ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот Христов
преподобномаченик Дометиј
7 август / 20 август

Испоснички подвизувајќи се на гората,
со Крстот како силно оружје,
умното мудрување на демонските полкови го разруши,
о ти блажен Дометие.
Во мажествено мачеништво облекувајќи се,
го погуби Копроним со мечот на верата;
на тој начин, ти секогаш славен преподобномачениче
со двоен венец од Бога се овенча.

Извор МПЦ – ОА

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Наркис патријарх Ерусалимски
7 август / 20 август

Радувај се пастиру Божји и за нас моли се
старче праведен, кого ревноста по Христа
те доведе во пределите рајски,
о, Наркисе свети чудотворче, чии молитви
и зборови слобода и смелост имаат
пред Единиот Бог во Пресвета Троица.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Пимен многунапатен
7 август / 20 август

Болестите подвиг станаа кој душата ја очисти,
а тебе со трпение и смирение те наоружа,
о, Пимене свети подвижниче,
даровите од Бога испратени на
радост и спасение наше ти ги умножи
со благодатта која те крепеше.
За нас сега ти моли се, кој во тагата на болеста,
радост во Христа пронајде.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Ор
7 август / 20 август

Слово на смиреномудрието, со ангелите
трка непрестајна во Богоугодништво водеше,
на сите како на Христа нозе им миеше,
собирајќи така благодат брз благодат,
о пастиру Господов Оре преподобен,
моли се за нас свет молитвениче,
да не се умориме името Христово повикувајќи го,
по твоите свети молитви.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светите
Христови маченици
Марин и Астериј
7 август / 20 август

Браќа по дух, раководени од ревноста по Бога,
Го исповедавте Оној Кој луѓето ги создаде,
а вас во познание еден на друг ве приведе
во својата света соборна, Апостолска Црква.
Радувајте се маченици свети и за нас молете се
пред Оној Кој побара едно да бидеме.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Никанор чудотворец
7 август / 20 август

Патот за Кого го приви срцето свое,
дверите на подвижништвото ти ги отвори,
о, Никаноре преподобен оче наш,
и секоја препрека согоруваше
од благодатта која во тебе пребиваше.
Господ благоизволи нетленоста твоја
да чудотвори во слава Негова и затоа
оче свети моли се, за оние кои го
чествуваат споменот твој чесен.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Од Верскиот календар на МПЦ (20.08.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 Преподобниот маченик Дометиј

Роден е во Персија како незнабожец, во времето на царот Константин. Како момче се запозна со верата Христова, го остави незнабоштвото и се крсти. Толку ја засака вистинската вера, што напушти сѐ светско и се замонаши во еден манастир кај градот Нисивија. Во братството поживеа некое време, па се оддалечи на безмолвие кај некој архимандрит Нурвел, за кого се вели дека шеесет години не јадел ништо варено. Старецот Нурвел го заѓакони, па кога сакаше да го принуди и во чин на свештеник, Дометиј побегна во некоја пустинска гора и се насели во една пештера. Достигна толкаво совршенство низ постот, молитвата, бдението и богомислието, што исцелуваше болни. Кога во тие предели дојде Јулијан Отстапник, слушна за Дометиј, па испрати луѓе коишто го заѕидаа жив во пештерата заедно со неговите двајца ученици. Така заврши овој Божји Светител во 363 година и се пресели во Божјото Царство.

Преподобен Ор

Отшелник Тиваидски. Имаше преголем подвиг и достигна големо совршенство. Кога добро се утврди и се освети себеси во самотијата, тогаш постепено основа неколку манастири и беше извонреден духовен раководител и наставник на мнозина монаси. Руфин, којшто го посети, вака го опишува: „Во својата облека тој личеше на Божји ангел, деведесетгодишен старец со долга брада бела како снег, со многу пријатна надворешност. Неговиот поглед светеше со нешто натчовечко.“ Повеќепати видел ангели Божји. Особено се трудеше никогаш да не изговори невистина. Имаше големи искушенија од демоните, но трезвено и храбро ги совлада сите. Се причестуваше секојдневно. Еднаш неговиот ученик го опомена дека е Воскресение и дека треба да се празнува. Кога го слушна тоа, тој излезе надвор, ги крена рацете кон небото и три дена помина во молитва без одмор. Па му објасни на ученикот: „Тоа и е празнувањето на Воскресението за монахот, да го возвиши својот ум и да го соедини со Бога.“ Се упокои во длабока старост, околу 390 година.

Светите маченици Марин и Астериј

Првиот беше војник, а вториот римски сенатор. Во времето на царот Галиен Свети Марин служеше како војник во Кесарија Палестинска. Заради верата во Христа беше убиен со меч. На неговото страдање присуствуваше сенаторот Астериј, којшто беше христијанин. Тој ја симна од себе својата долама, го обвитка телото на маченикот, го зеде на рамо, го однесе и чесно го погреба. Кога го видоа тоа незнабожците го убија и него со меч. Чесно пострадаа за Христа во 260 година.


Преподобен Пимен Многуболезнен

Од малечок болежлив и од малечок желен за монашки живот. Во Печерската лавра го донесоа заради исцеление, но тој остана таму до смртта. Повеќе Му се молеше на Бога за болест одошто за здравје. Ноќе му се јавија ангели и го потстрижаа за монах. Тогаш му рекоа дека ќе боледува до смртта и дека пред да умре ќе оздрави. Така и стана. Дваесет години лежеше на постела. Правеше големи чуда за време на животот и беше голем проѕорливец. Пред смртта стана од постелата наполно здрав и веднаш почна да си подготвува гроб. Се упокои во Господ во 1110 година.

Светиот свештеномаченик Наркис, патријарх Ерусалимски

Убиен со меч во времето на Антигон, во 213 година, во сто и шеснаесеттата година од животот.