НЕ ОЧЕКУВАЈ НИШТО ОД НИКОГО
Автор: о. Спиридон Скутис

________________________________________


        Нѐ прогонуваат неисполнети желби и очекувања од другите. Кога тие не се исполнуваат, во нас навлегува тагата и разочарувањето.


Се жалиме и молиме за љубов, пријателство и добрина од другите, а за жал, повторно се разочаруваме. Жедта за тоа луѓето да ја пополнат нашата празнина, на крајот, нѐ доведува до извор без вода и нѐ остава повредени и страдални.


Се обидуваме во пустината на животот да засадиме очекувања и желби, но наместо да израсне плод, таа пустина станува минско поле.

Patot.na.podviznikot70
Сето тоа е затоа што го насочуваме нашето битие во погрешна насока. Наместо да се свртиме кон Исток и да Го побараме Сонцето на Правдата — Христос, ние избираме западна насока и се сопнуваме по патеки на мракот и смртта.


Старецот Емилијан Симонопетриски ја поставува вистинската основа на нашите односи со другите:


                „Кога сакаш да се вооружиш за да ги надминеш тешкотиите во односот со луѓето, направи го следново: никогаш не   дозволувај себеси да имаш дури и најмала желба, затоа што секоја желба неизбежно ќе те доведе до спротивставување, па дури   и до судир со луѓето, а тој судир ќе ја ограби твојата внатрешна борба и ќе го уништи твоето внимание.“


Од тоа што го посакуваме зависи тоа што ќе се случи. Ако волјата e болна, и резултатот ќе биде болен. Единственото силно копнеење што сме должни да го имаме е Христос и Неговото Царство. Сите други очекувања и желби се движат во тлението на смртта и залудно се трудиме за нив.
Да не ја бараме полнотата во човечките односи и на материјално ниво, зашто таму нема да ја најдеме. Господ ни го разјасни тоа: Тој е највисоката врска, исполнувањето на сите односи, темелот на сè. Тој е Алфа и Омега, Почеток и Крај, вечност и Рај.


Само врската со Христос може да ја угаси жедта на нашата душа, која секојдневно се се мачи во безумни и бесплодни желби. Љуби, помагај, давај, прегрнувај — и не грижи се! Биди светилник на светоста и не дозволувај те вознемирува тоа што го прават другите.
Не очекувај ништо од никого — ти направи го своето и не се плаши.


Стани свет за преку твоето присуство да се утешуваат повредените срца и да наоѓаат исцеление.


Светоста е нашето назначение:
„Бидете свети, зашто Јас сум свет“ (1 Петар 1:16).


Другите нека те следат и нека прашуваат:
Кажи ми како живееш, за и јас да живеам така!“ — а ти одговори:
„Дојди и види“ (Јован 1:47).


Не барај, човеку, лажни и слатки љубови — никогаш нема да најдеш мир. Во прегратката на Господ се наоѓа полнотата на сите наши потреби, желби и очекувања на душата.


Нашата христоцентрична љубов нека стане осветување — да го осветуваме целиот свет, за да се рашират Небесата низ целата вселена. Не барај никогаш љубов — стани љубов! Тоа е доволно за да се преобразат луѓето.


Тргни сега! На добар пат, со благословот на нашиот Господ!

 

Подготвил Симеон Стефковски

04.12.2025