sv.Naumohridski.jpg

✜✣✜

Величаниеː

Те величаме, преподобни отче Науме и го почитуваме твојот свет спомен, наставниче на монасите и собеседниче на ангелите.


✜✣✜
Стиховни стихири, глас 5.

Радувај се, мизијски светилнику, чесен украсу на монасите, мерило на догматите, правило на православието, небо кое ја проповеда славата на Христа, Царот на вселената; око што не заспива, кое ги гледа краиштата, кои што ги исполни со божественото проповедање. Затоа, приснопаметни, во тебе се исполни зборот на пророштвото: Твојата проповед, Науме, ја обиколи целата земја, и на сите им се познати твоите чудеса.

Стихː Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии.

Јасен проповедник на Евангелието во Македонија си бил, себлажени, и во секоја човечка душа си ја вложил љубовта Христова. Затоа, откако ги протера сите прелестни собранија, православните ги научи верно да ѝ се поклонуваат на Троица несоздаденаː на беспочетниот Отец и Родител; на собеспочетниот Син; и на Светиот Дух Кој непосредно произлегува од Отецот, како од единствен извор на едното пресуштествено просто божество.

Стихː Блажен е оној човек, кој се бои од Господа, и кому му се мили Неговите заповеди.

Навистина со радост и  веселие на душата си дошол дури до прекрасните живеалишта во домот Божји, себлажени, каде што е гласот на оној што празнува, отче, каде што се слушаат прекрасни зборови, слатки пофалби, и неискажлива радост и сладост, блажени. Откако само нив ги засака, телото го умртви и нив ги прими, украсувајќи се со божествената правда, и молејќи Го Христа, Кој на светот  му дава милост голема.

Тропар, глас 4.
Откако се соедини со Христа, си го оставил телото, Науме преблажени; духовно живеејќи, си се грижел да се подвизуваш како апостолите, и за верата го придоби неизбројното мноштво Мизијско. Затоа, со твоите молитви, избави нѐ од искушенија.


По прва катизма, седален, глас 3.

Преподобен (Науме), кој и сега достојно го благовестиш прекрасниот мир кој секаков ум надминува, дивите народи мизијски, кои беа како диви ѕверови, си ги ставил во прегратките Христови. Затоа испроси непоколеблив мир и милост голема.

По втора катизма, седален, глас 1.

Како самодејствител на чудеса, молитвеник и застапник пред Бога за сите, себлажени богоносецу Науме, мизијска похвало, се молимеː избави ги твоите слуги од сегашнава беда и од идниот пламен, со твоите божествени молитви.

По полиелејните псалми, седален глас 4.

Подражателу на апостолите, правило на архиереите, убавино на преподобните, сострадателу на страдалците, без крв како маченик се овенча, зашто си беседел во тешки маки, носејќи го Христовото име божествено, и секогаш смело проповедајќи ја тајната на Света Троица. Нејзе не престанувај да ѝ се молиш, Науме, за оние што тебе те прославуваат.

Седален, глас 8.

Како мудар и бистроумен, уште од млада возраст го прими бремето на твојот Господ, отче (Науме), кое не е тешко, туку е мошне лесно и со благост исполнето. А како сотрудник на божествениот Климента, со него си ги обработил срцата македонски. Затоа си преминал во безболните предели, непрестајно земајќи награда за  подвизите, себлажен и преподобни. Моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.

Кондак, глас 3.

Пречесниот спомен на твоите светли подвизи е како големо сонце кое свети, просветлувајќи ги сите оние што те слават тебе, бидејќи изгонува секаква болест и бесови. Поради тоа, собрани, со љубов верно да го прославиме.


Икосː Денес се јави нашиот отец и голем застапник, и просветител, јасниот Наум. Пријдете да се собереме, мноштва мизиски, и да му се радуваме, бидејќи тој сите нас нѐ просветли, и мракот на прелеста го разруши. Тој Го следеше Христа и себе се предаде за жртва благопријатна. Тој, и неговиот многуславен спомен и празник, сега на сите верни им предлага духовна гозба. Затоа со љубов да го прославиме.


Светилен.

Христос ги посети луѓето измачени од рацете на лукавиот и од мракот на неверието. Но, преку Тебе, Спасителе, и преку тебе, Науме, целата земја се исполни со богопознание.

 

Подготви: Т.С.