TVITer38

Доаѓањето Христово го внесе Царството Божјо во светот и местото каде што Царството Божјо се пројавува е Црквата. Токму Црквата е таа која ја внесува вечноста во историјата и на историјата ѝ ја отвора перспективата на вечноста. Црквата е телото Христово коешто го надминува местото и времето и го соединува човештвото во една заедница над времето, една трансцендентална заедница каде што сите нешта битисуваат во Светиот Дух. Во Црквата, времето и целата вселена се повторно воспоставени. Сѐ што Господ му дарувал на светот може да се најде во Црквата и му е предадено на човекот за спасение и обнова.

Царството Божјо едноставно не се очекува како нешто што треба да дојде; тоа е видливо како нешто присутно токму сега. Исто така и воскресението и обновата во Христа не се очекуваат само во иднината, туку се веќе понудени и во сегашноста: „Иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат“ (Јован 5,25). Гласот Христов што веќе се слушна и ги повика луѓето од смрт кон живот, на ист начин ќе ги повика и оние што се во гробовите и ќе ги обдари со живот. Часот што иде, но кој исто така е веќе тука, е часот на присуството Христово, е Самиот Христос. Есхатонот, последните нешта, постои во последниот Адам, во Христа. Нештата на кои се надеваме се веќе понудени во Неговата Личност. Периодот на присуството Христово и на Неговата Црква е периодот на „последните денови“ (види Дела 2, 17; 2.Тим. 3,1; Евр. 1,2), тоа е период во кој Господ и Неговото Царство се пројавуваат во историјата, тоа е почетокот на вечниот живот, што не може да биде прекинат од смртта.

Преображението и Воскресението Христово се веќе пројави на Царството Божјо во светот. И времињата после доаѓањето Христово се последни времиња. Пројавата на славата Божја во Црквата при слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, како и личните пројави што ги среќаваме кај Светиите на Црквата, се есхатолошки настани. И искуствата на овие настани се искуства на последно пројавување Божјо, кои, бидејќи се случуваат во просторот и времето каде распадливоста и смртта постојат, припаѓаат на делумно спознатливото (види 1.Кор. 13,9). Така Есхатонот е истовремено присутен, а сепак, очекуван; искуство, а, сепак, очекување.

Основањето на Црквата доведе до заедница на Бога со човекот. Несоздадениот и вечен Бог беше онтолошки соединет со создадениот и смртен човек. Вечниот живот се пројави во привремениот живот. Така создадениот и смртен човек преку благодатта станува несоздаден, вечен и траен, или со други зборови беспочетен. Бидејќи благодатта што го регенерира неговото постоење е несоздадена, вечна и без почеток. Веќе не постои ништо што би можело да го спречи соединувањето на создаденото и несоздаденото, привременото и вечното, сегашниот живот и оној што ќе дојде. Времето на остварување на овие настани е „последно време“. Денот и часот се „последни“. Ништо веќе не се очекува, ниту Месијата ниту Утешителот, ниту, пак Антихристот. Сите нешта се присутни, и Христос, и Утешителот, и Антихристот. Христос е присутен со Светиот Дух во Црквата, а Антихристот е исто така присутен како лош дух што војува против Црквата.

Присуството на Антихристот претставува есхатолошки феномен, не толку сам по себе, колку што во однос на, или попрецизно, во спротивност на есхатолошкото присуство Христово. Сите тие нешта што придонеле за овоплотувањето (односно, Неговото распетие и Воскресение), ги одредуваат последните времиња, последниот ден, последниот час коишто постојат сега и овде.

Значи, Есхатонот, последните нешта, не е ограничен само на крајот на историјата, туку веќе постои во животот на Црквата. Последните времиња го опфаќаат целиот период после доаѓањето Христово. И Христос Кој е „Алфа и Омега“… „Кој е, беше и ќе дојде“ е Господ, почетокот и крајот на историјата. Кој Го има Христа има живот. Искуството за овој живот веќе постои во Црквата, а обновата и обожувањето на човекот во Христа, коешто се очекува во идните времиња, веќе се живее во овој живот: „Сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е“ (1.Јов. 3,2).

Иако на светот му се открива „како низ огледало, нејасно“, Царството Божјо не престанува да биде вистински присутно. Символите со кои ни е понудено, не се ниту метафори, ниту аналогии, туку реални символи. Несоздадената светлина на Преображението, Воскресението, Педесетницата и тоа што го гледаат Светиите на Црквата, е светлината на Царството Божјо. Таа е реален символ на неговото присуство.

Извор: Пемптусиа.com

Преземено од-

https://bigorski.org.mk/etika/mandzaridis-crkvata-i-vremeto/