Тајната на првата светлина

TVITER40
“Зошто оној што ја има само првата светлина ̶ светлината која произлегува од чистењето на енергијата на умот, не може да ја запали светлината во срцето на другиот?


Затоа што, првата светлина, како дар Божји, ни е дадена за согледување на сопствените гревови и страсти, да се видиме себеси, а не другите. Таа светлина ни е доволна и ни се дава во таа мера во која ни е потребна. Значи, таа светлина ни е дадена нам и е силна само кога е насочена кон нас, а својата сила ја губи кога ја пренасочуваме кон другиот.
Првата светлина е дар Божји кој често го пренасочуваме и злоупотребуваме, односно, наместо да ја насочиме да го осветлува патот пред нас, ја насочуваме кон патот на другите, и поради тоа се сопнуваме, паѓаме. Всушност, не можеме да ја злоупотребиме самата светлина, туку го злоупотребуваме само интелектуалното знаење што позади неа останува. Го злоупотребуваме во две насоки: за судење и осудување, како и за подучување на другите. Тоа е последица од нашата гордост. Ваквото постапување е почеток и крај на нашиот духовен развој.
Како ќе допреме или како ќе ја запалиме светлината во срцето на ближниот кога ни самите ја немаме во срцето? Првата светлина нема таква сила. Оваа светлина не допира до другиот, бидејќи не допрела до нашето срце и не извира од него. Ние ништо јасно не можеме да согледаме кај другите – да ги согледаме однатре, освен да им судиме и да ги осудуваме според нашите страсти.
Тајната на човековата личност е многу длабока и сокриена е во Бог, и не можеме да ја согледаме со првата светлина, дури и најдобронамерно да сакаме да ја употребиме во таа насока. Само таа светлина што произлегува од чистењето на суштината на умот (која се наоѓа во срцето) може да допре до срцето на ближниот и да го познае, да ја запали светлината во неговото срце, да го крепи и да му помага да чекори по патот на Вистината.“

- дедо Наум

Јуни 2021 лето Господово