STAREC.na.MOLITVA1

УМНО-СРДЕЧНА МОЛИТВА (Митрополит Јеротеј Влахос)


Кога зборуваме за умно - срдечната молитва, ние се наоѓаме во срцето на таканареченото мистично богословие, т.е. во срцето на православното богословие. Со умно - срдечната молитва се постигнува, но и се изразува единството и заедницата на човекот со Бога.
Кога човекот ќе стекне единство со Бога, тогаш веднаш почнува срдечната молитва. Свети Василиј Велики е карактеристичен во врска со ова. Тој вели дека разбираме добро дека Бог живее во нас кога имаме непрестано сеќавање на Бога.
И уште, ние сме храмови на Пресветиот Дух кога, и покрај земните грижи со кои се занимава нашиот разум - интелект, умот се моли непрестано.
Назив на умно - срдечната молитва
Оваа молитва, која е непрестана молитва на Црквата („Господи помилуј”), се нарекува срдечна затоа што преку неа се открива таканареченото духовно срце и таму дејствува молитвата.
Духовното срце е центарот на човековото постоење и, според свети Григориј Палама, се наоѓа во телесното срце како во орган, а не како во сад.
Срдечната молитва е истоветна со умствената молитва или се разликува од неа аналогно со значењето на зборот ум (νους).
Светиот Григориј Палама, кој што е изразител на целото црковно светоотечко учење за исихастичкиот живот,
вели дека ум се нарекува и суштината на душата (срцето),
но и дејството на душата кое се состои во помислите.
Така, ако го поистоветиме умот со срцето, тогаш можеме да ја поистоветиме и умствената со срдечната молитва. Во секој случај, треба да се нагласи дека во светоотечкото богословие ум е најсуптилното внимание, кое во паднатата состојба се расејува преку сетилата во созданието и му се потчинува или се поистоветува со разумот (логиката), со страстите и со условите на средината што нè опкружува.
Тој ум, кога од својата расеаност ќе се врати во срцето, дејствува таму и затоа се нарекува умствена и срдечна молитва. Значи, природното пребивалиште на умот е срцето. Со неговото сконцентрирање таму и телесниот орган на срцето го чувствува присуството на Божјата благодат, се насладува, се разгорува, се весели, се стоплува, а тие енергии му ги предава и на целото тело. На тој начин имаме преобразување и на човековото тело.
Така, кога умот (најсуптилното внимание) се наоѓа во разумот и таму се моли, тогаш тоа се нарекува разумна молитва.
Меѓутоа кога умот влегува во срцето и таму самодејствува молитвата, тогаш тоа се нарекува умно - срдечна молитва.
Затоа треба да правиме јасна разлика.
Едно е разумната молитва, а друго е умно - срдечната молитва.
Ова го велам затоа што некои луѓе разумната молитва ја нарекуваат умствена молитва.
Повторувањето на молитвата
„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме” со разумот, со употреба на бројаница, ја нарекуваат умствена молитва,
но таа молитва е разумна молитва.
Начин на умствената молитва
Прашањето како почнува умствената молитва, од една страна е прашање на надворешно учење, на раководство од страна на опитен духовен отец, а од друга страна е прашање на внатрешен личен опит.
Значајно е да се каже дека битен повод за развивање на умствената молитва претставува постоењето на православно Предание и постоењето на православен терапевт.
Фактот дека во денешната епоха умствената молитва изгледа како тешко постиглива не е независен од губењето на Православното Предание во неговата внатрешна срж, која што се состои во очистувањето, просветлувањето и обожението, како што и не е независен од фактот на непостоењето на многу духовни отци кои располагаат со тој православен метод.
Во секој случај, постојат два основни начини преку кои се развива умствената молитва, која всушност претставува враќање на умот во срцето и соединување на умот со срцето.
Првиот начин е доаѓањето на Божјата благодат преку целиот аскетски живот, и тоа во време кога можеби човекот не ја очекува, преку која се соединува умот со срцето.
Треба да се каже дека умот со срцето, односно енергијата со суштината на душата се соединуваат само преку Божјата благодат.
Молитвата во нејзиниот вистински израз, според учењето на светиот Јован Дамаскин, е „брачна врска помеѓу човекот и Бога”.
Ова успешно дефинирање покажува што е всушност умствената молитва. Кога велиме Божја благодат, мислиме на Божјата несоздадена енергија. А бидејќи ние го стекнуваме општењето и соединувањето со Христос преку несоздадената благодат, затоа и со учеството во несоздадената благодат имаме заедница со Христа.
Таа несоздадена Божја благодат е Царството Божјо, затоа што во Православното Предание Царството Божјо не е нешто надворешно и не е некоја создадена реалност, туку е учество во Божјата благодат.
Кога Божјата благодат доаѓа во срцето, тогаш човекот станува духовно свештенство, според учењето на светиот Григориј Синајски.
И уште, станува храм во кој се служи Литургија.
Од ова ја разбираме поврзаноста на умствената молитва со Христос и со Светиот Дух. Со други зборови, умствената молитва не е човекоцентрична состојба или психолошки израз, туку е опит на Божјата благодат.
Секако, тоа не значи дека оној кој има умствена молитва и кој станува храм на Пресветиот Дух и го доживува Царството Божјо не се причестува со Пречистите Тајни или дека се оттуѓува од Светите Тајни на Црквата.
Напротив, целата таа умствена молитва се развива во оној човек кој живее во светотаинското и аскетското предание на Црквата. Така, срдечната молитва ја зголемува жедта за Причеста, а Причеста го разгорува жарот за молитвата.
Умно - срдечна молитва надвор од Литургијата и надвор од сета атмосфера на Православието, ако не е незамислива, тогаш е тешко да се развие, па дури е опасна. Може да одведе во опрелестени состојби. Оној кој се вежба во умствената молитва го доживува доаѓањето на Христос во Причеста. Со причестувањето со Пречистите Тајни се зголемува неговиот жар за молитва и се зголемува неговата љубов за Бога.
Затоа искусниот духовен отец, кој сака да им помогне на своите духовни деца да достигнат до непрестаното сеќавање на Бога, го употребува Преданието на Црквата кое се состои во таканареченото очистување на срцето.
Тоа очистување на срцето не е ништо друго освен преобразување на страстите, наше ослободување од задоволството и скрбта и отфрлање од срцето на сите помисли.
Сè што помага кон исполнување на оваа цел е соодветен начин за развој на умствената молитва. Така, учењето за умствената молитва не е надворешно и механичко, туку е поврзано со методот на исцелување на човекот.
Вториот начин, кој можеби е полесен и за пократок временски период му помага на човекот да искуси што значи да се врати умот во срцето, е таканаречениот „научнички” метод.
Треба да нагласам дека овој „научнички” метод, кој всушност се поистоветува со разумната молитва и со макотрпниот труд да го сконцентрираме нашиот ум на молитвата, се случува и за време на одземањето на Божјата благодат.
Кога Божјата благодат доаѓа во срцето на човекот, тогаш автоматски умот се соединува со срцето.
Во состојба кога не дејствува Божјата благодат ние се обидуваме да се сконцентрираме и тоа се нарекува “научнички” метод.
Методот на „научничкото” вежбање во молитвата е разновиден. Би сакал да ги наведам најкарактеристичните случаи.
На почетокот се трудиме да ја повторуваме молитвата со устата, стремејќи истовремено со умот (со вниманието) да ги следиме зборовите на молитвата, но одбегнувајќи да фантазираме за она што го мислиме.
Во тој случај повеќе се врши разумната молитва и умот се поврзува со разумот. Тој начин ни помага затоа што и увото учествува во таа работа, па така човекот има повеќе помош за да го сконцентрира својот ум на молитвата.
Секако, треба да нагласам дека кога велам дека се изговара молитвата, мислам на молитвата „Господи Исусе Христе Сине Божји помилуј ме”, која се кажува цела или скратена, или дури и други молитви од Давидовите псалми, како што се:
„продолжи ја Твојата милост врз оние кои Те познаваат”, „исцели ја мојата душа бидејќи Ти согрешив” итн.
Добро е да потенцирам дека внимаваме да имаме една основна молитва и затоа се препорачува молитвата
„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме”, бидејќи така му е полесно на умот да се сконцентрира, без да ги пренебрегнуваме другите молитви кои ни ги дава Светиот Дух.
Понекогаш ја кажуваме молитвата шепотејќи со нашите усни, без да ги употребуваме гласните жици, и тогаш умот се наоѓа повеќе во усните отколку во разумот.
Тој начин е соодветен, затоа што помага во сконцентрирањето на умот без да се бранува човекот со силно изговарање на молитвата. Во тој случај повеќе се движат усните и јазикот и се слуша едно едноставно шепотење.
Нагласуваме дека и во овие случаи се бориме да се ослободиме од фантазијата. Колку што можеме се ослободуваме од нејзиното влијание, затоа што во подвигот на тој внатрешен мистичен живот фантазијата може да направи големо зло и се развива сè понагласено со страшни последици за нашиот живот.
Го велам ова затоа што во подвигот за да се развие таканаречениот „мистичен” свет човекот стекнува едно внатрешно умствено тихување во голем степен.
Меѓутоа, тогаш е возможно една мала фантазија и една мала слика или една обична надворешна дразба да остане во умот за подолго време и човекот да го слуша тоа во текот на еден голем временски период.
За световниот човек, чиј што внатрешен свет е полн со слики, фантазии и сл. веројатно е една обична дразба да не му направи голем впечаток. Но на исихастот, кој се вежба во таа свештена работа, и најмалата дразба што произлегува од сетилата и од фантазиите му предизвикува голема бура и останува многу време во него.
Исихастот во таа состојба, бидејќи неговиот внатрешен свет станал многу чувствителен, внатрешно континуирано ја слуша таа дразба подолго време.
Затоа велиме дека човекот кој се вежба во разумната и во умствената молитва се бори да ги одбегнува надворешните дразби, па дури и самите слики на фантазијата.
Секако, почетниците не можат лесно да се ослободат од фантазиите, па затоа и нивната молитва има нагласен фантазерски карактер. Меѓутоа пополека, со дејството на Божјата благодат и со умножувањето на покајанието, човекот се очистува од сите внатрешни слики и од самата фантазија.
Понекогаш исихастот, вежбајќи се во умствената молитва, го чувствува својот ум како да се наоѓа околу грлото, при што важат Давидовите зборови „колку се слатки за моето грло Твоите зборови Господи”.
Понатаму колку што умот слегува во срцето, толку понагласено се чувствува неговото слегување. По грлото се чувствува присуството на умот во надворешниот дел на телесниот орган на срцето, а потоа го чувствува како дејствува во срцето.
Во тој случај велиме дека умот влегува во срцето со дејството на Божјата благодат во атмосфера на најдлабоко покајание и, секако, го слуша треперењето на духовното срце.
Слегувањето на умот од разумот во срцето се случува пополека, и со дејството на Божјата благодат.
Иако растојанието од разумот до срцето е многу мало, сепак реално е голема и е потребен нагласен труд и голема борба за да слезе умот од разумот во срцето.

 

Избор од фб профил на

Александар Свирски

 4ти ноември 2020 лето Господово