Angel.chuvar.Akatist

АНГЕЛОТ НА МИРОТ


Речено е:
           „Гледајте да не презрете, едно од тие, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен“ (Мат. 18, 10).
Секој кој верува во Христа има свој ангел чувар, ангел на мирот. Така, уште од древност, секој славен маж имал ангел, како што ни зборува  и Јаков:
           „Ангелот, Кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови овие деца...“ (1. Мој. 48, 16).
Затоа, ако секој од нас има амгел, нека се радува и да благодари, како да има пред себе педагози. Меѓутоа, исто така, околу секој од нас присуствува и ѓавол. Затоа да се молиме и да го бараме ангелот на мирот; секаде и за сѐ да просиме мир, со кој ништо не може да се спореди во животот; да просиме мир во црквите, мир во молитвите, мир во прозбите, мир во споровите, мир меѓу луѓето, мир по целата земја!
            Затоа, не еднаш, не двапати, не трипати, а многукратно, претстојателот на храмот дарува мир со зборовите: мир вам!
Зошто?
           Зашто мирот е татко на сите добрини, тој е основата на секоја радост, и изворот на секој успех. Христос затоа им заповедал на светите апостоли, веднаш штом ќе влезат во некој дом, да упатат мир на неговите станари, како символ на благата:
„И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравејте ја говорејки: „Нека е мир на таа куќа!“ (Мат. 10, 12).
на своите ученици им рекол:
           „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Јован 14, 27).
Песната на небожителите при раѓањето на Спасителот, не беше ли химна на мирот?
           Мирот го определува и подготвува патот кон љубовта. Претстојателот на црквата не вели: мир на вас, но - мир на сите! Всушност, што се постигнува, ако ние со едни го подражаваме мирот, а со други водиме борба, или см во војна? Каква полза од тоа? Едно тело никогаш неможе да се радува на целосното здравје, ако едни од органите му се спокојни, а други се во криза - здравјето е можно само при нормален поредок, хармонија и мир помеѓу сите составни делови на телото: ако не е сѐ спокојно, ако не е сѐ во својата улога - следува рушење и смрт. Така е и со душата - ако таа не е спокојна, ако мислите не и се во поредок: мир во неа и за неа нема!

Angel.chuvar.Akatist4


            Мирот е такво големо добро, што со право неговите создатели и последователи се нарекуваат Синови Божји.
Синот Божји слезе на земјата и се воплоти, за да донесе мир меѓу она што е на земјата и она што е на небесата.
Оттука:
ако миротворците се Синови Божји, тогаш рушителите на мирот следува да се сметаат за синови на ѓаволот.
За сѐ во нашите животи да постапуваме согласно со волјата Божја, за да ги проживееме нашите дни во мир и за слава Божја, за да се удостоиме со благата, кои се ветени за оние, кои Го сакаат Бога и Му се покоруваат. Надвор од Неговата волја и без мир - сѐ во животот е: зло, пепел, мрак, гнилеж, смрдеа, смрт!


Свети Јован Златоуст

Извор:

МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

 

Друго:

Angel.chuvar.Akatist3

Молитва кон светиот Ангел - Чувар

          О, свет Ангеле, чувару и покровителу мој благ! Со скрушено срце и страдална душа стојам пред тебе и те молам: чуј ме, твојот грешен раб (име), кој те повикува со силен глас и горчлив плач; не спомнувај си за моите беззаконија и неправди, со кои јас, бедниот, те прогневувам преку сите мои дни и часови и станувам мрзок пред нашиот Создател и Господ; биди милосрден кон мене и не одделувај се од мене, осквернетиот, се до самата моја смрт; разбуди ме од гревовниот сон и со твоите молитви помагај ми да го поминам останатото време до мојот живот без порок и да принесам плодови, достојни за покајание, а највеќе сочувај ме од смртни гревови, за да не загинам во очајание и да не се зарадува непријателот за мојата погибел.
          Навистина знам и исповедам со устата, дека никој не ми е таков пријател и застапник, заштитник и поборник како тебе, свет Ангелу: затоа што предстоејќи пред Господовиот Престол, ти се молиш  за мене, непотребниот и најгрешниот од сите, да не ми ја земе Преблагиот мојата душа во оној ден, кога не очекувам и во ден во кој правам зло. Не престанувај да го смилостивуваш премилосрдниот мој Господ и Бог да ми ги прости моите согрешенија, кои ги извршив низ целиот мој живот, со дело, со збор и со сите мои чувства и онака како што Му е угодно, да ме спаси; да ме казни тука, по Својата неискажана милост, за да не ме изобличи и искуша таму, по Своето нелицемерно правосудие; да ме удостои да принесам покајание и со покајанието достојно да ја примам Божествената Причест, за што најмногу се молам и кој дар сесрдно го посакувам.  
          А во страшниот час на смртта биди неотстапно до мене, благ Чувару мој и прогонувај ги мрачните демони, кои ќе ја заплашуваат мојата душа исполнета со трепет: заштити ме од нивните мрежи, кога ќе ги минувам воздушните митарства, па чуван од тебе, безбедно да го достигнам саканиот рај, каде што соборите на светиите и небесните сили непрестајно го восфалуваат сечесното и великолепно име на прославениот во Троица Бог, на Отецот и Синот и Светиот Дух, на Кого што му доликува чест и поклонување во вечни векови. Амин. 

Извор: „Акатисти-Книга 1“, издава манастир „ Св. Вмчк. Георги Зограф“, Света Гора, Атон

Превод: М.Б.

АКАТИСТ НА АНГЕЛОТ ЧУВАР