лого

16ти декември   2020 лето Господово

 3.angeli.so.truba

Архимандрит СЕРАФИМ

ПРАВОСЛАВНО ЧЕТИВО

1) БОГАТИОТ ПАТНИК

zaboraveni.lekarstva.jpgВо едно затскриено, убаво балканско селце пристигнал на летна почивка чуден туѓинец. Тој бил многу богат човек. Патувал сам, бил многу уморен и сакал што поскоро да најде место каде што ќе престојува за да си отпочине. Имал намера да ги усреќи оние кои ќе му дадат тивко и пријатно засолниште. Бидејќи неговото богатство било непроценливо, тој на гостољубивите домаќини сакал да им даде таков подарок, каков што тие дури и не сонувале.
Забележал една однадвор убава куќичка со прекрасна местоположба и решил во неа да побара место за починка. Затропал на вратата. Но, веднаш штом му отвориле и го поканиле да влезе, тој неволно отстапил. Одвнатре го облеал неподносливо замирисан воздух. Што забележал? – Домот на тие луѓе и свинската кочина биле под еден покрив. Без да каже за што дошол, патникот се извинил и излегол од дворот.
 Продолжил понатаму покрај бистрата рекичка што течела низ селото. Во близина, вниманието му го привлекла друга убава новоизградена куќа. Решил и таму да затропа. Но, домаќинот на куќата бил многу зол човек, кога видел дека туѓинец се доближува до дворните порти, го пуштил кучето и не му дозволил да влезе ниту во дворот. Патникот побарал закрила и во трета куќа. Таму љубезно го поканиле и тој влегол внатре. Но, кога видел дека во таа куќа се е растурено и без ред, покриено со прав и саѓе, покриено со ѓубре и пајажини, заклучил дека и таму нема да го добие спокојството што го барал.
 Во четвртата куќа, бидејќи веќе бил преморен, решил што и да забележи да застане. Но таму, покрај нередот и нечистотијата, забележал и ште нешто. На скалите имало дамки од стеници, а тој не поднесувал паразити. Покрај тоа, тие и го полазиле и тој побрзал да побегне и оттаму.
 Го обиколил целото село, но никаде не нашол чисто катче каде што ќе може спокојно да си отпочине. Се чудел како тие луѓе, живеејќи во таков прекрасен крај, можеле толку многу да ги запостават своите домови - низ селото течела мала река. По кривите стрмни улички на многу места жубореле мали поточиња. Сретсело и на други места во селото имало чучури и чешми од кои изобилно течело вода. На патникот му било јасно дека нечистотијата на селските куќи не се должи на недостиг од вода туку само на негрижата на нивните домаќини.


 На крајот од селото, веќе победен од уморот, се упатил кон една  куќарка каде што се покажало дека живее добра домаќинка. Таму наишол на голема гостољубивост, пријатни и насмеани лица. Уште веднаш, штом влегол во една од одаите, забележал дека внатре се е едноставно, но чисто и убаво уредено. Во аглите немало пајажини, штиците на подот биле штотуку измиени, а воздухот во одајата проветрен. Се гледало дека низ отворените прозорци честопати се пуштаат пријатните мириси на блиските полјани и шуми да влезат во таа куќа.
 Патникот со олеснување воздивнал и останал во тој дом. Најпосле нашол тивко, пријатно катче каде што ќе отпочине. Тука оставил својот голем подарок.
 Драги читатели, сте се запрашале ли: ако дојде нашиот Спасител, Кој ни го носи најголемиот дар – Својата небесна благодат со која ги усреќува и спасува нашите души, и ако побара засолниште за Себе во нашите души, ќе најде ли соодветно засолниште?  Св.Макариј Египетски вели: “Како што Бог ги создал небото и земјата за човекот да престојува на нив, така и телото и душата на човекот ги создал за Свое живеалиште…”, за ова Апостолот вели: “Негов дом, пак, сме ние” (Евр. 3,6) .
 

Исус Христос, Тој прекрасен небесен Гостин, честопати доаѓа кај нас и сака да влезе под покривот на нашата душа. Тој се јавува помеѓу нас во недостижното таинство на Св.причест. Тој тропа на секоја врата, жеднее да влезе во секој дом, сака да разговара со секое срце, сака да ја усреќи секоја душа што верува и да $ го даде Својот небесен дар.
 Но, како Го пресретнуваме? Дали Тој може да престојува во секој од нас онака како што би сакал?
 Ете, еден пристапува кон Светата Причест и Го кани Господ во тајната одаја на своето срце: “Дојди, Господи Исусе и всели се во мене!” – шепоти тој во причестните молитви. “Повели, влези под мојата стреа, во домот на мојата душа! Ќе ја отворам вратата на мојата недостојна уста! Всели се во мене!”.
 Но, Исус Христос отстапува со одвратност од таа гостопримливо отворена уста! Одвнатре излегува неподнослива духовна смрдеа! Таму мириса на блуд и злоба, на среброљубие и завист, на гордост и егоизам… И Небесниот Гостин отстапува. Тој не може да влезе во таков дом каде што човекот и бесовите – тие духовни свињи – сожителствуваат под еден покрив.
 Ете, други го убедуваат да пости и да се причести; го молат да Го прими во своето срце Исус Христос, Кој ја носи големата и сеспасителна Божја благодат, најголемиот дар што го добило човештвото!
 Но, тој не сака да слушне за тоа. За него небесните светињи се непријатни! Па, му пречат да живее онака како што тој сака. Зошто му е Причеста? Тој ги пушта кучињата да Го пресретнат небесниот Гостин и да не Му дозволат да се доближи до портите на неговата душа.
 Трет, пак, постел, се молел и се подготвувал за Светата Причест, но не ги простил навредите што му ги нанеле ближните, не престанал со своите сплетки, не ја смирил својата душа. Во неа се е без ред. Гревовите како прав и саѓе го покриваат неговото надворешно благочестие. Ѓубре и пајажина ја загрозиле неговата вера. И тој, во таква состојба, си дозволува да Го покани небесниот Гостин во одајата на своето срце! Зарем не се плаши дека ќе Го нажали наместо да Го зарадува со тоа свое бесмислено гостопримство?
 Четвртиот слуша дека се тропа на вратата на неговата совест, но тој дотогаш не помислил да ја очисти. Таму големи порочни дамки ги извалкале некогаш чистите прозорци на душата! Многу гревовни навики натрупале ѓубре по тајните катчиња на срцето! Беден човек! Паразитите на злото, злите духови, го нападнале и ги цицаат животните сокови на неговиот духовен живот. Ако тој ги отвори вратите и при таква нечиста покуќнина и безредие Го покани највисокиот небесен Гостин, зарем мисли дека ќе Му овозможи чист и радосен одмор?
 Но, кој би можел за својот духовен дом да рече дека е доведен во беспрекорен ред и дека може да Го пречека небесниот Цар?
 Сите ние, помалку или повеќе, сме недостојни за дојдениот од небесата кај нас Искупител. Ама ете, Тој тропа на нашите порти (Откр. 3,20). Тој Самиот жеднее да влезе во нас, бидејќи ние сме создадени за Него и бидејќи без Него сме бескрајно несреќни. Тој доаѓа за на сите да им го донесе Својот небесен дар.
 Има ли, пак, начин да станеме достојни за Него? – Со голема радост треба да речеме: Има! Тој начин е покајанието и исповедта! Со исповедта, кога таа е искрена, длабока, поврзана со одвратност од себеси и желба за започнување на нов живот, одајата на нашето срце се очистува од сиот гревовен смет. Со исповедта се изгонуваат демоните, тие погибелни паразити за неа. Со исповедта се отвораат прозорците на душата за преку нив да влезе убавиот мирис и свежината на Божјата благодат. Со исповедта повторно се доведуваат во ред сите измешани мисли и претстави, сите хаотични чувства и желби на срцето. Најпосле, со исповедта се украсува душата и таа станува достојна да Го прими најубавиот Гостин – Исус Христос.

2) ГРЕВОТ

 Драги читатели, ние сме создадени за Бога и единствено во Него го наоѓаме врховното блаженство по што копнее нашето срце. Ништо друго надвор од Бог не може да ја усреќи нашата душа! Дајте му на човек се што ќе посака, тој ќе му се радува на тоа одредено време, но потоа ќе стане рамнодушен бидејќи чувствува дека му недостасува нешто друго, многу повозвишено. Зарем и детето не и се радува на новата играчка се додека не огладни? Тогаш ја фрла играчката и бара леб. И меѓу најгласните задоволства на животот, и меѓу најголемите постигнувања на светот, некаква неискоренлива внатрешена глад за правда и мир и радост во Светиот Дух (Рим. 14,17) ја мачи нашата душа и не и  дава мир!
 Тој благословен глад е глад за Бога. Во право е блажени Августин кога во своите “Исповеди” пред Бога, вели: “Ти не создаде за Себеси и нашето растревожено срце е неспокојно се додека не добие успокојување во Тебе” .
 Единствениот гостин Кој може да ја усреќи нашата душа е Бог. А штом Бог е нашето највисоко блаженство и најголемо добро, вистина е дека она што ни го попречува патот кон Бог за нас е најголемо зло. А такво зло е гревот.
 Напразно некои непросветени луѓе го бараат најголемото зло за човекот на друго место, надвор од гревот. Едни за најголемо зло ги сметаат болестите, други – сиромаштијата, трети - смртта. Но, ниту болестите, ниту сиромаштијата, ниту смртта, ниту, пак, која и да било земна несреќа, не може да биде за нас поголемо зло од гревот. Бидејќи тие земни несреќи не не одвојуваат од Бога ако ние искрено Го бараме, туку напротив, не доближуваат до Него.
 Светите апостоли биле сиромашни, но збогатувале многумина (2. Кор. 6,10). Па и при сиромаштија биле богати, бидејќи го поседувале прекрасниот Божји дар – небесната благодат, која уште во овој живот ги направила бескрајно блажени! За нив сиромаштијата можела да биде големо зло, но сепак тие се здобиле со сокровиште во вечниот живот?!
 Болестите не се најголемото зло за човекот, бидејќи болестите на телото, поднесени со смирение, вера и трпеливост, можат да ја излекуваат душата болна од грев и да ја доближат до Бога – најголемото богатство на човекот.
 И смртта, за оние што веруваат, не е страшна, бидејќи преку неа како низ врата се оди кај Бог, Кого Го сакаме и Кој н# сака, Кој за оние што Го сакаат го подготвил она, “што око не виде, уво не чу, ниту на човек на ум му падна” (1. Кор. 2, 9)!
 А, гревот е најголемата несреќа на срцето – оттргнатост од сокровиштето на благодатта. Гревот е смртоносна болест на душата, болест што не лишува од земните и небесните радости. Гревот е страшна и непрежална духовна смрт што вечно не откинува од радоста на рајските жители и не погребува во темнината на адот!
 

Нема, нема поголемо зло за човекот од гревот! Тој ги погубува и телото и душата! Тој го загорчува сегашниот и вечниот живот! Тој ги предизвикува раздорите во семејствата, кавгите помеѓу соседите, недоразбирањата помеѓу роднините! Тој го запалува огнот на злобата помеѓу народот! Тој ја возгордува и ја ожесточува душата! Тој го труе со завист срцето! Тој го изгонува од градите чувството за светост и ги поканува демоните да се вселат таму! Тој не откинува од Бога! Тој го гаси сето она што ни свети во срцата. Тој не учи на лагата, стомакоугодување, егоизмот и среброљубието! Тој не тера да зборуваме лошо за ближните и да ги осудуваме! Тој ни ја поттикнува раката на кражба! Тој не исполнува со гнев и лутина! Тој ни шепнува да се одмаздуваме! Тој ги прави сите насилства, блудови и престапи! Тој е причината за сите болести, страдања, неправди, насилства, крвопролевања и војни! Тој ги исполнил душите на сите нас со неподнослива духовна смрдеа! Тој ја разлева таа смрдеа во однесувањето помеѓу нас самите!
 Дали сте се запрашале зошто е загушливо во светот? Зошто мачно се живее? Зошто не можеме да се поднесуваме еден со друг? Одговорот е: бидејќи гревот ја затрул атмосферата на животот. Сите ние сме болни од грев. И ако нелекуваните рани по телото предизвикуваат неподнослива смрдеа, колку пострашна е смрдеата од гревот!
 Како што болестите на телото може да бидат надворешни (видливи) и внатрешни (сокриени), така и гревовите, како болести на душата, може да бидат видливи и невидливи. Ние честопати се успокојуваме со тоа што можеме да ги сокриеме гревовните рани на нашата душа од очите на тие околу нас. Во очите на оние околу нас изгледаме како добри и пристојни луѓе. Но, од Бог ништо не може да сокриеме. Неговите очи се посветли од Сонцето и проникнуваат насекаде. Кога би можеле да ја фотографираме или пак, со помош на некакви духовни рентгенски леќи да ја видиме скриената духовна состојба на секој од нас, или пак, на целиот човечки род, тогаш би не опфатил ужас!
 Гревот е едно бескрајно зло, што е навреда за бескрајниот Бог. Господ ни заповедал да не грешиме. А ние грешиме и со тоа го навредуваме бескрајното величие на Творецот.
 Словото Божјо рече: “Гревот е беззаконие” (1. Јов. 3,4). Тоа значи: гревот е нарушување на Божјиот закон. Секој нарушен закон, било граѓански или природен, со себе повлекува и казна. Гревот како задушување на највисокиот закон – светата Божја волја – води кон најтешки казни. Тие казни можат да бидат времени и вечни. Времените Бог ги праќа за вразумување и исправање. Ако се покаеме и се измириме со Бог, ќе се избавиме од вечните казни. Но, ако останеме во нашите гревови со ожесточеност, ако не сакаме да се покаеме за нив, ако сме упорни во богопротивното расположение, Бог ќе н# остави да одиме каде што сакаме.
 Крајот на гревот е конечно раскинување со Бога, и бидејќи Бог е радоста на човековото срце, раскинот со Бога е лишување од таа радост, т.е. вечна мака. Штом гревот во својата суштина е толку страшен и според последиците толку погибелно зло, како тогаш сите ние толку лесномислено грешиме? Како сме стигнале дотаму толку интимно да се спријателиме со нашите гревови, да свикнеме на нив до тој степен што мнозина, ако не и сите, претпочитаат да мислат дека гревот е нешто неизбежно во животот! И како сме можеле и се уште можеме да ги трпиме нечистотиите, правот и пајажината во одаите на нашите срца, живеејќи со тапа бесчувствителност во тоа безредие, во смрдеата на нашите беззаконија! Сето тоа е едноставно необјасниво, но тоа е факт. Огрубени, морално затапени, сме станале глуви кон повиците на нашата сопствена совест и кон грижата за нашето спасение. И таа безличност стигнала дотаму што ја потценуваме тежината и судбоносноста на нашите злодела. Сметаме дека кога грешиме не правиме ништо особено. О, кога би можеле да ја измериме сета тежина на нашите гревови и кога би можеле јасно да почувствуваме дека тој товар не влече кон дното на адот, попрво би се согласиле земјата да не проголта и скалите да не потрупаат, отколку да грешиме и да Го гневиме Бога!
 Ако си замислиме една вага и на едниот тас да ги ставиме човечките гревови, а на другиот – светоста на сите светли духови кои се на небото и на сите праведници што живееле на земјата, таа севкупна светост на небесата и земјата не би можела да го подигне тасот со човечката огревовеност. Само Божјата сила може да го подигне. Затоа Бог Го испрати на земјата Својот единороден Син, за Тој со Својата голготска жртва да го искупи човечкиот грев. Оттогаш сите гревови на сите луѓе од сите времиња можат да бидат простени, само треба да се принесе покајание за нив. Оттогаш, нема грев што е потежок од тежината на Божјото милосрдие. “Бог толку многу го засака светот што Го даде и Својот единороден Син, па сешто верува во Него да не погине, но да има живот вечен”. “И еве Го Агнецот Божји Кој го зеде на Себе гревот од светот”.
 Брзајте, грешници! Има и за нас избавување! Исус Христос, Кој на Своите плеќи го понесе гревот на целото човештво и Кој со Својата смрт на крстот плати за нашите долгови кон Бог, може да ги понесе и нашите гревови на Своите рамења. Нели, за тоа св. Андреј Критски, во името на сите нас што згрешивме пред Господ, се моли: “Земи го од мене моето тешко бреме и дај ми солзи на покајание!” Но, ние треба да лееме вистински солзи на покајание! Бидејќи има само два вида на вода што ја мие нечистотијата од гревовите: водата на крштението и солзите на покајанието. При тоа, како што тврди св. Јован Лествичник: “Иако овие зборови звучат малку смело, извирањето на солзите по крштението е повеќе од крштението. Бидејќи крштението не очистува од поодамнешните престапи, а солзите не очистуваат од гревовите направени и по крштението. Бидејќи крштението сме го примиле на детска возраст, сите ние сме го оскверниле, а со солзите повторно го очистуваме. И, ако Божјото човекољубие не ни беше дало такви (солзи на покајание), тешко ќе се најдеа луѓе што ќе се спасат”.

3) ЗАБОРАВЕНОТО ЛЕКАРСТВО

 Светата тајна Исповед со полно право може да се нарече: “Заборавено лекарство”. “Целиот свет лежи во зло. Секој од нас одделно е заразен од смртоносната болест наречена грев, но може и да се излекува од таа болест. Лекот е даден! При тоа, тој е и чудотворен! Штом го земеш, оздравуваш! Но ние не посегнуваме по него за да се исцелиме и да ни олесни совеста. Зошто? Бидејќи сме го заборавиле и сме го потцениле.
 “Зошто да умирате вие, доме Израилев?” – со тага извикува св. пророк Језекил. Зошто да умирате во вашите гревови, христијани? – со уште поголема тага извикува нашиот искупител Исус Христос. Зарем за вас нема избавување од смртта? Зошто да го радувате непријателот на вашето спасение – сатаната? Зарем Јас во Својата Црква не го востановив семоќното покајание? “Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта!” (Језек. 33,11). Покајанието, тој бесконечно добар дар, ви е дадено: “Во кој и да е миг од животот и какви и да се гревовите, тоа дејствува со еднаква сила: очистува од секаков грев, го спасува сешто прибегнува кон Бога, па дури тоа да е и во предсмртните минути”.
 За земните болести има земни лекови. За најстрашната болест, наречена грев, семоќниот Небесен Лекар има небесен лек. Тој Лекар е Исус Христос. Бидејќи секој грев претставува нарушување на светиот Божји закон, единствено Бог со Својата прекрасна семоќност може да ги проштева гревовите.  Тој може да го направи и тоа гревовите да се излекуваат исто како да не постоеле. “Гревовите ваши да се и како бакам, - како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, - како волна ќе станат бели” (Иса. 1,18), ветува Тој. Но, за да се случи тоа, од нас се бара да исполниме еден услов - вистински да се покаеме.
 “Никој не е толку благ и милостив како Господ, вели свети Марко Подвижник, но и Тој не ги проштева гревовите на оној што не се кае” и “Ние не биваме осудени за мноштвото наши зла, туку затоа што не сакаме да се покаеме”. И така, Господовата семоќност може да ги проштева гревовите на луѓето. Но, погледнете колку е недостижно Божјото милосрдие! Бог ја дал Својата власт за проштевање на гревовите на луѓето – на апостолите и  на нивните наследници во лицето на епископите и свештениците!
 Зошто Бог постапил така? За покајанието, а следствено на него и проштевањето на гревовите, да ни биде уште поблиску, уште подостапно, уште понепречено! “Примете Дух Свети!”, им рекол Исус Христос на Своите апостоли: “На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат” (Јован 20,22-23). “С# што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и с# што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото” (Матеј 18,18).
 Како се врши проштевањето на гревовите? – со посредство на Тајната Покајание или Исповед. Христијанинот што е обременет со гревови со длабоко покајание во душата и со искрена желба да се поправи оди кај свештеникот и во целосно откриена и потполна исповед му ги открива тајните на своето срце и на  својата совест. Свештеникот, кога ќе се убеди во искреното покајание на христијанинот, по соодветните молитви му ја чита разрешителната молитва: ”Господ и Бог наш Господ Исус Христос...”
 Во мигот кога свештеникот простува на земјата, се простува и на небото! Па, зарем има поголема милост од оваа? Ние немаше да поверуваме дека тоа е возможно ако не ни беше кажано од Оној Кој “не направи грев, ниту, во устата Негова се најде измама” (1. Петр. 2,22).
 Гревот е едно неизмерно зло, со неизмерно тешки последици – вечни маки во адот! А неговото лекување, востановено од Исус Христос е толку лесно! Тоа е едноставно неверојатно!  Како што на десетмината лепрозни Исус Христос им рекол: “Отидете и покажете им се на свештениците!” (Лука 17,14), и тие откако отишле се очистиле, така, Тој и на нас грешните како да ни вели: “Вие сте болни од духовна лепра?! Не плашете се! Ќе се очистите! Исполнете го само ова: одете и покажете им се на свештениците!”
 Ако ја игнорираме таквата Божја милост, кажете колку повеќе казни ќе заслужиме што за нашето спасение не сме го направиле и она малку што ни е наложено да го направиме и што било толку лесно!
 Св. библија ни раскажува дека војводата на сириската војска Нееман бил болен од лепра. Кога слушнал дека во Израелската земја има еден Божји пророк – Јелисеј, што може да го излекува, со многу слуги и подароци отишол кај него и застанал пред влезот на неговиот дом. Светиот пророк не излегол да го пресретне, туку пратил да му кажат: “Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист” (4. Цар. 5,10). Кога ги слушнал овие зборови, Нееман се разгневил и рекол: “Ете, јас мислев, дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господа, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата, а тој ме праќа да се капам во реката Јордан! Зарем во Сирија немаме подобри реки?” И си тргнал налутен. Но, слугите му се доближиле и му рекле: “Оче, да беше ти кажал пророкот нешто тешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!” (4. Цар. 5,13). Зарем ова што е лесно нема да го направиш?
 Нееман ги послушал своите слуги и се искапил седумпати во Јордан и телото му се исчистило и му се обновило како на мало дете.
 Колку страшна болест е лепрата! А колку лесно ја очистил Божјиот човек! Зарем на истиов лесен начин не се случува и лекувањето на најстрашната болест – гревот? Нурни се во длабочините на длабокото покајание и Божјата благодат ќе те очисти од секаков грев! Ќе излезеш од духовната бања на Св. тајна исповед со обновена и чиста душа, онаква каква што е душата на детето!
 Гревот го симна првиот ангел, Деницата, од небото! Гревот ги изгони Адам и Ева од рајот! Гревот го предизвика потопот во светот! Тој грев ни се заканува и нам, вечно да н# оддели од Бога и да н# испрати во бездните на адот за навек.
 Ако Бог побара од нас да го раздадеме сиот наш имот на сиромаси, ако Тој побара сиот наш живот да го поминеме во пост или веднаш да се откажеме од сите земни радости и утехи за да се искупиме за нашите гревови и да се избавиме од тешките злокобни последици, дури и тогаш би требало да се согласиме на с#, само да се избавиме од вечните маки во адот кон кои н# влече нашиот грев. А сега видете колку лесно спасение ни востановил Бог: “Отидете и покажете им се на свештениците! Исповедајте ги своите гревови пред нив! Покајте се од срце и ќе се ослободите од веригите на злото!”
 По сето ова, кој разумен човек би ја игнорирал Исповедта? Ние можеме да ги спасиме нашите души само на два начина: или никогаш да не грешиме, или да се каеме за нашите гревови. Но, бидејќи меѓу луѓето нема таков што не направил грев, ако сакаме да се помириме со Бог, Кого Го гневиме секојдневно со погазувањето на Неговата света волја, ни останува само тоа: искрено и чесно да се покаеме. Инаку нема да го видиме лицето Божјо, бидејќи ништо нечисто нема да влезе во светлиот небесен град!

(продолжува)

Заборавеното лекарство (II дел)

 

Софија 1992 г.

 

16ти декември  2020 лето Господово

Извор

TVITer270

П.П. 2008-01-02 01:56:34

 

Друго:

3.angeli.so.truba

https://preminportal.com.mk/prebaraj?searchword=%D0%97%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%B5%D0%BD%D0%BE%20%D0%BB%D0%B5%D0%BA%D0%B0%D1%80%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE&ordering=newest&searchphrase=all

 

 Благодарност до отец Зоран Данев

кој во далечната 2008 година

ни ја посочи за објава оваа прекрасна книга

во  духовна полза на верниот народ .

 

Од Редакцијата на Преминпортал