✜✣✜

ВЕЧЕРНА

Слава, глас 6.

Денес Светилникот на Светлината, како светла ѕвезда, подготвува пат за доаѓањето на Словото Божјо. Денес му се враќа говорот на Захарија, како што ангелот претскажа, зашто не прилегаше да биде нем таткото на Гласот кој излезе од неплодна утроба и кој, со голема слобода, на целиот свет му благовести избавување.


И сега, глас 6.

Елисавета го зачна Претечата на благодатта, а Дева - Господа на славата: двете мајки се целиваа и Младенецот заигра; во утробата, слугата го фалеше својот Господар; зачудена, мајката Претечева почна да вика: Од каде тоа, Мајката на мојот Господ да дојде при мене!? За да ги спаси луѓето од очајание, бидејќи има милост голема.


Слава, глас 5.

(Од Андреј Критски): Денес Елисавета го раѓа крајот на пророците и почетокот на апостолите, небесниот човек, гласот на Словото, воин и Христов Претеча, кој порано заигра (во утробата) поради ветувањето, и проповедаше пред раѓањето на Сонцето на правдата, и таа се радува; се чуди Захарија во староста, откако се ослободи од оковот на молчењето и, како татко на Гласот, јавно претскажува: Ти, младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, ќе врвиш пред Него и пат ќе Му подготвиш. Затоа, ангеле, пророче, апостоле, воине, претечо, крстителу и проповеднику на покајанието, и наставниче, како глас на Словото на Светлината, непрестајно моли се за нас, кои твојот спомен со вера го славиме.


И сега, богородичен глас 5.

Дево сечесна, ти си храм и врата, палата и престол Царев, низ која мојот Избавител – Христос Господ, Кој е Сонце на правдата, им се јави на оние што се во мрак, сакајќи да ги просветли оние што ги создаде со Својата рака. Затоа, Највоспеана, имајќи смелост пред Него како Мајка, непрестјно моли Го да ги спаси нашите души.

Слава, глас 8.

(Од Касија монахињата): Гласот на пророк  Исаија денес се исполни со раѓањето на Јована, најголемиот меѓу пророците; Ете, вели тој, ќе го испратам мојот ангел пред лицето Твое, кој ќе го подготви патот пред Тебе. Тој е воинот кој трча пред Царот небесен, бидејќи навистина ги исправаше патеките пред нашиот Бог. Навистина човек по природа, а по живот – ангел; откако ги прегрна чистотата и целомудрието, најпосле ја надмина природата, откако се подвизаваше натприродно. Сите ние, верни, подражавајќи ги неговите добродетели, се молиме, тој да се моли за нас, за да се спасат душите наши.


И сега, богородичен, глас 8.

Еве, што Елисавета ѝ говори на Дева Марија: Зошто си дошла при мене, Мајко на мојот Господ! Ти Го носиш Царот, а јас - воинот; ти ( Го носиш ) Законодавецот, а јас - исполнителот; ти ( Го носиш ), Словото, а јас - Гласот кој го проповеда Царството небесно.


✜✣✜

УТРЕНА


Тропар, глас 4.

Пророче и Претечо на пришествието Христово, не умееме достојно да те пофалиме, ние што со љубов те почитуваме, бидејќи со твоето чесно и славно раѓање се разреши неплодството на онаа што роди, и немоста на таткото, и на светот му се проповеда воплотувањето на Синот Божји.

По првата катизма, седален, глас 4.

Сега ни процвета плодот на Захарија, украсот на пустината и најголемиот меѓу пророците, и разумно ги весели мислите на верните; затоа се јави Христовиот Претеча, и вистински сведок на Неговото доаѓање. Поради тоа, со духовни песни, согласно да му запееме на Крстителот: Пророче и проповеднику на Вистината, моли да се спасиме.

По втората катизма, седален, глас 8.

Сеславен Јоване, како врв на пророците и првина на доаѓањето Христово, навистина се роди преславно и, како глас на Словото, викаше: Покајте се, зашто се приближи Царството небесно. Затоа, ти се јави за сите како Претеча на благодатта, кој го подготви патот на Господа. Крстителу и апостоле, моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите, на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.


Седален, глас 8.

Кога се роди ( Јован ) Претеча, гласот на Словото, светло го одврза гласот на Захарија, и неплодноста на законот на сите им ја покажа. Тој вика: Покајте се, вие кои сте на земјата, бидејќи дојде и се јави Исус, Кој сака да ги избави сите од првата клетва, просветлувајќи со крштението. Навистина чудо преславно!


Кондак, глас 3.

Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча, и тој е исполнувањето на сите пророштва. Во (реката) Јордан, тој ја положи раката врз Оној што Го навестуваа пророците; се јави пророкот на Божјото Слово, истовремено проповедник и претеча.


Икос: Да го прославиме сега Господовиот Претеча, кого што го роди Елисавета од неплодната утроба, но не бессемено, бидејќи само Христос го мина непроодниот предел бессемено. Јована го роди неродна (жена), но не го роди без маж. Исуса, пак, Го роди Чиста Дева, со осенувањето на Отецот и на Духот Божји. Родениот од неплодната, се јави како пророк, проповедник и Претеча на Родениот бессемено (од Дева).


Канон, творба на Јован Монах, глас 4.

Песна 9.

Икос: Во тебе, Дево, Пречиста, јасно се извршува скриената и неискажлива Божја тајна, бидејќи од тебе се воплоти Бог поради милосрдие. Затоа те величаме како Богородица.

Ете, гласот Претечин застана пред неплодните и пусти срца, викајќи: Подгответе Му сега пат на Христа, оти доаѓа во слава; затоа Му се поклонуваме и Го величаме.

Како што во она време, Претечо, научен од Пресветиот Дух, јасно си Го проповедал Синот, Јагнето Божјо, Кој ги зема гревовите на светот, сега испроси за твоето стадо прошка на гревовите.

Троичен: Пеејќи православно, верни, да Ја прославиме Троица едносуштна во една природа, Која благодатно нѐ озарува, и со зраците на незаодната Светлина ги исполнува душите наши.

Богородичен: Ти, која владееш со сето создание, дај им надмоќ и победа, и покори го непријателот на Црквата, за да те величаме како Богородица.


Светилен.

Денес радоснотворното раѓање Претечево стави крај на татковата тага, поради онеменоста, и на неплодноста мајкина, а ја навестува идната радост и веселие; затоа и сета твар светло го празнува.


Слава, глас 6:
Денес, од неплодна утроба, на земјата се раѓа ѕвезда над ѕвездите - од Бога возљубениот Јован Претеча, кој ја покажува светлината Христова, Истокот од висините, за да им го покажува патот на верните.


И сега, богородичен:

Богородице, ти си вистинската лоза која ни Го израсна Плодот на животот. Тебе ти се молиме: Моли се, Владичице, со светите апостоли, да ги помилува душите наши.

Подготви:Т.С.