Здравите немаат потреба од лекар, а болните… Зашто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание.
    (Матеј 9,12-13)

Оние што мислат дека се добро, немаат потреба од лекар. Од лекар имаат потреба болните, како и грешните што имаат потреба од исцелител, т.е. од Христос. Тоа ни го вели Самиот наш Господ во Евангелското четиво (Мт.9,9-13). Не сакаше да ги повика праведните, туку грешните. Не сакаше да ги оправда и да им исплати на праведните, но дојде за да ги повика грешните на покајание.

Таков е етосот на нашиот Христос, таков е етосот на нашата Црква, таков е етичкиот ред во нашата Црква и никаков друг. Во Црквата не доаѓаат чистите и праведните, не е место само за чистите, но е место и за отпаднатите, место за грешните, за оние коишто си ја препознаваат болеста и бараат исцеление! Сопостоењето и на двете групи создава една противречност. Од една страна се вели дека Црквата, Христос е за грешните, но истовремено во црковното, во Евангелското слово гледаме ограничување со закони и заповеди кое ги истакнува праведните. Нив ги фали Црквата секојдневно во своето богослужение.

Тоа изгледа тесноградо и на прв поглед како што рековме, противречно. Од една страна словото изгледа лесно, пространо, а од друга страна става граници кои нѐ ограничуваат. Тоа е една реалност, но привидна. Во суштина работите се потполно различни.

3.angeli.so.truba

Се чувствуваме противречно, бидејќи не погледнуваме во суштината. Суштината не е градење на своето јас на едно повисоко етичко ниво, одделно од нашата врска со Христа, туку обновување на нашата врска со Христа. Нашиот пат кон спасение и исцеление е да го најдеме нашето место во Телото Христово. Да ја најдеме нашата врска со Христа, односно да се храниме од благодатта Негова, да се храниме од љубовта Негова.

Ако тоа стане наша ориентација, тогаш намерно ќе се стремиме да ја зачуваме воспоставената врска, која е наше исцеление, баланс и одмор. Ќе бараме да ги најдеме начините, патиштата, кои нѐ водат кон неа, но истовремено и причините коишто нѐ оддалечуваат.

Но, бидејќи немаме зрелост, Христос ни го открива тој пат. Неговите заповеди не се содржината, туку начинот, патот да останеме во врската, начинот да ја сретнеме и да ја вкусиме таа врска. Доколку, пак, ги прифатиме Неговите заповеди надвор од тој дух, надвор од Христа, доколку ги прифатиме Неговите заповеди надвор од Неговата татковска љубов, тогаш Црквата се деградира во еден систем, макар и во најсовршен.

И да го прифатиме најетичкиот систем, доколку не нѐ води во љубовта Божја и во врска со Христа, е сиромашен, дури и некорисен, а можеби и најнекорисен од сите грешни системи во светот, бидејќи иако ветува врска, не ја нуди. Покајанието и скрушеноста не е едноставно една тага за нашата лична состојба, кое е симптом. Суштината, причината – и таа е нашето покајание – се гледа во тоа дека сме се одделиле од Животот, сме се одделиле од Телото Христово. Колку повеќе човек се затвора во својот грев, толку повеќе се затвара и во добродетелта која е надвор од Христа. Но така се самоосудува. Се измачува, всушност, неговата совест, бидејќи се нема насочено онаму каде што е причината на неговото спасение, кое е Крстот Христов.     

Можеме да хулиме на Христа, како надвор од Црквата, грешејќи јавно, така и во Црквата, грешејќи со нашата добродетел, доколку го немаме направено тоа отворање за Љубовта Христова. Така се самокамшикуваме. Но не нѐ казнува Христос, туку самата наша состојба, затоа немаме радост, немаме слобода. На крај, сето наше движење во животот се поттикнувања и можности, за да со покаже со Љубовта Божја нашата лична состојба, нашиот личен пад, нашата внатрешна трагедија и несреќа. Не за да останеме во неа, но да се свртиме кон Христа.  

    Во духовниот живот, во сите негови сфери, постои една привидна противречност. Од една страна Зборот Христов се покажува строг, а од друга страна човекољубив. Од една страна изгледа дека живееме во добродетел, но всушност сме далеку од Христа, бидејќи со нашата духовна борба целиме кон нашето обожение надвор од Христа – од друга страна може да грешиме, но бивајќи скрушени, да сме близу до Христа, бидејќи почнуваме да го демистифицираме своето јас, кое го имавме како бог. Христос е Оној кој нѐ прави богови по благодат.

Во Црквата значи постојат две раце: Една рака која ни го покажува патот, кој надворешно изгледа мачен, и една друга рака која нѐ теши и нѐ одмара во тоа нагорно движење. Го препознава нашиот пад, го препознава човечкото, покажува снисходливост, без да престане да е и вистинско, да ни ја покажува вистината. Колку што е опасен конзерватизмот кој може се изразува во Црквата со едно тесноградие, исто опасен може да е и либерализмот, кој не го покажува патот. Тоа е должна да го прави Црквата доколку е вистинска. Да ни го покажува движењето, да ни ги покажува нашите состојби, да нѐ разочарува (за наше смирение, поради грешноста), а истовремено да нѐ потсилува, давајќи ја љубовта.

Едната рака во Црквата покажува а другата дава. Ни го покажува движењето, но истовремено ни ја дава и утехата. Вистинската утеха не е наркотик кој ја успива совеста со едно лажно чувство на живот. Вистинска утеха ни дава оној кој ни покажува кои сме навистина, колку имаме застрането, но истовремено нѐ утешува дека постои надеж, дека Бог нѐ сака. Тоа се случува во сите наши врски. Не може да си љубовен, ако не си вистински, а и обратно.

Кога ја раздробуваме, систематизираме и расцепкуваме љубовта и вистината, тогаш сѐ е една лага, бидејќи сѐ што е Божествено претставува едно единство. Единството е вистинско, доколку е единство на Телото Христово и доколку нашата цел не е нашата философија или теорија, туку Христос.

    Христос нѐ прави свети, т.е. нѐ прави човечни. Бидејќи ако не си човечен, не стануваш ни свет. Лажна е твојата светост. Ако ја поставуваш и покажуваш твојата вистинска состојба, твојата грешност, но истовремено и вистината во тебе, твојот копнеж за вистината Божја – таа противречност е спасителна. Те смирува, но ти дава и утеха, бидејќи се доверуваш на љубовта Божја која те ослободува.

Тој етос ја обликува нашата совест, а и таа совест го гради етосот, за да можеме да живееме спокојни, било да се радуваме, или тажиме, било да успеваме, или не успеваме. Било да живееме во грев, било да се каеме. Сето тоа ни открива еден друг начин, една друга можност која се изразува во зборовите на нашиот Христос: Здравите немаат потреба од лекар, а болните и Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание (Мт. 9,12-13). Рушењето на кој и да е (мисловен) систем, конзервативен или либерален, и рушењето на која и да е мерка на судење – во основа го има откривањето на љубовта Божја!

Извадок од книгата: «Αμαρτωλών Εκκλησία», εκδ. Αρχονταρίκι, σελ. 21-28
Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/lazhna-svetost-i-spasitelna-greshnost/

Ноември 2020 лето Господово