ЖИВОТОТ ИМА ПОТРЕБА  ОД  ХРАБРОСТ


TViTer268
Нашиот живот има потреба од  храброст.
Не од крајности, но не и од недостиг на решителност. Потребна е смелост. Да се осмелиме да правиме работи во нашиот живот.
Многупати не се осмелуваме да направиме нешто, не превземаме иницијативи, не ризикуваме и така остануваме во неизвесноста на нашето безделие, неисполнети и со потиснати желби.
Животот со потиснати желби е живот без храброст и без ризик. Никој не  е виновен за оваа состојба. Виновни се само нашите стравови да живееме, да се радуваме, да го правиме она за што копнее нашето срце.
Многупати се плашиме да живееме, да се заљубиме, да простиме, да сакаме, да ја смениме работата, да ја напуштиме татковата куќа, да основаме семејство, да одиме на патување, да се насмееме, да се гушкаме, да ги потрошиме парите што ги поседуваме, да ја потрошиме добрината што ја имаме во себе си, да ги оствариме нашите соништа.
Нашите животи имаат потреба од  храброст.
Злочестието, безделието и очајот создаваат блуткав и сив живот, живот на роптање и очај. Така луѓето се занимаваат со животите на другите. Тие се грижат за другите бидејќи избрале да ги задржат своите животи монотони и безразлични.
Бог не сака да си ги трошиме животите во безделие, во невкусната рутина на компромиси. Бог сака да ги доживееме радостите на овој живот, да живееме, трошејќи го за другите небото што го носиме во себе, да живееме ризикувајќи се поради љубовта, да живееме како распеана песна, а не како лелекање, да живееме како мирисот на темјан, кој гори од нашата жед за Вечноста.

Нашите животи имаат потреба од  храброст.
Не велам да направите нешто само за да кажете дека сте го направиле тоа. Ви велам да живеете. Секој од нас е различен, еден е подружељубив, друг поинтровертен, еден е поспортски, друг поинтелектуален. Знаете кој сте а кој не сте. Вие ќе процените и одлучите што сакате да направите, а не другите. Правете го она по што копнее вашето срце, без премногу да анализирате, без да си го трошите времето во сценарија от типот „ќе видам, можеби подоцна итн“, бидејќи животот поминува и заминува.
Ако не сега, кога? Не се самозалажувајте. Не се затскривајте зад околностите.
Животот минува и заминува меѓу мислите и помислите и за жал, не поминува во одлуките и настаните.
Престанете да живеете во вашите фантазии, престанете да ги анализирате работите и живејте. Живејте и благодарете му на Бога што ви ја дал оваа можност. Живејте со Бога. Живејте со ближниот.
Живејте за себе, но без своето его.

Автор: архим. Павел Пападопулос


За Преминпортал: Симеон Стефковски

Извор: bogonosci.bg