Старец Порфириј често зборуваше и откриваше една голема вистина – дека човекот не е само она што се гледа, туку главно нешто друго. Тој е и едно негово скришно Јас, спротивното јас, како што велеше, спротивниот дух. Психијатријата, психоанализата, психолошките и педагошките науки се согласуваат со овие индикативни зборови на Св. Порфириј и ги потврдуваат. Дека во секојдневието, она што ги управува нашите движења, често е несвесниот дел на душата.

3.angeli.so.truba

Преподобен Порфириј Кавсокаливит

Има еден убав пример: фрламе една лубеница во морето – не знам дали сте гледале. Во Крит често го прават тоа, во приморските села, за да ја зачуваат лубеницата свежа, ја потопуваат во водата во морето. Ако ја фрлите, ќе видите дека поголемиот дел, дури 80% влегува во водата, а останатиот дел останува на површината. Велат дека тоа се случува и со душата на човекот. Повеќето работи што ги правиме во нашиот живот, се прават од едно подлабоко Јас, како што вели Светецот. Тоа Јас, коешто му се спротивставува, го саботира нашето свесно Јас. Затоа Светецот вели дека кога сакаш да се промениш, кога ќе одлучиш да преобразиш и трансформираш една твоја страст, не треба да го кажуваш тоа. Дури и ти да не го знаеш. „Зошто, старче?“ – му велеле. – Затоа што тоа го слуша твоето спротивно Јас, кое се противи, те саботира и не те остава да го направиш. И во психологијата денес знаеме дека човекот ќе најде илјада оправданија, ќе искористи огромни одбранбени механизми, ќе се противи на сите начини, само и само да не ги промени своите деструктивни навики. Иако знае дека го уништуваат и го водат кон безизлез, со математичка точност, до пропаста на неговата егзистенцијална историја и тек, и покрај тоа останува таму, спремен да се уништи себе си, само да не се промени. Затоа и наоѓа оправдувања, причини, изговори. И што е најчудното? – Што многу причини се и убедливи. Ако видите еден човек кој има погубна страст и му речете:

– Бре, дете мое, не гледаш ли дека оваа страст те уништува, те води кон безизлез, дека погинуваш? – ќе видите со какво мајсторство, со каква висока технолошка техника ќе ве убеди и вас самите дека е во право. Зошто? Затоа што со години, од мало дете се научил да се убедува себеси да не се промени. Се убедуваме себеси за илјада прашања секојдневно, со празни приказни кои си ги кажуваме на себе, со лаги, за да не се смениме. Зошто? Затоа што постојат особено многу причини. Промената значи одговорност, промената значи болка, промената значи труд. Промената значи крст, промената и покајанието значат потреба да се преврти сè, промената значи несигурност, ризик и следствено – грижа. Затоа е потребна вера, потребна е сила, потребна е надеж, потребни се многу работи. Така луѓето избираат да не се сменат и многу пати да останат во погубни навики, затоа што за нив тоа е нешто познато. Гледаш една жена, која е малтретирана, страда дома, но и покрај тоа не се променува, не го напушта домот. Или си заминува и се враќа. Зошто? Затоа што многу повеќе го претпочита познатото, дури и да е насилство и нешто погубно, – да, како што слушате, точно така е – отколку другото, несигурното, коешто ќе дојде, коешто не знае што е. Другото, различното, ги плаши луѓето.

Светиот Старец Порфириј ги знаел многу добро овие внатрешни движења на нашата душевност. Знаел што се случува во најдлабокото Јас на човекот. Таму, вели, покрај сè друго, постои еден човек, едно јас, наречен морализатор. Ми остави впечаток овој термин кога го прочитав за прв пат во словата на Свети Порфириј и го слушнав на касетите, во кои тој зборува. Колку мудар термин и поим што Светецот го зеде и го користи.

Морализатор. Кој е морализатор? Оној кој зборува за морал, без притоа да е морален. За морал зборуваат обично аморалните. Колку си понеморален, толку повеќе морални круни коваш. Оние коишто излегуваат и викаат за моралот, тие се понеморални. И затоа се плашат од своето Јас, како што гледаме кај Св. Порфириј – не го кажувам тоа јас – од разоткривањето на нивниот внатрешен неуспех, затоа нивниот страв и несигурност ги тераат да се кријат и да стануваат поборници на моралот, затоа што се плашат од својата непостоечка морална ипостас.

3.angeli.so.truba

Моралниот човек не зборува толку многу, затоа што со својот живот твори етос. Православното разбирање за етиката не се зборови, туку живот. Црквата твори етос преку преживувањето, преку животот, не преку зборовите. Сакаш да ја научиш верата? Нема да ја научиш од зборовите, ниту од книгите, туку од мајка си која го пали кандилото, од баба си, која меси просфора, од иконостасот, храмот, темјанот, свеќата. Каде ќе ја научиш молитвата? Во искушението, меѓу очајот, во разочарувањето, на крајот на твоите сили. Може да прочиташ 10 000 книги и да плачеш, да се умилкуваш, да кажуваш многу убави работи, а ти самиот да не се молиш. Зошто? Затоа што молитвата не е интелектуално дело, не е гносеолошко разбирање, не е когнитивно, туку животно прашање, опит, благодат, дар, Божествен ерос. Се раѓа во тебе и се доживува. Молитвата е твоја потреба, твојот живот, твојата душа, не можеш да живееш без молитвата. Затоа што не зборуваш празни зборови на Бога, не можеш, вљубен си, страдаш, ти се допаѓа, Го сакаш, да Му зборуваш, да разговарате, да Му се откриваш, да ти се открива, да Му ги кажуваш твоите проблеми, помисли, неверие, падови, скришни работи. Она што не можеш да го кажеш дури ни на самиот себе. И тогаш, што правиш во молитвата? Молчиш, зашто не знаеш што да Му кажеш. Што е молчењето во Црквата? Молчењето во светот значи отсуство – кога некој не ти зборува, го гледаш накриво. Велиш: „Тој не ми зборува!“ Или му велиш некому: „Ама зошто си молчалив, има нешто! Јадосан си, гневен си ми. Не ме сакаш, не ме љубиш“. Така се „преведува“ молчењето – како отсуство. Во Црквата, меѓутоа, не е така: во неа молчанието означува присуство. Молчанието е јазикот на Бога. Бог зборува преку Своето молчание. Како? Те известува внатрешно. Молчиш во молитвата, молчиш и се исполнуваш со Божјото присуство. Страшни работи. Кои не можат да се искажат со зборови, тешко е, молчиш. Кога ќе стигнеш до повисоки стадиуми на молчењето, таму нема зборови. Што да Му кажеш на Бога? Само едно „Благодарам!“ и едно „Те сакам!“ Му кажуваш. И на крај ништо не сакаш. Дотаму стасуваш. Зошто? Затоа што Го сакаш само Него и така доаѓаат и сите други работи. Кога Него Го сакаш, ништо друго не сакаш. Молчиш таму. Во својата ќелија, во својата соба, пред иконостасот, и се исполнуваш внатрешно, ти се приближува радост, еден друг вкус, едно опитно искуство, благодат во тебе, сладок мир, како да те прегрнува Некој и не Го гледаш, но ја чувствуваш Неговата прегратка.

Свети Порфириј вели дека има еден дел од душата кој се нарекува морализатор. Тој морализатор, кога гледа дека некој отстапува, се бунтува. Кога многу пати самиот човек отстапил на истиот начин, но не се обвинува себеси, туку другиот. Но, Бог не го сака тоа.

Да го анализираме овој израз. Прво, што е морализаторот во нас? Оној дел од нас што не сме го прифатиле. Што е морализаторот? Нашата сенка. Човекот не е само светлина, не е само добар, не е само благ, човекот има во себеси аспекти и делови на своето Јас кои се негативни, темни, противречни. Еден човек којшто се моли и напредува со Божјата благодат и има себепознание, што гледа во себеси? Спротивставени склоности. Накратко, не е секогаш еден и ист. Се молиш и додека се молиш, гледаш дека еден друг дел во тебе не ја сака молитвата; даваш милостина и еден друг дел во тебе ти вели „не!“; се обидуваш да направиш едно добро дело и еден друг дел во тебе се бунтува. Или додека правиш едно свето дело, умот ти има една лоша мисла. И што се случува таму? Се случува судар. Преживување внатрешен судар. И што се раѓа тогаш? Вина. Затоа и луѓето премногу страдаат од вина. Особено Христијаните.

3.angeli.so.truba


Свети Порфириј зборуваше постојано за вините. Што е вината? Таа е судир помеѓу претставата којашто ја имаме за себеси, или која други ни ја наметнале дека треба да ја имаме (и меѓу тоа што сме) – мајка ти ти кажувала дека треба да си некаков, за да си добро дете, дека треба да се однесуваш на конкретен начин. И во даден момент доаѓа другиот дел на моето Јас, правам еден грев, пројавувам една страст, ја расипувам претставата што ја имам во мене, затоа што, за да живее човек, има една слика за себеси. Ја расипувам и се случува судар меѓу тоа во кое верувам дека би требало да сум, со тоа кое всушност сум. И што прави исповедта? Една од многуте работи што ги прави е да те доведе до спријателување со тој дел од твоето Јас. Една од основните оски на православната духовност е што таа сака да те доведе до реална врска со твоето Јас. Да разбереш дека си грешен, но не на срамен начин – затоа што ние така го разбираме во Црквата. Кога велиме „грешен сум“ се чувствуваме лошо. Ќе ми речеш: Треба да се чувствуваме горди? Не. Ниту лошо, ниту убаво. Ниту горделиво, ниту понижено. Едноставно, треба да знам дека сум грешен, т.е. тварен, распадлив, имам граници, имам недостатоци, веќе што и да правам, не е доволно. Затоа Светото Писмо ни кажува дека макар и само еден ден да живее човек на земјата – грешен е. Ама едно бебе, каков морален престап има? Ако гревот беше само морален настан, едно бебе каков престап извршило? Ме прашале тоа. И зошто треба да се крсти, да го избрише гревот од него итн. Да, кога го разбираш гревот само како едно морално – од законски тип – отстапување од морален кодекс, дека постои еден морален правилник како правилникот за движење по патиштата, и кога го нарушувам, тогаш го расипувам моето добро поведение, тогаш постои такво прашање. Гревот, меѓутоа, е егзистенцијален настан. Односно, ако гревот, онтолошки се однесува кон фактот дека сум тварен, тогаш и бебето го носи тој настан на тварноста, биологичноста, смртта. Следствено, сите ние сме грешни, немоќни луѓе. И се спријателувам со тој дел од моето Јас и велам: како што се добродетелите мои, така и страстите се мои. Како што светлината во мене е моја, така и темнината е моја. Во мене има еден дел, еден ѕвер со кого што треба да се соочам, да го видам, да видам како ќе го скротам, како ќе го победам, како ќе се спасам, да видам што сака да ми каже тој дел од моето Јас, што сака. Сака разбирање? Во еден момент твоето Јас може да ти каже: „Не ме удирај повеќе, не фрлај повеќе камења, не ме камшикувај повеќе, не сакам да сум толку совршен во сè, ме измори! Од малечко дете сакаш да сум совршен! Не сум совршен, не ме задевај!“ Можеби сака да ти го каже тоа. Можеби пред да прегрнеш некого друг, ближниот, треба да го прегрнеш твоето Јас. Пред да му простиш на другиот, да си простиш на себеси. Затоа и мудриот народ вели за човекот на кого сите му се виновни: „Не си се помирил со себеси! Оди да се помириш со себе, имаш проблем со себеси и затоа другите ти се виновни“. Зошто? Затоа што знае не како информација, туку како директно искуствено доживување, дека човекот којшто се разбрал и се прифатил себеси со своите добри и лоши страни и се бори, тој човек може да ги разбере и другите. Затоа и Свети Порфириј вели: „Мирно, нежно, не се притискај свирепо себе си, не притискај насилно, зашто нервниот систем реагира. Спокојно и нежно вршете го духовниот подвиг“.

И така, тој морализатор е таа сенка која ја имаме во нас, тоа Јас, што не сакаме да го прифатиме.
Бигорски Манастир
“Морализаторот на душата според Свeти Порфириј (втор дел)“

Отец Харалампиј Пападопулос
За помирувањето со себеси и за неосудувањето

 

 15ти ноември 2020 лето Господово

 

 Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/moralizatorot-na-dushata-spored-sveti-porfirij-prv-del/