3.angeli.so.truba

Молитва на св. Наум, исцелител на болните

  • Тебе, угоднику на живиот Бог, Науме, Чудотворче, кој си го исполнил законот на нашиот Бог и Спасител -- Исус Христос и си здобил од Него живот вечен, ти се поклонувам со љубов и ти благодарам со смирение за безбројните твои чудодејства со кои си им помагал на немоќните луѓе и си Го прославил името на Својот Бог и Спасител. Тебе, верен слуго на нашиот Бог и Спасител, ти се даде благодатта на Пресветиот Божји Дух -- бесови да изгонуваш, болни да исцелуваш, немоќни да подигнуваш, мачени да утешуваш и во сите неволји на луѓето да им помагаш.

Заради тоа, ние, иако недостојни, те почитуваме како духовна свирка низ која се излева сила и небесна утеха врз оние на кои им е потребна, и со славословие Го прославуваме Творецот Кој ти подари тебе -- обичниот човек таква божествена сила и достоинство. И сега кон тебе приоѓам со поклонување и умиление, праведнику и пријателу на Ангелите, преподобен оче наш Науме ; не престанувај да се молиш за целиот Православен род Христијански пред Престолот на Пресветата, Единосуштна Троица -- за праведниците и грешниците, за сите кои се на власт, за сите кои во неволји страдаат, за епископите, ереите и ѓаконите, ктиторите и дарителите на овој свет храм, за оние кои доаѓаат и се поклонуваат пред твоите свети и пречесни мошти, за болните и со вера упокоените, за старците и момците, за девојките и мајките. Светителу, оче наш Науме, човеку Божји, покриј ги нашите слабости и исцели ги нашите болести со твоите молитви.

  • Уште се молиме, сега и за Божјиот слуга ( име ) кој страда од немоќ и неподносливи рани. Ако со нив се сврзал заради својот грев, или своите родители, или некои свои роднини и поради грев ја добил оваа болест, посредувај, о, ангелоподобен светителу, пред престолот на Господа Кој те прослави, да му го прости гревот и раната да му ја исцели. Ако пак болеста е допуштена од Бога, по светиот Божји збор : Оној што Бог го љуби него и го казнува, го тепа секој син што го прима при Себе, милостиво замоли Го Семилостивиот и Седобриот Бог, да се смилува на овој  Свој слуга и да не допушта поголемо страдање отколку што тој може да поднесе како човек. Луѓето се телесни и ништожни и ниедно страдање не може да се поднесе без благодатта на Бога, Кој нас не закрепнува.

Светителу, оче наш Науме, брзо услиши не и исцели го Божјиот слуга ( име ) со твоите молитви, да не речат неверниците : Каде е неговиот Бог ? О свет и преподобен оче Науме, покажи ја и на овој Твој слуга твојата сила што ти е подарена од Семоќниот Господ и  која и досега си ја покажувал на безброј болни и немоќни кои и приоѓаат на твојата чесна рака со вера, покајание и молитви. Направи го целосен, здрав душевно и телесно ; одгонувај го и изгонувај од него пакосникот на човечките тела -- ѓаволот ; закрепни го неговото тело со здравје и сила, за да може душата негова да се подвизава, кае и подготвува за Царството. Одгонувај ја од него предвремената смрт, за да може и понатака, со добри дела да Му угодува на Благиот Бог и да ја стекне милоста Божја на Страшниот Суд.

  • Помоли се, о преславен Науме, чудотворче, за својот слуга (име), да му се простат гревовите волни и неволни, и очисти го од секаква нечистотија со твојот Свет Дух и со твоите свети молитви, оче наш Науме, па и во него да се прослави Светата Троица, Која тебе те прослави: Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

 

 

Превод: Фамилија Божиноски во соработка со уредниците на веб-страната на МПЦ Св. Петка.

Извор: www.mpc-svpetka.com (Акатисти и Канони)

 

 Друго: