Првите шест дена се денови на творенија, на работа. Денот седми е ден за покој, ден Господов. Осмиот ден, пак, е симбол за идниот век, ден на вечното празнување со Христа. Господ Христос се обреза и го исполни во целост Стариот Завет, давајќи ни го во наследство новозаветното обрезание – крштението, кое е внатрешно, духовно обрезание, завет за заедница на човекот со Бога, и труд за зачувување на таа заедница. Зашто според учењето на светите отци обрезанието, т.е. крштението е отфрлање на телесните задоволства и непотребните желби на душата кои го одвојуваат човекот од Бога. Оваа аскетска симболика во толкувањето на обрезанието ни открива голема тајна. Како што старозаветните верни преку обрезанието давале завет дека ќе Му служат на Бога, така и ние, новозаветниот Израил – Христијаните, преку светото крштение даваме завет дека „се одрекуваме од сатаната и неговите дела“ и „се соединуваме со Христа“, односно стапуваме со Него во тесен, вечен сојуз. Во Стариот Завет се обрезувала плотта како печат на заветот, а во Новиот завет сме должни „да го соблечеме гревовното тело“, т.е. секој грев кој го поткопува нашето заедничарење со Бога.

    Многумина го избрале тој пат на подвигот, на служењето на ближните заради Христа, и не само што го одржале заветот даден кон Бога, туку се вброиле и помеѓу Неговите пријатели. Споменот на еден од нив, кој се удостои да биде наречен „велик и вселенски учител“, го славиме токму денес – „мудриот и верен Василиј, кој беше епископ во Кападокиската област, во градот Кесарија, и кој ги превозгласи спасителните догмати ширум целата вселена. Навистина Василиј е основа на добродетелите, книга за похвали, живот со чудеса, служител на земните, зерцател на небото, прекрасен лист на свештена мудрост, испишан одозгора со Божествени букви“ (Св. Ефрем Сирин).
    Епископ г. Партениј, Игумен Бигорски


Извор: Бигорски манастир