со крвта маченичка.
Радувајќи се сега во Небесните живеалишта,
спомнете си за нас пред Христа Бога.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
епископ Римски
Либериј
27 август / 9 септември

Силата на верата елеј на мудрост доли
во срцето твое о, Либерие пастиру Божји,
и исповедувањето Никејско остана да струи
во духот твој придобиен за Христа.
Од Него сега примајќи благодат на радост,
застапи се пред Господа да се простат
нашите прегрешенија.
 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Пимен постиник Печерски
27 август / 9 септември

Постот и воздржанието о, Пимене свети,
како оган во тебе ја согори секоја лага
демонска и мудрување телесно.
Затоа благодатта ти ги отвори очите на умот
и ти во сегашноста беше осветлен
за секое сознание во слава Господова.
Во тој дух ти не се оддели од Кукша братот твој
со кого денес ликувајќи пред Христа
молете се за спасение на нашите души.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец
Пимен Палестински
27 август / 9 септември

Спасителот те очисти и од последниот долг
према светот о, Пимене преподобен,
со благодат штитејќи те од зимата на страстите,
а ти оче свети радувајќи се во полнотата на радоста
моли се и нас да нé прими и помилува
заради милосрдието и човекољубието Негово
по молитвите твои свети.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
Христов маченик
Фануриј
27 август / 9 септември

Мачениче свети Фанурие, Вишниот гледајќи
ја пламената љубов ги услишува
молитвите свети твои за родот човечки,
особено за сите кои духовно жртва љубовна
пред Бога принесуваат за ближниот свој.
Радувај се страдалниче за верата која спасува,
и моли се за сите кои пламена свеќа пред Христа
согоруваат за мајката твоја и нивно спасение.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (09.09.2023

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

Преподобен Пимен Велики

Pimen.veliki.jpgРодум Мисирец. Голем мисирски подвижник. Како момче ги посетуваше прочуените подвижници и собираше од нив опитно знаење како трудољубива пчела. Еднаш Пимен измоли од Старецот Павел да го однесе кај Свети Паисиј. Кога го виде Паисиј му рече на Павле: „Ова дете ќе пасе многумина, со него е раката Божја.“ Со време Пимен се замонаши и кон монаштво привлече уште двајца од своите браќа. Еднаш дојде мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пушти внатре, а ја праша: „Сакаш повеќе да нѐ видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечи со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам овде.“ Во манастирот на овие тројца браќа, со којшто управуваше најстариот брат, Анувиј, типикот беше ваков: ноќе четири часа минуваа во ракоделие, а четири во псалмопеење. Дење од утрото до пладнето времето го минуваа наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читаа, а после Вечерната си подготвуваа вечера: тоа им беше единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје. За нивниот живот самиот авва Пимен рече: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир. Авва Пимен се подвизуваше во 5 век и мирно се упокои во длабока старост.“