TVIT544

ТОЛКУ ЛИ Е ВАЖНА НЕДЕЛНАТА СВЕТА ЛИТУРГИЈА?

TVIT545

           Многу често во црковната реалност се пројавуваат проблеми кои не само што не можат да се занемарат, туку и се отфрлаат без посебно внимание и анализа. Во нив на особен начин пулсира духовниот ритам на богобарателите, носат сомнителен набој , па дури и опасен за чистотата на православната исповед. Затоа, ние имаме света должност да ги разјасниме и осветлиме не само од лична гледна точка, туку со светлината на вистинското исповедање на светото Православие.
      Верниците и оние кои не веруваат доаѓаат во храмот, палат свеќи, се молат, плачат, но кога ќе им пријде свештено лице и ќе ги покани да присуствуваат на богослужбата за да се ‘’потопат’’ во таа нова за нив мистична реалност, тие изрично одбиваат или поради некоја причина ја отфрлаат оваа понуда. Ова не само што е тажно, туку е и за осуда, бидејќи имено тоа ја носи полнотата на духот и полнотата на благодатта на Христовата порака. Тие достигнуваат секогаш „донекаде“ и самите поставуваат пречки на нивниот пат кон и во Христа. Тоа го прават или поради незнаење и мрзеливост, или едноставно поради каприците на својата себичност.
Посебно чувствителна тема и камен на сопнување се покажува потценувањето на значењето на неделната света Литургија. Затоа, разјаснувањето на ова болно прашање е од големо значење за воцрквувањето на православниот верник и за изградбата на неговиот личен духовен ритам. Сите слоеви на суеверие, обичаи во практиката и се што е сомнително треба да бидат разоткриени и осветлени со чистото Богопознание.

 TVIT546


           Светата Литургија е центар на православниот духовен живот, срцевина на светото Православие и центар на вистинското источно разбирање на нашето пречисто богопознание. Таа е нашето срце што отчукува и кое му дава живот на целото тело на светата Црква. Во својот неверојатен состав и света симболика се споени сите значајни настани од мисијата на Богочовекот Христос и Неговото Тело, светата Црква. Свештеникот што чиноначалствува е само директен и видлив извршител, посредник и канал на нејзината мистична порака. Самиот Син Божји е присутен во неа и раководи со неа, како што е присутна и целата небесна црква во нејзиното неискажливо и невидливо величие.
           Секој православен христијанин кој копнее да биде вистински мора да биде литургичен. Не само да присуствува на светата Литургија, туку и живо и молитвено да учествува во неа и да ја доживува како нешто длабоко скриено и неоткриено. Да ја вгради во себе, повторно да ја открие и да ја живее со нејзиниот богочовечки ритам. Со неа ја славиме и благодариме на Светата Троица - Отецот, Синот и Светиот Дух - за сите видливи и невидливи дарови кон нас. Земната и небесна Црква Христова го произнесува најторжественото прославување на Создателот.
             Ова особено се однесува на неделната света Литургија. Зошто? За сите христијани неделата е света. Се вели „... Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои;а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог “ (2. Мој. 20:9-10). И ова е четвртата Божја заповед, вдахновена на Боговидецот Мојсеј и потврдена и осветена од Спасителот Христос. Ден на Бога, но и ден за добри дела и одмор.
              За нас ова е ден за спомнување на Христовото Воскресение, имено седмиот ден - недела. Воскресението на Спасителот е симбол на победата на животот над смртта и силите на сатаната. Тој е посебен сам по себе, надвор и над останатите, издвоен, осветен, избран, богопомазан, над и пред сите останати, тој е откровение Христово. Особено за нас православните верници тој е клуч за осознавање на целото учење.
                Светото Православие е пасхоцентрично и не престанува да ја велича и прославува токму оваа неземна и извонредна победа. Тоа е највеликиот ден во историјата на човештвото, нашиот Велигден. За нас во Бугарија ( и во Македонија, м.з. ) е „недела“, а за сите што зборуваат руски е „воскресение“. Ние, православните, сме Божји деца кои претпочитаат да не расудуваат, туку да се радуваат, да не филозофираат, туку да слават во прегратките на својот возљубен Отец и да ја искусат Неговата универзална победа. Тоа е официјален празник на сите православни верници, што на посебен начин се одразува во богослужбата. Во редоследот на светата Литургија, по пеењето на Херувимската песна и непосредно пред големиот вход, свештеникот што служи ги кади престолот, олтарот, иконите и служителите од солејот и тивко, не како вообичаено што се кажува 50 Псалм „Помилуј ме, Боже“, туку „ Откако го видовме Воскресението Христово “. И во овој ден отустот е секогаш „Христос, нашиот вистински Бог, Кој воскресна од мртвите, по молитвите...“ со што се истакнува овa несекојдневно собитие.
Ова е денот во кој треба да и оддадеме највисока слава на личноста на нашиот Спасител и на неговата победа над силите на адот, во кој сите треба да торжествуваат, да се веселат и да го доживуваат одново и одново. Во него не се коленичи во знак на пофалба и славење. Самата божествена служба е исполнета со патос и вдахновение, со воодушевување над вселенската победа на Седржителот Христос над силите на темнината.

TVIT547
            

            Постои апостолско правило според кое ако православен христијанин не посетува неделна литургија три последователни недели без вистинска причина (болест или нешто што навистина го попречува неговото присуство), треба да биде отлачен. Ова звучи чудно, но има своја внатрешна и неизоставна логика уште од динамиката на раната Црква до секуларизмот на нашето време. Овој принцип остана непроменет наспрема секого и сè и независно од сè, мора да го разбереме без да брзаме да го отфрламе.
За некои современи верници, ова е премногу сурова мерка наметната од светите отци во раните векови. Но, ако влеземе и живееме во Светиот Дух, ќе видиме дека секој што го прави тоа се отлачува самиот себеси. Затоа што ја оддалечува и ја одвојува својата душа од живиот поток на верата и пулсот на светата Црква што пулсира, одалечувајќи се себеси со својата отуѓеност и непосветеност.

 TVIT548

                Но, дали мајката Црква може да биде сурова кон своите деца, особено кога преку својата љубов и строгост проси од нив присуство и однос кон денот на својот небесен Владика Христос? Местото на секој кој верува во Него и Го исповеда е во Неговиот дом на молитва и благодарност. Затоа, несоодветна е секоја манифестација на мрзеливост и невнимание, како и секое оправдување за недостаток на време или за потреба од одмор во раните утрински часови околу час и половина, кога се служи богослужбата.
Зошто кога сме потопени во стихиите на светот и секој работен ден одиме да ги извршуваме обврските на работа, сме доволно одговорни, па дури и прецизни поради стравот или инстинктот на самоодржување или желбата за профит, но кога треба да побараме и да покажеме однос кон Него - Семоќниот и Семилостив Бог, не сме на нашата позиција и отстапуваме? Колку вреди нашата вера? Што е сведоштво без потврда, зборови без дела?
               Сите ние кои го носиме Неговото свето име - христијани - сме должни секаде и во сè да го бараме најнапред Неговото царство и праведа, имајќи ветување дека сè друго ќе ни се придодаде. Тоа се однесува на сè во нашиот секојдневен и духовен живот - од најголемото до најмалото - а особено на тој најсвет и благословен ден, во кој му оддаваме слава и чест на светото Христово Воскресение.
              Затоа, да бидеме доволно трезвени и да ја носиме својата вистинска духовна одговорност пред Него и пред светителите. Да бидеме верни не само на зборови, туку и во нашите дела и да учествуваме и да живееме со оваа голема и неземна радост на неделната литургија. Тоа е апотеоза ( величење ) на сè во богослужбата и круна на сите наши напори и надежи за сегашноста и иднината, бидејќи тогаш се возглавуваме самите себе кон Седржителот Христос.

 

Автор: отец Јасен Шинев / bogonosci.bg
За Преминпортал: Симеон Стефковски

 29ти мај 2023 лето Господово