Zarko.sv.Gavril7.jpg

Постот е насилство над природата и лишување на грлото од насладата на кojашто се навикнало, вели свети Јован Лествичник. Според учењето на свети Таласиј, „вистинскиот пост е кога јадеме малку, кога употребуваме проста храна и се оддалечуваме од стомакоугодувањето. Добро е да не се јаде до вечерта, но и тогаш да нема прејадување, за да не се обнови повторно она што е претходно, со нејадењето срушено.“
 Од ова е очигледно дека постот во подвижничкото благочестие е постојано, но постепено и благоразумно умртвување на најнеопходните потреби на нашата земска природа!
 За да може христијанинот да се навикне на непрекинат пост, светите Отци подвижници ги предлагаат следните мерки:

1. Да се почитува благоразумната постепеност во изборот и количината на храната. „На ручек јади до наситување, а навечер малку воздржи се” вели свети Серафим Саровски. „Храната треба да се внесува двапати на ден, и треба да се јаде пристојно, со страв Божји. Тоа значи дека ништо не треба да се јаде од похота, туку тогаш, кога се има природна потреба и тоа толку, што и по јадењето и пиењето да се чувствува по малку глад. Таа ситост без претерување е почеток на светиот пост.“

2. Постот треба да се прилагодува кон телесната снага. „Воздржувањето кај секого треба да е соодветно на неговата телесна снага, за да не се случи човек да пости помалку отколку што може да издржи, ниту пак повеќе отколку што може да поднесе”, вели свети Василиј Велики. Притоа, треба да се јаде и да се пие малку помалку од она што е потребно. И треба секој самиот на себеси да си ја одреди мерката што ќе може да ја држи.

3. Постот е божествена глад. И кога страстите се засилуваат, тогаш треба и постот да се засили (свети Ефрем Сирин).

4. Треба да се избегнува претеран и исцрпувачки пост, дури и во време на телесно искушение. Свет Исаак Сирин предупредува: „Чувај се од преголема изнемоштеност на телото, што може да предизвика мрзеливост којашто, пак, може да ја олади душата. Секој треба како на вага да го мери својот живот. За време на јадењето чувај се да не си дадеш слобода ниту во базначајните работи. Твоето седење нека биде целомудрено. Особено за време на спиењето биди целомудрен и чист и строго внимавај на помислите и на своето тело”. „Лукавите демони поттикнуваат не само на стомакоугодништво, туку и на претеран пост, оти знаат дека таквите ќе паднат или во гордост заради помислата дека се посовршени од сите подвижници, или до толку ќе ослабат телесно, што ќе станат некорисни и за себеси и за другите.

5. Добро е да се јаде секој ден. Да се јаде секој ден не е одлика на несовршените, туку на особено совршените, само ако се почитува правилото и обичајот за умереноста, бидејќи сите преданија од светите Отци се добри и богољубиви.

6. Ако се најдеме во друштво во коешто ни се укажува гостропримливост, треба да се земе сè што ни се принесува. „Да се јаде со благодарност кон Бога секој вид храна и пиење што се става пред нас, оти беше речено за секоја твар дека сè беше многу добро (Пост. 1, 31)“, вели блажениот Дијадох. Кога некој Го прославува Бога, тогаш нека го прави тоа сеќавајќи се на Добротворецот со такво душевно и телесно расположение што ќе сведочи дека човекот не јаде безгрижно, туку како да е набљудуван од Бога, а и со тоа што целта на јадењето нема да му биде задоволството (како кај робовите на стомакот), туку бодрост во делата што се вршат по Христовите заповеди (како кај слугите Божји).

7. Во случај на прекумерност и невнимателно невоздржување, не треба да се очајува, туку тоа да се надомести. „Треба да ѝ се снисходи на душата во нејзините немоќи и несовршенства, и да се трпат сопствените недостатоци како што се трпат и на другите, но не треба да станеме мрзеливи, туку да се поттикнуваме на подобрување “, вели свети Серафим Саровски.

8. Кога телото е немоќно или болно, не треба да се пости. Телото исцрпено од подвизи или болест треба да се поткрепува со умерен сон, јадење и пиење, дури и без оглед на времето. Исус Христос откако ја воскресна од мртвите Јаировата ќерка, веднаш заповеда да ѝ се даде јадење (Лука 8, 55).  Постот е измачување на телото со цел здравото тело да се смири и да стане немоќно за страстите, според зборовите на апостолот: „Кога сум слаб, тогаш сум силен” (2 Кор. 12, 10). Меѓутоа, болеста е над ова измачување и се прима наместо пост, па и повеќе од тоа. Оној што е болен, не мора и со пост да го измачува своето тело. И треба да Му благодари на Бога што со болеста се ослободил од маките на постот.

9. Според свети Јован Лествичник, во скротувањето на стомакот помагаат работата, бдеењето и сеќавањето на смртта.

10.  Никој не може да се ослободи од стомакоугодништвото, вели свети Варсануфиј Велики. Освен оној кој ја достигнал мерата на оној што рече: „Заборавив да го јадам лебот свој. Од гласот на воздишките мои се прилепија коските до телото мое (Пс. 101, 5)“. На таквиот солзите му служат наместо леб, и тој на крајот ќе се храни со Светиот Дух. Тогаш таквото тело ќе ги следи мислите во Бога, и во срцето ќе се јавува радоста на Духот што ја храни душата и го исполнува телото, крепејќи ги двете, и таквиот човек повеќе не слабее и не паѓа во униние: оти, оттогаш Исус станува негов Застапник и го поставува близу до она место од каде што побегна секаква болест, жалост и воздишка (Иса. 51, 11) и врз него се исполнува словото од Писмото: Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6 ,21).

 Извор: ПРЕМИН