7.Vselenski.sobor


Современиот човек силно го чувствува дефицитот на време. Се чини дека времето лета сѐ побрзо и побрзо. Ноќта го менува денот како утрото да ги отвора трепките на небото, а вечерта за миг ги затвора. Во детството ни се чинеше дека денот трае необично долго, дека сонцето бавно, речиси незабележливо, како огромен кораб, плива во безграничните простори на небото, и на крај, после долго пливање стигнува на пристаништето зад горите, што го обрабуваат хоризнотот. Настанува самрак, како предворје на ноќта, како пауза кога се менува декорацијата. Но ете, се отвора завесата на ноќта и се пали првата блескава ѕвезда, како свеќа во длабочината на синото прозрачно кристално небо. Поминува време, се пали втората ѕвездичка, а потоа небото се покрива со ѕвезди, како некоја рака да расеала по небосводот огнени цветови. Темнее синевината на небото, сѐ посветли се ѕвездите над земјата. И тој почеток на ноќта за детето се развлекува во простор од неколку години. Самото време му се чини мелодично, како развлечена приспивна песна. А како сега да го восприеме тоа време? Тоа ни се чини скратено, како завиткано во свиток или стегнато во пружина. Недостатокот на време е хронична болест на векот. Се задушуваме од него како од недостаток на кислород.

Нашиот технички век, се чини треба да ни даде возможност да успеваме да направиме повеќе, отколку порано, но ние, напротив, чувствуваме дека времето некаде пропаѓа, како да се губи во некоја бездна, и не можеме да ја исполниме ни онаа работа со која порано лесно се справувавме. Многумина велат: „Се сеќавам на времето кога читавме литература, одевме еден кај друг на гости, работевме некогаш во две смени, а сега дури и немаме време кога да отвориме книга, а со познаниците најчесто општиме преку телефон“. Во што е работата? Да не е хронично болен самиот хронос? Најдлабоко размислување за времето може да се најде кај блажениот Августин во неговите бесмртни „Исповеди“. Тој ни укажува на тоа дека постојат две одобројувања на времето: надворешно и внатрешно.

Надворешниот аспект на времето е календарското време, што има определени објективни ориентири, што се признати за еталони. Тоа време е стабилно и постојано. Внатрешниот аспект на времето – тоа е времето што е преживаеано и фиксирано од нашата душа, од ритмите и процесите на самиот човечки организам. Тоа време е субјективно, и човекот го восприема како непрекинато собирање на времето, како скратување на тие календарски периоди. Таа загатка е тешко разрешлива, затоа влегуваме во област на претпоставки, како некое моделирање. Човекот постојано добива тек на информации однадвор. Таа информација не исчезнува, туку се остава некаде настрана во неговото памтење, во некакви непознати за нас кодови. Секоја информација бара свое место во аналите на памтењето и затоа може да се каже дека ние постојано имаме обработка на надворешни информации. Ако се спореди психата со земјината топка што постојано се врти во круг околу својата оска, тогаш земјината топка кај едно дете, помалку оптоварено со информации, се движи побрзо, и затоа субјективното време му се чини дека подолго трае. Потоа таа топка, полнејќи се со нови информации, како да отежнува, нејзиното движење постепено забавува и човекот тоа субјективно го восприема како скратување на самото време. Се разбира, ова е само груба шема, но, ние, пак, не претендираме на математичка формула за времето, која никој уште не може да ја извлече од коренот на бесконечноста. Само сакаме да ја појасниме својата мисла.

Знаењето е двостран меч. Од една страна, се потпираме на знаењето, а од друга, потокот на информации, оптоварувајќи ја психата, го грабнува од нас самото време. Уште повеќе, одвишната информација станува површна; таа не се претвора во знаење, туку во згура, мртов бласт, што лежи во нашата потсвест, како во потпалубата на некој кораб. Зошто аскетите заминале в пустина или се затвориле во своите ќелии како во гробница и притоа ги земале со себе само неопходните работи? За да се исклучат од надворешните информации или, поточно да ги сведат на минимум. Нивната мисла станува јасна и прониклива, а молитвата стекнува особена длабочина. Дури и најпростото нешто, што го има човек, зафаќа определено пространство во неговата душа. Тој е должен да го чува тоа нешто, да се грижи за него, описно кажано, да го направи честица на својата душа. Да, имено така – нештата го исполнуваат не само просторот на домот туку и просторот на душата, односно мислите и чувствата. Тие исто така го скратуваат времето, што душата го проживаела, како да го јадат. Затоа ослободувајќи се од предметите или некако менувајќи ја ситуацијата, човек чувствува како пораснува потенцијалот на неговата душевна слобода.

Од книгата Тајната на Спасението - Архимандрит Рафаил Карелин

 

7.Vselenski.sobor

 https://www.manastirslepche.mk/novost/zoshto-ima-s-pomalku-vreme-arhimandrit-rafail-karelin/

“Во почетокот беше Словото,
и Словото беше во Бога
и Бог беше Словото.” – Јован 1,1

 

Друго:

7.Vselenski.sobor