ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот Христов
маченик Емилијан
18 јули / 31 јули



Емилијане свети мачениче,
од роб на луѓе слуга Божји постана,
од лагата во вистината Мудроста те приведе.
Идолите рушејќи ги прво во себе,
не го издражаа налетот на Божјата благодат,
о ти светителе во кого огнот ништо не најде да очисти,
како чист сад пред Христа претставувајќи се,
моли се мачениче,
огнот на испитувањата да го поминеме,
и по твоите молитви царство небесно да наследиме.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов маченик
Јакинт
18 јули / 31 јули

Во прашина се развеа лагата световна,
при призивот на Името Господово
о Јакинте свет мачениче, но и во прашина
се јавува благодатта од гробот твој,
над оние кои го чествуваат споменот
на твоето свето страдање,
и Христа Го молат, да бидат помилувани
по твоите свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Памво
18 јули / 31 јули

Испосниче Христов,
усто замолкната но секогаш за збор Господов спремна,
срце очистено кое на Бога само се надева,
Памво оче свет преподобен,
моли се за нас сиромавите,
со молитва од духот твој облагодатен,
незамолчливо, непрестано пред Христа Бога.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Јован многустрадален
18 јули / 31 јули

Низ многу маки се влегува во Царството Небесно:
поучуваше ти облагодатен оче Јоване,
кој награден од Господа за трпение и смирение,
телото на духот го покори,
величајќи Го Бога во секој ден на земниот живот твој.
Сега пак радувај се и моли се од местото
на покојот, каде денот не заоѓа.


 


Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

Од Верскиот календар на МПЦ (31.07.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Bogorodica.Petok.jpg


Светиот маченик Емилијан

Во времето на Јулијан Отстапник во тракискиот град Доростол живееше момчето Емилијан, слуга на градоначалникот. Кога царот Отстапник почна со меч и со оган да го сотира христијанството ширум римското царство, во Доростол дојде царски пратеник да ги убива христијаните. Но не најде ни еден единствен. Израдуван од тоа, тој им приреди голема гозба на доростолските граѓани и заповеда големо жртвопринесување на идолите и деноноќна веселба по целиот град. Таа ноќ тргна Свети Емилијан по идолските храмови, по плоштадите и градските улици и со копач ги испокрши сите идоли. Утредента во градот настана ужас. Сите го бараа разурнувачот на нивните богови. Беше фатен еден селанец когошто го видоа тоа утро како минува крај храмот. Кога виде дека ќе пострада невин човек, Емилијан си рече: „Ако го сокријам своето дело, што корист од тоа што го сторив? Зар да се најдам пред Бога како убиец на невин човек?“ Му се пријави, значи, на царскиот намесник и призна сѐ. Овој разјарен го запраша Емилијан кој го наговори на она дело. Христовиот маченик одговори: „Бог и мојата душа ми заповедаа да ги урнам мртвите столбови што ги нарекувате богови.“ Тогаш судијата нареди да го бијат, а после да го изгорат во оган. Така го заврши својот земен живот Свети Емилијан и се пресели во небесниот на 18 јули 362 година.

Преподобен Памво

sv.Pamvo.jpg

Мисирец и подвижник на Нитриската Гора. Современик на Св. Антониј Велики и самиот голем во монашките подвизи. Беше познат особено по две особини: со долго вежбање го заклучи својот јазик да не каже ниеден излишен збор и никогаш не јадеше друг леб освен оној што го заработи плетејќи рогозини со своите раце. Беше сличен на ангел Божји и на старост лицето му светеше како некогаш на Мојсеј, така што монасите не можеа да го гледаат в лице. Ни на најпростите прашања не даваше брз одговор, без претходно да се помоли во срцето и да размисли. Еднаш Александрискиот патријарх Теофил ги посети монасите во Нитрија. Тогаш монасите го молеа Памво: „Кажи му на отецот слово за наѕидување за да му биде на полза“. Молчаливиот Памво одговори: „Ако моето молчење не му е од полза ни моето слово нема да му биде“. Патуваше еднаш Свети Памво со монасите по Мисир. Кога наидоа покрај некоја група луѓе што седеа додека монасите минуваа крај нив, Свети Памво им рече: „Станете и поздравете ги монасите за да примите благослов од нив, зашто тие непрестајно беседат со Бога и нивните усни се свети“. Овој прекрасен светител проѕираше јасно во судбините на мртвите и на живите луѓе. Се упокои во Господа во 386 година.