3.angeli.so.truba

 

Литургија на претходноосветени дарови (2)
01 март 2017
"Литургија на претходноосветени дарови (2)"

После оваа подготовка, и по читањето на 18 катизма, вечерна богослужба продолжува со песнопеење на избрани стихови од вообичаените вечерни псалми – започнувајќи со зборовите „Господи, повикав кон Тебе, услиши ме…“. Стихирите за „Господи, повикав…“ означени во богослужбените книги за тој ден се кажуваат напоредно со стиховите од псалмите. По завршувањето на ова песнопение, свештенството го совршува вообичаениот Вход, влегувањето во олтар преку Царските двери, што завршува со молитвата „Светлино Тивка“.

По Входот, се читаат две цитата од Стариот Завет (паримии). Едната е од Првата книга Мојсеева, а другата од Книгата на Соломонови изреки. Меѓу овие две читања, се врши едно чинодејствие коешто ни сведочи за времето кога Великиот пост бил подготвителен период за луѓето кои се подготвувале за Свето Крштение. [Имено] За време на читањето на првото Старозаветно четиво, свештеникот положува една запалена свеќа на Престолното Евангелие. По завршувањето на ова читање, свештеникот ја зема свеќата, и една кадилница, и со нив ги благословува огласените членови со зборовите: „Светлината Христова ги просветува сите“. Свеќата е симбол на Христа, Светлината на светот. Фактот дека свеќата е положена врз Евангелието за време на читањето на Стариот Завет посочува на фактот дека сите пророштва се исполнети во Христа, Кој ги просветил Неговите ученици, за да можат »да ги разберат Писмата«. Стариот Завет води кон Христа, исто како што Великиот пост води кон просветување на оние коишто ќе бидат покрстени. Светлината на Светото Крштение, соединувањето на народот со Христа, ги отвора нивните умови за разбирање на Христовото учење.

По читањето на второто Старозаветно четиво, од центарот на црквата се воздигнува една трогателна и возвишена песна: „Нека се исправи мојата молитва како темјан пред Тебе, а воздигањето на моите раце како жртва вечерна“ . Овие зборови се земени од 140 псалм. За време на ова псалмопение, се кадат Престолот и Жртвеникот во олтар. Овие стихови, заедно со останатите стихови од истиот псалм се повторуваат шест пати.

Во богослужбената практика на Руската Црква, после ова песнопение се чита Великопосната молитва на св. Ефрем Сириски, „Господи и Владико на мојот живот…“.

liturgija

Потоа следи усрдно молење за сите членови на Црквата, но и за огласените. По средата во четвртата недела од Великиот пост, во оваа ектенија се додаваат прозби за огласените кои оваа година се подготвуваат за „Свето Просветување“, т.е. за Светата Тајна Крштение. Во раната Црква, Светото Крштение се извршувало на Светата и Велика Сабота. По читањето на овие прозби, огласените се распуштаат, и започнува вториот дел на Литургијата на Претходноосветени Дарови, односно чинот на причестување.

Се приближува свечениот момент на пренесување на Светите дарови на Престолот. Надворешно, овој вход наликува на Великиот вход на Литургија, но во својата суштина и духовно значење е прилично различен, секако. При потполна Евхаристиска служба, на Великиот вход се пренесуваат / принесуваат сѐ уште неосветени дарови. Црквата се принесува себеси – својот живот, животот на своите членови, и сето создание – како жртва на Бога, вградувајќи ја оваа жртва во единствената совршена Христова жртва. Сеќавајќи се на Христа, Црквата се сеќава на сите оние коишто Тој ги зеде врз Себе, заради нивното искупување и спасение. Пренесувањето на Светите дарови симболично го претставува појавувањето на Христа [а со тоа] и завршувањето на постот и молитвата, со исчекување и приближување на таа помош, утеха и радост којашто сме ја исчекувале.

Свеченото пренесување на Светите Дарови од Жртвеникот на Престолот е придружено со древната песна: „Сега силите небесни…“: Сега Силите Небесни со нас невидливо служат: оти, еве, влегува Царот на славата; еве, веќе принесената таинствена Жртва доаѓа, свечено пратена. Со вера и љубов да пристапиме, за причесници на вечниот живот да станеме. Алилуја, Алилуја, Алилуја.

Входот со веќеосветените Свети дарови се совршува со исклучителна почит и побожност. За време на Входот, верните прават земен поклон. Во богослужбената практика на Руската Црква, за време на овој вход се чита Великопосната молитва на св. Ефрем Сириски, „Господи и Владико на мојот живот…“.

После ова започнува непосредната подготовка за Света Причест, во чијашто основа лежи Господовата молитва „Оче наш“. Изговарајќи ја Христовата молитва, во себе го примаме Духот Христов. Како своја ја прифаќаме Неговата молитва кон Отецот, Неговата волја, Неговата желба и Неговиот живот.

Прво се причестува свештенството, а по него и верниот народ, при што се пее стихот: „Вкусете и видете дека Господ е добар!“.

Службата завршува, а свештеникот возгласува: „Во мир да излеземе!“. На крај, се чита заамвоната молитва. Завршните молитви на целосните Литургии и на Преждеосвештената Литургија се познати [уште и] како Молитви пред амвонот [заамвони молитви], затоа што тие се кажуваат близу до местото кадешто во древнина се наоѓал амвонот, т.е. една посебна катедра од којашто се читало Евангелието.

Заамвоната молитва што се чита на Литургијата на претходноосветени дарови е особено убава. Во неа се согледува врската меѓу служењето на Литургијата на претходноосветени дарови и времето на Великиот пост. Светата Четириесетница е време на духовна борба, време на тешка битка со страстите и гревовите. Сепак, нема сомнеж дека на сите оние коишто, според зборовите на заамвоната молитва, се борат „со добра борба“ ќе им биде подарена победа над невидливите непријатели. А денот на Светото Воскресение е веќе на дофат на раката.

Божествената Литургија на претходноосветени дарови е една од најчудесни и трогателни богослужби во Црквата. Истовремено, таа е и итен повик за често причестување со Светите Христови дарови. Во неа го слушаме гласот на старите векови, гласот на живото, древно Црковно предание. Овој глас вели дека верникот не може да живее со животот Христов доколку постојано не ја обновува неговата врска со изворот на животот, преку причестувањето на Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос. Оти Христос, според зборовите на апостолот, е „нашиот живот“. (Кол. 3,4).

Протопрезвитер Виктор Потапов
Извор: „Тавор“ бр. 2

 https://koe.mk/liturgija-na-prethodnoosveteni-darovi-2/?fbclid=IwAR1NhtwBOf26eHsEdmpovm08ndjNyMpaSkrKnibzkPBOBEW63R-lbTWLBv4

 

Литургија на претходноосветени дарови (1) ...