Господ Исус Христос

Новите погледи и Црквата

Со сигурност може да кажеме дека постојат многу фактори коишто допринесуваат за обликување на современиот свет, во кој господарат т.н. нови погледи. Гледишта коишто ја игнорираат цивилизацијата, војуваат со историјата, го налагаат егоизмот, го ограничуваат философскиот хоризонт на личноста и на општеството, ги заменуваат свештените концепти, како што е патриотизмот, и ги именуваат како расизам или национализам. Погледи, коишто своевремено срамежливо се појавиле на историската сцена, но денес владеат со авторитетот на неоспорна догма. Да погледнеме како се појавуваат во нашето време таквите идеи, кои се одразуваат и на црковното сведоштво.

    Идеи за материјата и за човекот

Неспорно, силата на човекот, пред сè, силата за расудување, е огромна. Таа никогаш не се појавила толку силно како во оваа епоха. Благодарение на развиената технологија подготвени сме да протолкуваме и да разбереме речиси сè. Во состојба сме да го постигнеме недостижното. Со тоа се раѓа чувството за вообразена самодоволност, егоистичен антропоцентризам и кратковидност, како и антифилософски материјализам. Го ограничува човекот до моменталното и актуелното, а вредноста на неговиот дух ја сведува до можноста за појаснување и закрепнување на материјалниот, сетилниот и визуелниот свет. Апсолутизирајќи ја реалноста, ја задушивме потрагата по вистината, ги дигитализиравме границите на мислата, сакајќи да започнеме пред воведот и да завршиме без крајот, но сè повеќе потонуваме во гравитациското поле на нашата философска кратковидност. Повеќе смрзнуваме и надвор од телото, имплантираме органи, се мешаме во манифестациите на душата, лекуваме речиси сè. Го наметнуваме човечкиот принцип, технологизирајќи го оплодувањето, зачнувањето, или пак, ги детерминираме неговите карактеристики преку евгениката[1]. Ја оддалечуваме смртта или преземаме решение за неа преку евтаназијата[2].


Создаваме етика, деонтологија и закони кои ни ги налагаат и олеснуваат решенијата. Концентрираме незамислив обем на информации. Ние користиме нано-космос и таму каде што ништо не се разликува, гледаме нови можности за технолошка интервенција во нашето секојдневие. Своите проблеми ги решаваме преку парите и силата. Си правиме како што сакаме. И накрај, најголемо внимание посветуваме на убавината на материјалниот свет како нешто еминентно, како негово својство, исто како и на силата на човекот, што ја опишавме погоре. И правиме уште еден чекор. Опиени од успехот на технологизираниот свет, изгубивме интерес за тоа Кој и како го направил Сотворението. Славата на човекот ја уништи славата на Бога Творецот. Од некаква причина луѓето од нашата епоха сакаат да создадат автоматски живот, да ги објаснат современите еволуциски теории за животот, така што ќе го докажат животинското потекло на човекот. Се поставува под сомнение „човечкиот принцип“ утврден од космологијата, според кој вредностите на световните константи се такви што задолжително водат до појава на човечкиот живот на земјата. Наместо тоа се бара постоењето на други суштества во вселената, но не за да комуницираат со нив – тоа не може да биде – туку за да се разоткрие уникатноста на човекот. Тие претпочитаат да тврдат дека материјалниот свет, вселената, е резултат на случајноста, односно тој се појавил од ништото, без Божествена цел, а ние сме една „прераспределба на ништото“. Суштества кои случајно се појавиле како последица на мешање на ништото со самото себе, но никако да не се признае дека сме богосоздадени и тоа „по образ и подобие Господово“.

На тој начин се наметнува доминацијата на една налудничава антропологија со единствена цел да се извлече на површината „големината на тоа да се биде човек“. Материјалноста и случајноста се преферираат, ефемерноста (краткотрајноста) и сличноста на човечката природа се возвеличуваат, за да се побие нашето Божествено потекло. Еден човек, силен како диносаурус, со минато како мајмун, со потекло од амеба, со перспектива на ништото, битие на мртов бог, без тајната на вечниот Бог во себеси и на Неговото присуство околу него. Човекот, почестен, не се спротивстави; се присоедини кон животните и неразумните, стана сличен на нив.


    Погледи на Бога

Сето тоа очигледно ја прави бесмислена понатамошната потрага и каков било разговор за она што е надвор од нас, светот и нашата логика. Немаме потреба од Бог, ниту од Неговото очекување. Кој и како, односно Кој е вистинскиот Бог или што е Тој, дали е сила или концепт, битие или личност, како дејствува и зошто дејствува така – такви прашања веќе не постојат. Единственото кое сè уште се чува е „ако“ и „каде“. „Ако постои Бог“ и „каде е Тој“, зошто Тој не се открива на начините кои соодветствуваат на нашата логика и сетила? Но, дури и тука не станува збор за лично расудување, плод на духовно трагање, туку е израз на сомнеж, декларација на отфрлањето на Бог. Дури и ние, верниците, сме се заразиле со тие прашања за неверието.

Во ова време тие идеи за Бога доаѓаат од многуте изданија на т.н. „бестселери“, на пример „Крајот на верата“ и „Писмо од христијанската нација“ од Сем Харис; „Религијата како природен феномен“ на Даниел Денет; „Бог како илузија“ од Ричард Докинз; „Бог не е голем“ од Кристофер Хитчанс, преку нападни реклами како онаа на институтот „Џордано Бруно“ во Германија, кој постави реклама на автобусите „Бог со сигурност не постои“, како и преку големи театарски и кино претстави со низок квалитет, но на сметка на голема корупција.


NIH Director Francis Collins to address SMU students during 102nd  Commencement May 20 - SMU


Д-р Франсис Колинс

Од друга страна,  Франсис Колинс, раководител на одделот за декодирање на човечкиот ген, кој е претседател на националниот здравствен систем во САД, во својата книга „Јазикот на Бог“ тврди дека прашањето за Бог не е тема за науката, туку за учениот човек, како и дека сите гореспоменати атеистички декларации не се докажани со истражувачки процеси, туку категорични потврди на произволно расудување на специфични научни мозоци. Овие зборови произлегуваат од голем научник, чиешто академско слово е исклучително прецизно и кој преминал преку горчината на немилосрдното лично пребарување и преиспитување. Ова е уникатна книга за патувањето кон верата од најдобриот претставник на генетиката, но сè уште има проблеми со нејзината дистрибуција. Причината за тоа е што додека генетиката се мобилизира да го докаже научното отфрлање на Бога, врвниот генетичар ја признава средбата со Него.

Трагичниот заклучок е што нашата епоха не Го сака Бог и постојано настојува дека Тој не постои. Тоа кое останува е феномен и култура на религијата. Религиите се производ на друго време. Ние ги наследивме, но сега не ни се потребни – но, и покрај тоа не можеме да се ослободиме од нив. Не ни е потребен никаков бог со кој би си го објасниле светот. Науката веќе објаснува сè, а со помош на технологијата сами правиме што ќе посакаме. Оние на кои им е потребна религијата, се сè  помалку и сè поболни луѓе, кои се измачувани од неизвесноста, која обично постојано се ограничува, како и од емоцијата, која сè повеќе се рационализира и унифицира. На крајот, ниту Го гледаме Бог, ниту имаме потреба од Него, ниту, пак, Го сакаме. Тој не е Некој, туку нешто кое на кој било начин треба да биде исфрлено од нашиот живот! Во ова се обидуваат да нè натераат да поверуваме. Идејата за Вавилон воскресна во 21-от век како никогаш досега, и нормално повторно е спроведена со содомскиот грев! И накрај, нашата епоха, без да ја познава слободата на вистината, нè заклучува во темнината на реалноста.

    Погледи на Црквата

Под влијание на таа мисловна рамка изникнува и новото разбирање на Црквата. Црквата проповеда вера во Бога и живот според Евангелието, зборува за Троична Божественост, за воплотување на Синот и Словото Божјо во Личноста на Исус Христос, за врската со Светиот Дух, за животот во Христос итн. Тие работи ги надминуваат можностите на современиот човек, особено на младиот. Тој ниту ги знае, ниту ги разбира, ниту ги сака. Тој ја гледа Црквата како религиозна манифестација против која тој веќе има предрасуди заради многуте и моќни механизми на современото општество.

За просечниот, современ човек и поточно за младите луѓе, Црквата е нешто кое има големи разлики со денешницата. Да видиме како изгледа новата претстава за Црквата која е на пат да стане сеприсутна:

    Таа е социјално-психолошка конструкција, исполнета со догматски изјави, форми и симболи, неверојатни и хиперболични раскази кои немаат никаква врска со реалноста на животот и, во најдобар случај, ја претставуваат веројатноста како предложена вистина со цел да најде и да убеди нови следбеници, или пак, да ја зачува историската улога на своето постоење. Таа нема ништо заедничко со прогресот и развитокот. Црквата е најконзервативното нешто кое постои во нашето време. Таа е опиум кој опива.

    Црквата прикажува едно друго време. Таа ја создала и формирала друга цивилизација, која прилега на други луѓе, со друга претстава за животот. Дури и убавото таа го разбира со изживеани концепти. Нејзиниот богат симболизам, празници, нејзината музика и естетика немаат врска со денешното време. Уште помалку, пак, нејзините раскази, историските основи за нејзините празници, раѓањето од Дева, Преображението, Воскресението, Педесетница, чудата како она со умножувањето на лебовите, претставуваат посланија од други епохи кога луѓето ги сакале хиперболизираните митови. Затоа, сите тие работи исто така немаат врска со сегашноста, која бара докази, јасен и лесен исказ.

    Црквата се идентификуваше со секуларниот систем, кој, пак, ја искористи за да придобие сила, влијание и богатство. Денес, кога тој систем е демитологизиран, Црквата се руши заедно со него. Токму овој систем ѝ го обезбедил нејзиниот имот и јавна улога и затоа таа денес е должна да врати сè и веднаш да исчезне. Таа поседува непресметлива сопственост, која со различни аргументи и оправдувања покажа дека им ја дава на народот, кој ем има потреба од него, ем истото му припаѓа.

    Словото на Црквата нема врска со животот на нејзините следбеници, ниту пак, проповеда со делата нивни. Нејзиниот израз е помпезен, неразбирлив, зборува за многу апстрактни, високи и сомнителни концепти, со таква увереност која не само што не може никого да убеди, туку и култивира лаги и лицемерие откако нејзините тврдења не можат да бидат потврдени во секојдневниот живот. Нејзините светители живееле и правеле чуда во минатото, додека пак, современите светители веќе се скриени, а нивните чуда или се измислени или ние не можеме да ги видиме. Затоа, на крајот ние не веруваме ни во едните ни во другите.

    Црковната проповед и ветувања предлагаат нешто кое таа самата го нарекува вистина, но вистината не постои. Таа не се докажува, не нè интересира, нема врска со реалноста, не влијае врз секојдневниот живот и не го поправа. Затоа, таа не ни се допаѓа и не нè интересира, ниту пак имаме потреба од неа.

    Црквата претставува место на компромиси, непоследователности, лицемерие, преголем раскош, корист за неколкумина на штета на мнозинството, дури и на морално распаднати борби, каде што секогаш има скандали. Едноставно, не нè интересира или не ја разбираме и сакаме во целост да се ослободиме од неа. Црквата има голема вина за постоењето на социјалните проблеми. Таа не е само опиум кој ги опива мислите, туку и отров кој го разболува општеството.

    И покрај сè, таа е насушна потреба за некои луѓе кои имаат плашлива свест и не можат да се ослободат од стравовите и несигурноста или се хранат со идеи и фантазии. Таа евентуално е потребна како политичка реплика на други религии или како конзервативна карта на историското минато. Исто така, Црквата е неопходна заради своите механизми на дејство кои заедно со нејзината доктрина за волонтирање и саможртва, би можела да им помогне на незаслужно-постраданите луѓе во нашето општество. Ја разбираме и ја трпиме само заради нејзината социјална улога. Тоа е крајот на нејзината мисија.



[1] Проучување и практикување на селективното размножување кое се применува на луѓето, со цел да се подобри видот.

[2] Постапка при која со помош на лекарства се предизвикува лесна и безболна смрт на болен од неизлечива болест.

Извадок од книгата: Там, където Бог се вижда. Беседи и интервюта на Месогейски Митрополит Николай, София 2014, стр. 26-31.
Превод: Ана Масларова

Извор:

https://bigorski.org.mk/etika/crkvata-novite-idei-i-tehnologijata-prv-del/