91.  Крајот на сите добрини е љубовта, зашто таа ги води сите што навлегле во неа – ги приведува и ги приближува кон најврвното од сите блага -  Бога. Љубовта е виновникот на секое добро, таа е секогаш верна, никогаш не отпаднува и засекогаш останува неизменлива. Верата е основата, па по неа следат – надежта и љубовта; таа силно ја крепи вистината. Надежта е тврдина за оние што стојат покрај неа – од лево и од десно – за љубовта и за верата. Таа им се покажува и на обете верна – и на оној што верува и на оној што љуби, и ги води по вистинскиот пат и ги поучува. Љубовта е нивното исполнување, таа како да опфаќа сѐ што сака да опфати, давајќи му успокојување во себеси, па наместо верата во тоа што е, и надежта – во она што ќе биде, љубовта го води со себе и во себе – и сегашното и идното, а идното го чувствува како да е во сегашноста.


92.  Има три зла кои се најголеми и почетоци на секое зло; од нив се раѓаат сите други зла: незнаењето, самољубието и омразата, кои роднински се поврзани и взаемно си помагаат. Зашто од незнаењето на Бога се раѓа самољубието, а од него – омразата спрема она што има иста природа. И никој не му противречи на она што лукавиот го прави против нас преку нив, учејќи нѐ да ги злоупотребуваме нашите сили: со разумот, со желбите и со енергијата.


93.  Потребно е со разумот, наместо со незнаењето, да се издигнуваме кон Бога и преку познавање да Го бараме. Откако ќе се очистиме од страста на самољубието, треба да се стремиме само кон Бога со сета наша желба. Откако ќе се ослободиме од омразата, со сета наша енергија да се трудиме да Го придобиеме само Бога, а во себеси да ја создадеме божествената и блажена љубов, соединета со Бога и со Божјата сила да се покажеме како богољупци. Љубовта е од богознаењето и желбата за Бога и тие постојат поради неа.


94.  Кога ќе го отфрлиме самољубието, кое, како што реков, е почеток и мајка на сите зла, тогаш заедно со него ќе биде оттргнато од нас и сѐ што произлегува од него, зашто кога ќе го нема него, тогаш ќе нема никаков вид зло и никаква трага од злото нема да може веќе да се задржи во нас.


95.  Треба да се почитуваме и да се сакаме сами себеси и еден со друг така, како што ни посведочил Самиот Христос со Својот пример, со Својот личен пример – кога посакал доброволно да пострада за нас.


96.  Дејството и доказот за совршената љубов спрема Бога е искрената и доброжелателната расположба спрема ближниот. Зашто „кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, кого не Го видел?“, ни говори божествениот Јован (1. Јов. 4, 20).


97.  Еве, ова е вратата, низ која влегуваме во Светињата на светињите и се удостојуваме да бидеме достојни гледачи на недостапната убавина на Светата и царствената Троица.


98.  За нас е неможно да се здружиме со Бога, ако се бунтуваме против Него со нашите страсти и, ако доброволно му плаќаме данок на лошиот тиранин и губителот на нашите  души – на ѓаволот – со тоа што грешиме, сѐ додека одлучно не востанеме против лукавиот и не поведеме војна против него, зашто сѐ дотогаш остануваме непријатели Божји и борци против Него, без оглед на тоа што се нарекуваме верници, сѐ додека доброволно им робуваме на страсните нечесности. И никаква корист нема да имаме од световниот мир, ако душата наша е лоша според својата расположба, ако востануваме против својот Создател и не сакаме да бидеме под Неговата царска власт, а им се продаваме на безбројните лоши гоподари, кои ја фрлаат нашата душа во гревови и лажливо нѐ учат, место да го избираме вистинскиот и спасоносен пат, да му даваме предимство на оној што нѐ води во пропаст.


99.  Бог нѐ создал затоа, за да бидеме „учесници во Божјата природа“ (2. Петр. 1, 4) и „да бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е“ ( 1. Јов. 3, 2) – според благодатното обожување, заради што е устроено сѐ и продолжува да постои и она што не постои се раѓа и настанува во битие.


100.  Ако сакаме да се именуваме Божји и да бидеме такви, тогаш да го прифатиме подвигот: да не Го предаваме Словото Божјо на страдања, слично на предвникот Јуда; и да не се откажуваме од Него, слично на апостолот Петар. Откажувањето од Словото е откажување да правиме добро заради страв од нешто, а предавството е намерниот грев со дела и слободен стремеж кон грешење.


101.  Самољубието и телесното мудрување на луѓето, што ги оддалечиле луѓето еден од друг, и откако погрешно го истолкувале законот, ги разделиле луѓето, кои имаат една природа, на многу делови и сите ги вовеле во нечувствителност и жестокост, па со таквата расположба ја вооружиле самата природа против себеси, односно луѓето еден против друг. Затоа секој, кој ќе успее со здрава мисла и благородно мудрување да ја отстрани таквата извратеност на природата и најнапред спрема себеси, а потоа и кон другите, да покаже милост, откако ќе го настрои своето срце, како што треба спрема природата, и кон Бога. Според таквата расположба природно да се приближи и да покаже на себеси што значи да се биде според образот Божји и како Бог во почетокот прекрасно ја создал нашата природа подобна на Својата, која ја одразувала во себеси Неговата лична добрина и ја направил да биде хармонична; не бујна, туку мирна и спокојна; да биде и со Бога и сама со себеси тесно поврзана со љубов, - таква, за да може со желба да Го прифаќаме Бога – како сакано добро, а и еден со друг да се сакаме силно како делови на една суштина.


102.  Човекољубивиот Бог затоа го создал човекот, - за човечката природа сите луѓе да ги собере во Себе и да ги сопре да не паднат во зло, поради што самата човечка природа се разделува самата во себеси и востанува самата против себеси, не можејќи никаде да се запре, поради непостојаната подвижност и изменливост на расположбата по однос на другите луѓе.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том III

Подготви: Т.С.