УТРЕНА

Тропар, глас 8.

Кога го виде крсниот знак на небото, и како Павле доби позив не од луѓето, туку од Тебе, Господи, Твојот апостол меѓу царевите го предаде царскиот град во Твои раце; него секогаш во мир пази го, по молитвите на Богородица, единствен Човекољупче.


Седален, глас 3.

Со твојот живот беше како нов Давид, кога царското достоинство го прими одозгора, бидејќи предвечното Слово и Господ те помаза со елејот на Духот, славен (Константине). Оттаму го прими и царскиот скиптар, премудри, просејќи за нас милост голема.


Седален, глас 6.

Творецот на сонцето и созданијата, кој беше издигнат на крстот, те привлече тебе како светла ѕвезда од небото, и стана првиот кому царската власт му беше возложена. Затоа те славиме, благочестив цару Константине, со богомудрата мајка Елена.


Седален, глас 4.

Твојот вонреден спомен ни се откри, боговдахновен Константине, и со светлината на богопознанието ги озаруваш краиштата на земјата, зашто ти се покажа благочестив меѓу царевите, откако законите на Небесниот Цар ги запази. Затоа, со твоите молитви, запази нѐ од искушенија.

Седален, глас 8.

Откако сетилата ги сврте кон небото, и во ѕвездите ја откри добрината, од нив беше тајно научен за Господарот на вселената, бидејќи среде нив болсна крсното оружје, со натписот дека со него ќе победуваш и ќе бидеш моќен. Затоа, откако ги отвори очите на душата, ја прочита пораката, и го дозна средството. Сечесен Константине, моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите, на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.


Кондак, глас 3.

Константин со неговата мајка Елена денес го покажуваат крстот, сечесното дрво, кој е за посрамување на сите Јудеи, а за верните цареви е оружје против непријателите, но и за нас се покажа како голем знак и страшен во борбите.


Икос: Да го почитуваме, верни, Константина со неговата мајка, оти и двајцата, кога ги слушнаа зборовите на Давида во кедрите, елите и кипарисите, ги препознаа трите краци на крстот, на кого се изврши спасителното страдање, и ги принуди непријателите Христови, кои живееја во Јудеа, да направат сѐ за да им го покажат на народите на вселената големиот доказ, што тие го криеја поради завист и љубомора; откако го најдоа, тие им го покажаа на сите. Поради тоа, тие се покажаа победоносци пред сите, носејќи го непобедливото оружје, големиот знак, страшен во борбите.


Светилен.

Боговенчани Константине и славна Елено, вие навистина се покажавте како светилници кои ја просветливте целата вселена со верата на благочестието. Затоа со песни Го славиме Христа Кој ве возвеличи, и Кој е дивен во светите.

Слава, друг.

Константин Велики со мајка му, царската власт ја прими  не од луѓе, туку од Божјата благодат, кога на небото го виде како болска крстот, Божјата победа. Со него тој го победи непријателот, и ја разруши идолската измама, а во светот ја закрепна верата православна.

Хвалитни стихири, глас 8.

Радувај се, Константине премудри, извору на православието, кој со слатки води ја напојуваш целата земја. Радувај се, корену од кој изникна плод што ја храни Црквата Христова. Радувај се, пофалбо на сите краишта на земјата, најславен и прв меѓу христијанските цареви. Радувај се, ти кој си радост на верните.

Царот на созданијата, предвидувајќи ја покорноста на твоето срце, додека ти сѐ уште беше држан во неразумност, премудри (Константине), те улови со мрежите на разумноста и, откако ја озари твојата мисла со разбирање на верата, те покажа пред светот како светлозарно сонце, кое испушта зраци на божествени дела.

Откако ги прими Господовите учења како земја избрана, сефалена Елено, си дала плодови на добри дела, кои ги хранат нашите помисли, преку уподобување на твојот живот, премудра. Затоа денес твојот спомен го празнуваме радосно и торжествено.

Христе Боже, со елејот на радоста Ти ги помажа преславните причесници на Твоето царство, Константин и Елена, кои ја замразија прелеста и ги посакаа Твоите добрини, и ги удостои за Твоето Царство небесно, откако по Твоја заповед, Слове, отпрвин царуваа на земјата благочестиво.


Слава, глас 8 (од Патријархот Методиј).

Царот на царевите и Бог, Кој со богати дарови ги украсува достојните, Самиот Он те улови со крсниот знак од небото, Константине, како и апостолот Павле, кога рече: Со ова победувај ги твоите непријатели. Откако го побара со твојата набожна мајка и го најде, според твојата желба, ти го врати со сета своја сила. Затоа, со неа моли Го единствениот Човекољубец, од секаков гнев да ги избави сите коишто владеат православно, и христољубивата војска, и сите верни што го слават твојот свет спомен.

 

Подготви: Т.С.