3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Зошто христијаните ја губат љубовта?


Христијанството – тоа е религија на љубовта. Бог на светот му се открива како Љубов. Христијанството – тоа е пожртвувана љубов. Овде Бог го утврдува принципот на вечното постоење како љубов, со тоа што Самиот Себе се принесува на жртва. Пред таа тајна – распетието Божјо заради човекот – трогнати до стравопочит, трепереа и се чудеа, оние пред кои се откриваше бездната на божествената Љубов – бесконечна како самото постоење.
Апостолот Јован Богослов во своето Евангелие му го открива на светот новото име на Бога – Љубов. Господ во Својата последна беседа, на учениците им заповедал да се љубат еден со друг. Да се пребива во љубовта, значи да се пребива во Бога. Љубовта е оној таинствен меч, кој ги одделува учениците Христови од учениците на ѓаволот. Љубовта е небесен оган, кој Христос го донесе на земјата; тој оган мора да го преобрази човекот. Без огнот на љубовта, човековата душа останува студена како труп. Св. апостол Јован Богослов на крајот од својот земен живот постојано ги повторуваше зборовите: Деца, љубете се еден со друг – во тоа е сè.
Христијанството го победи светот со љубовта: ако може така да се каже, срцето на незнабожечкиот свет беше заробено и освоено со силата и убавината на љубовта. Паганскиот свет, преку допирот со христијанството, чувствуваше дека љубовта е светлост и живот. Додека срцата на христијаните гореа од љубов, Црквата победуваше. Во времето на најлутите прогонства, таа своите гонители ги победуваше со љубовта, откривајќи ја со тоа големината и тајната на христијанството.
Љубовта се јавува како критериум на нашата вера. Вистинската вера се пројавува себеси преку љубовта и милосрдието, кои никако не можат да се одвојат од неа, како што топлината и светлоста се неделиви од огнот. Кога верата слабее, тогаш надежта гасне и љубовта исчезнува. Затоа оние, кои немаат љубов и мислат дека се христијани – се лажат самите себе. Нивната вера е илузорна. Тие се сметаат за Христови следбеници, немајќи го најважното – Духот Христов.
Паганскиот свет не издржа пред силата на љубовта Христова. Но, кога таа започна да осиромашува во срцата на луѓето, тогаш паганскиот свет како одново да оживеа. И не само што на Црквата ѝ се случуваат прогони како од првите векови, туку паганизмот проникнува и во свеста на самите христијани, го искривува учењето Христово, го сведува христијанството на обична форма – дрво, кое сè помалку и помалку дава плодови.
Поради што осиромаши љубовта на христијаните? Почетокот на духовниот пад и неговиот крај е гордоста. Но, гордоста е многу различна и има многу облици. Гордоста му се приближува на самото добро – како некоја погубна трнлива грмушка, која го обвиткува стеблото на дрвото, хранејќи се со неговиот сок и притоа сушејќи му ги корените. Гордоста го раѓа егоизмот и егоцентризмот, што всушност е неприродна љубов на човекот кон самиот себе. Гордоста во религијата добива форма на рационализам и екстатичност. Гордоста раѓа вера во сопствениот разум, како во некој универзален инструмент на познанието, кој себеси се пројавува како перманентно реформаторство. Гордоста може да се пројави во рушење на структурите – како анархизам, и спротивно, во централизација на структурите – како империјализам и диктатура. Губењето на љубовта се пројавува во вид на духовно студенило и рамнодушност кон луѓето, како и превознесување и насилство над другите.
Горделивецот на луѓето гледа како на оружје со кое ги достигнува сопствените цели – пред сè остварувањето на своите страсти; за него, човекот сам по себе ја губи својата вредност. Гордоста раѓа тирани и робови. Гордоста ги разделува и ги отуѓува луѓето едни од други. На гордиот му се чини дека светот е создаден само за него, дека тој е некој центар, околу кој мора да се вртат сите луѓе, како планетите околу ѕвездите.
Христијанското семејство – тоа е активна љубов, која расне преку служењето едни на други. Во ова наше време секој член на семејството сака само да му служат, така што семејството прераснува во невидливо поле за постојана борба за власт и првенство. Гордиот сака да добие уште повеќе од она што му се дава, и се навредува кога другите не го сфаќаат неговото замислено првенство. Затоа така трагично се распаѓаат семејствата, како што стаклениот сад се распаѓа на ситни делчиња од ударот на чеканот, оставајќи ги зад себе само остатоците.
Човекот не му се радува на човекот. Роднините не наоѓаат време да се видат едно со други. Христијанинот го пречекува христијанскиот празник без духовна радост, како да исполнува некаков долг. Се чини како целата земја да е прекриена со сива, непробојна магла.
Без љубовта човечката душа умира, и затоа современите луѓе се длабоко несреќни. Самата религија, без љубов, на срцето и на душата му станува туѓа и несфатлива..
Во што е причината за губењето на љубовта? Тоа е глобален процес; тоа е пат кон духовната смрт, тоа е најголемата катастрофа на последните времиња, особено во нашево време, пострашна од најкрвавите војни и временски катастрофи.
Тоа е расчовечување на човекот; тој престанува да биде личност и се претвора само во суштина. Со губењето на љубовта, егоизмот и рамнодушноста добиваат низа причини. Да се задржиме на една од нив.
Само преубавото може да се љуби. Безобразното и грдото, може само да се поднесува, но невозможно е да се љуби. Љубовта и убавината се поврзани едно со друго. Образованието на луѓето и традицијата на народот, колку и да се несовршени, за  своја основа го имаат трудот да се сочува убавината и благородноста на човечката душа. Традицијата, обичаите, заедничкото мислење, возвишеноста на целомудреноста, спремноста на жртва – беа форми со кои се чуваше љубовта. Сега современиот човек им се потсмева и ги руши овие традиции; моралните принципи се сфаќаат како окови, во кои човекот низ историјата бил заклучен. Во сите историски епохи постоеше сфаќање за гревот и порокот, но тие беа оценувани како зла и болести, кои го разјадуваат човечкото друштво. Сега гревот и порокот престанаа да ги смутуваат луѓето: нешто друго ги смутува, всушност, а тоа е осудата на гревот. За луѓето, кои живееја пред потопот, во Светото Писмо е кажано дека беа плот, т. е. кај нив исчезнаа потребите на духот, се изопачија чувствата на душата, и започна власта на телото: човекот се изедначи себеси со своето тело, и затоа падна пониско од сè што живее на земјата.   


 Кога човекот ја губи убавината на својата душа, тој не е во состојба да љуби, и не може да разбуди љубов кај другите. Во телото се вгнездуваат само инстинктите и мрачните страсти. Страстите се одвратни; човекот може да им се предава, но не може да ги љуби. Затоа луѓето, губејќи ја убавината – ја губат љубовта. Лагата, клеветата, демонскиот свет на наркотиците и алкохолот, блудот и развратот во најбесрамните облици, ги прави луѓето безобразни (без образ). Затоа меѓу луѓето се зголемува дистанцата, затоа емоционалната оладеност ја претвора земјата во гробница, во која се населени живи трупови.
Во чистотата се крие духовната светлост и радост, а во гревот и порокот – тежината и духовниот мрак. Современиот свет сака на човекот да му ја одземе чистотата, да ѝ се потсмева, да ја уништи. Затоа, светот за луѓето сатана туѓ и празен. Човекот не ја чувствува болката на другиот, не сака и не може да го стопли со топлината на својата душа. Човекот е исплашен од светот и се штити од луѓето.
Таа осаменост, свесна или несвесна, пустинска осаменост – тоа е најстрашното проклетство на нашиот век.


Архимандрит Рафаил Карелин