ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светата Христова
великомаченичка Ефимија сефална
- за чудата
11 јули / 24 јули



Жив е Господ и жива си ти света Ефимио,
која не го остави стадото Христово,
не само што за гревот на ближниот пред Бога се застапуваш,
туку за покривање на падовите во Црквата милост имаш.
Нетленото твое тело во вековите,
Бог по твоите молби го остави на верните,
чудеса Љубовта преку него подаваше
и од застранување народот кон Христа го приведуваше.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
нов преподобномаченик
Нектариј
11 јули / 24 јули

Благодатта Христова ја приведе кон тебе силата на спознанието,
о Нектарие свет покајниче, а таа го запали огнот на исповедништвото,
о свети мачениче, кој ја изми нечистотијата на лагата,
и кон Господа ја приведе душата твоја очистена.
Оттаму сега за нас моли се, свет и достоен мачениче.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
нов преподобномаченик
Никодим Елбасански
11 јули / 24 јули

Денес сите воскликнуваме:
по твоите молитви свети о Никодиме,
да се удостоиме Царство Небесно да добиеме.
Ти кој бродолом духовен претрпе,
со благодатта Господова повторно се искачи на гората на спознанието,
и Христос те пресретна примајќи го твоето покајание
кое со венец маченички го запечати.
Затоа радувај се од нас денес слушни оче преподобен.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
Христов маченик
Киндеј
11 јули / 24 јули

Радоста наша е неизмерна свети Киндеј мачениче,
поради силата на благодатта која Господ преку тебе ја покажа,
наоѓајќи во срцето твое место
каде можеше Он глава да потслони.
Чудесата се големи исто како и венецот маченички,
со кого ти се закити, и сега за нас моли се
пред Оној, кој стана Господар на твоето срце.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светите
Христови маченици
Теодор и Јован
11 јули / 24 јули

Првомаченици на земјата Руска безбожна,
молитвеници кои благодатта Божја
ја донесовте над народот кој седеше во смртна сенка,
Теодоре и првино таткова – Јоване.
Молете се за нас свети маченици
по чии молитви великиот Владимир
ја спозна Трисончевата Светлина.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот Христов
свештеномаченик Арсениј
патријарх Александриски
11 јули / 24 јули

Нашиот Спасител како овца на колење беше поведен,
о Арсение пастиру Христов,
а и ти свети мачениче се удостои на таква смрт телесна.
За нас моли се, кои се радуваме на твоето свето исповедништво,
свештеномачениче Господов,
кој благодатно времето на минливоста го надмина.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светата
праведна рамноапостолна
Елена кнегиња Руска
11 јули / 24 јули

Воскликнува денес Црквата Христова:
благословена си ти Елено света меѓу руските жени,
бидејќи ја остави темнината а ја побара вистинската светлина,
го отфрли идолското многубоштво, а Го засака вистинскиот Бог,
Кој со мудрост и разум те обдари,
и како кандило несогорливо те испрати,
да ги просветлиш оние кои живееа во смртна сенка.
Радувај се и за нас моли се, мајко света праведна.
 
*пред крштението – Олга

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (24.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021лето Господово

 Од Верскиот календар:

 sv.Efimija.jpg

Светата великомаченичка Ефимија

Оваа светителка се празнува на 11 септември, на денот кога пострада. На ова место пак се спомнува чудотворноста на нејзините чесни мошти, пројавена на IV Вселенски Собор во Халкидон. Овој Собор беше свикан во времето на царот Маркијан и царицата Пулхерија во 451 година, по смртта на царот Теодосиј Помладиот. Повод за свикување на Четвртиот Собор беше ереста на Диоскор, патријарх Александриски, и на Евтихиј, архимандрит Цариградски. Тие го распростираа лажното учење дека во Христа да немало две природи, човечката и Божествената, туку само една, Божествената. На овој Собор највидна улога играа цариградскиот патријарх Анатолиј и ерусалимскиот патријарх Јувеналиј. Бидејќи со препирања и докажувања од две спротивни страни не може да се дојде до никакво одредено решение, патријархот Анатолиј предложи и православните и еретиците да го напишат своето исповедање, па да ги положат во ковчегот со моштите на Света Ефимија. Со ова се согласија сите. Двете вероисповедања, значи, беа напишани и ставени на градите на великомаченичката, ковчегот беше затворен и запечатен со царски печат и уште беше поставена војничка стража. Тогаш сите поминаа три дена во пост и во молитва. Четвртиот ден, кога го отворија гробот, го видоа православното исповедање во десната рака на светителката, а еретичкото под нејзините нозе. Така спорот се реши со Божја сила во корист на Православието. Во времето на царот Ираклиј моштите на Света Ефимија беа пренесени од Халкидон во Цариград, во црквата што ѝ е посветена, близу хиподромот. Иконоборниот цар Лав Исавријанин нареди и ги фрлија моштите во морето; но на чудесен начин ковчегот беше пренесен на островот Лимнос и положен во црквата на Светата маченичка Гликерија. Дури во времето на царицата Ирина ковчегот со моштите беше повторно вратен во Цариград на своето старо место. Од овие мошти одвреме навреме течеше крв, којашто им помагаше на болните и на неволните.