Редоследот е сличен на оној од минатите недели: во неа се пее и службата од Минеј на светителот. Се пее и службата на св. Марија Египетска.
На Вечерна: Господи, повикав: земаме 10 стиха, и пееме од Осмогласник 3 стихири воскресни, 3 анатолиеви и 3 подобни на Преподобна Марија, од кои една се повторува. Глас 6.
Твојата поранешна приврзаност кон страстите ти пречеше да го созерцаваш она што е свето; но твоето чувство и твојата богомудра совест те обратија кон повозвишени дела: оти, кога ја виде иконата на благословената Богородица, откако се покаја за сите поранешни свои гревови, сефалена, смело на чесното дрво си му се поклонила.
Откако радосно им се поклони на светите места, на патот кон спасението се снабди со добродетели. Откако ја мина реката Јордан, ревносно се насели во живеалиштето Претечино и, со подвижничкиот и свет живот, суровоста на телесните страсти си ја помрачила, мајко преподобна.
Откако се насели во пустината, од твојата душа ги оддалечи сликите на страстите, а на нивно место го наслика образот Божји, во светлината на добродетелите; и толку многу си се просветила, што и по водите минуваше лесно, блажена, и во твоите молитви кон Бога, се подигаше и од земјата: и сега смело стоејќи пред Христа, Марие сеславна, моли се за душите наши.
Слава, глас 4: Силата на Твојот крст, Христе, направи чуда, така што некогашната блудница се оддаде на живот подвижнички. И покрај нејзината слабост, таа на ѓаволот му се спротивстави храбро. Затоа, носејќи ја наградата за победата, се моли за душите наши.
И сега: прв богородичен од редовниот глас (догматик).
На стиховни, стихири од Осмогласник.
Слава: на преподобната, глас 2: Душевните замки и телесните страсти со мечот на воздржанието си ги посекла; грешните помисли си ги задушила со молкот на аскетскиот живот, а со твоите солзи пустината си ја напоила и си ни израснала плодови на покајанието. Затоа твојот спомен го празнуваме.
И сега: богородичен, на истиот глас: О, ново чудо:
Отпустителен (тропар) воскресен.
И на преподобната, глас 8: Во тебе, мајко, сигурно се спаси она што е според образот (Божји): откако прими крст, си го следела Христа, и со пример си нè учела да го презираме телото, зашто е минливо, а да се грижиме за душата која е бесмртна. Затоа, преподобна Марие, твојот дух се радува со ангелите.
И богородичен: Ти, Кој заради нас се роди од Дева: (богородичен воскресен, глас 8). Овие и на Бог Господ:
И остатокот како и обично.

УТРЕНА


По вообичаениот почетен редослед пееме 3 канони: воскресен со богородични на 6, овој од Триод на 4, и на преподобната на 4. Канон на богатиот и на Лазар. Глас 8.
Песна 1
Икос: Откако ја мина водата како по суво и египетското зло го избегна, народот израилски викаше: На Избавителот и наш Бог да Му пееме.
Си ме оставил мене богатиот, кој секојдневно се веселев во изобилството на сласти. Затоа, Те молам, Спасителе, избави ме од огнот како Лазара.
Се облеков, Спасителе, со сласти, како оној што се обложува со висон и злато, и златна облека. Но, како оној, во огнот не ме испраќај.
Некогаш богатиот се веселеше со бгатството и насладите во пропадливиот живот. Затоа самиот се осуди на маки, а бедниот Лазар се освежуваше.
Богородичен: Чиновите ангелски и човечки те фалат непрестајно, Мајко безневесна, зашто Создателот на сите, како Младенец, во прегратките твои си Го носела.
Друг канон на преподобната, на 4. Глас 6.
Ирмос: Некогаш Господ го потопи во морето фараонот, а спасените момчиња го скрија под земјата гонителот мачител. Но ние, како деца на искупениот народ, да му пееме на Господа, зашто славно се прослави.
Мене, кој го празнувам твојот светлоносен и божествен спомен, светлина испрати ми, преподобна, која стоиш пред Христа – непристапната Светлина, избавувајќи ме од секакви животни искушенија.
Господ, Кој знае сè пред да се создаде, неописаниот и предвечниот, Кој во Египет појде со тело, тебе те покажува сесветла ѕвезда од Египет.
Не знаејќи ги божествените заповеди, Чесна, божествениот образ Божји во себе си го извалкала; со божествената, пак, промисла повторно си го очистила, сефалена, откако се обожи со твоите божествени дела, преподобна.
Богородичен: Колку е големо, Боже мој, Твоето големо милосрдие и Твоето неискажливо снисходење!? Како онаа што отпрвин беше блудница, по молитвите на Твојата Мајка, како чиста и непорочна, си ја направил слична на ангелите!?


Песна 3
Икос: Ти си тврдина на оние што приоѓаат кон Тебе, Господи, Ти си Светлина на помрачените и духот мој Те воспева.
Како што си го спасил Лазара од пламенот, Христе, така и мене – твојот недостоен слуга – од пеколниот оган избави ме.
Јас сум богат со страсти и сласти, а сум сиромав лишен од добродетели: но спаси ме, Господи.
Богатиот се облекуваше во порфира и свила, односно во страсти и сласти; поради тоа сега во пламен гори.
Богородичен: Дај ни помош со твоите молитви, Сечиста, отстранувајќи ги опасностите што нè окружуваат.
Друг канон. Ирмос: Кога тварта Те виде како висиш на лобното (место), Тебе, Кој сета земја ја обеси на водите, од голем ужас трепереше, викајќи: Никој не е свет како Тебе, Господи!
Тебе, која до вратата на погибелта се приближи со грешните дела, вратата на покајанието ти ја отвора, Сечиста, Оној што порано со силата на божеството ја скрши вратата адова, Кој и самиот е врата на животот.
Онаа што порано беше оружје на гревот, Долготрпеливе, Ти целосно ја одврати од лажните дела на демонот, преку поклонувањето на Твојот крст божествен, Милостиве.
Оној што порано ја пролеа Својата крв, за откуп на сите, Кој на сите им дава битие, со бањата на солзите те прави чиста, тебе која си заболена од тешка лепра на лоши дела.
Богородичен: Ниту еден збор не е доволен да ја искаже твојата тајна, Дево, зашто Словото Божјо во тебе боголепно се всели, со еден збор давајќи им на сите што грешат разрешување на гревовите.
Седален, глас 8.
Кога со посниот подвиг ги заузда сите телесни нагони, ја покажа храброста и цврстината на твојата душа; сакајќи да го видиш крстот Господен, самата себе се распна за светот, сечесна. Оттука и желбата твоја да живееш живот ангелски, себлажена. Моли Го Христа Бога да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го слават твојот свет спомен.
Слава, и сега: богородичен: Да ја воспееме небесната врата и ковчег, сесветата гора, духовниот рај, Евиното избавување, големото сокровиште на целата вселена, зашто спасението на светот преку неа се изврши. Затоа нејзе ѝ викаме: Моли се на Твојот Син и Бог, да им дарува прошка на гревовите, на оние што набожно се поклонуваат на Твоето сесвето рождество.


Песна 4
Икос: Ја слушнав, Господи, тајната на Твојата промисла; ги разбрав делата Твои и го прославив Твоето божество.
Богатиот се насладуваше и се веселеше со храна и облека, а Лазар сакаше да се насити со трошките од неговата трпеза.
Кучињата со јазикот ги лижеа раните на сиромавиот Лазар, имајќи повеќе сочувство кон бедниот, отколку богатиот.
Некогаш, Спасителе, пред вратата на богатиот се валаше Лазар, мачен од тешки рани, затоа сега тој се прославува.
Богородичен: Оној што си Го родила, Пречиста, моли Го да се спасат од ропството на ѓаволот оние што те воспеваат, зашто ти си единствената наша застапница.
Друг канон. Ирмос: Предвидувајќи го Твоето божествено понижување на крстот, (пророк) Авакум зачуден викашее: Ти си ја пресекол моќта на силните, Благи, слегувајќи при оние во адот, како сесилен.
Како создател на човечката природа, како извор на милост и богатство на милосрдие, си ја помилувал, Човекољупче, онаа што во Тебе прибежиште најде и си ја избавил од ѕверот погибелен.
Желна да го видиш крстот, со просвештението на крстот си се озарила, Марие, и со еден знак на Оној што на крстот се прикова, како Него се распна за светот и ти, која за восхит си достојна.
Ти, која отпрвин за мнозина беше причина за грешење и сладострасни наслади, засветли како сонце, и на сите што грешат им се покажа како пат што води кон Бога, преподобна.
Богородичен: Ти го надмина и умот на ангелите, духовно небо на Царот на сите! Законите на природата се надминати, Дево Чиста, зашто Законодавецот и Создателот на сите си го родила.
Песна 5
Икос: Зошто ме отфрли од Твоето лице, светлино незаодна, и мене бедниот ме покри необична темнина! Но, се молам, обрати ме и, кон светлината на Твоите заповеди, патиштата мои насочи ги.
Кога богатиот го виде Лазара во прегратката на Авраама, како се весели во светлина и слава, викаше: Оче Аврааме, помилуј ме мене, во огнот осудениот, и кому јазикот од жед му гори.
Авраам му велеше на богатиот: си се насладил од богатството на животот, веселејќи се, затоа сега ти овде во огнот се мачиш, а бедниот Лазар во вечна радост се весели.
Богатиот го трошеше својот живот во раскоши лажни задоволства; на тој начин станав богат и јас, Човекољупче! Но, Те молам за милост, од огнот да се ослободам, како што и Лазар се спаси.
Богородичен: Откако стекна мајчинска смелост пред Синот, Сечиста, те молиме: Не одбивај ја твојата помош за нас христијаните, зашто тебе те предлагаме за единствена застапница пред Господа.
Друг канон. Ирмос: Исаија кога ја виде незаодната светлина, што нам милостиво ни се откри со Твоето Богојавление, Христе, од ноќта поранувајќи, викаше: Ќе воскреснат мртвите и ќе станат оние во гробовите, и ќе се зарадуваат сите родени на земјата.
Некогаш Мојсеј се прослави на Синај, откако имаше видение на Бога, скицирајќи чудесна тајна: а сега Марија, откако набожно се поклони пред пречистата икона, пред стомната која содржи мана, живот ангелски започна.
Онаа што го оскверни твојот храм во своето тело, посака да ја види убавината на Твојот дом, и духовниот храм на Твојата слава, како што пее Давид: по молитвите на Онаа што беше Твој пречист храм, Христе, направи ме храм на Твојот семоќен Дух.
Онаа што со очите, преку јадицата на своето тело, со краткотрајни наслади улови мнозина, кои станаа плен на ѓаволот, и самата вистински беше уловена со божествената благодат на чесниот крст и стана најслатка храна Христова.
Богородичен: Пророчкиот собор, упатен во твојата тајна, со таинствени Божји зборови, Пречиста, на многу начини претскажа за тебе. И Марија (Египетска), откако се поклони сега пред твојата пречиста икона – пред стомната со мана – за грешниците посредница пред Бога стана.
Песна 6
Икос: Очити ме, Спасе, од многуте мои беззаконија и, се молам, од бездната на злото изведи ме. Кон Тебе повикав, и услиши ме, Боже на моето спасение.
Со сладострасниот живот богатиот самиот себе се осуди на огнениот пламен, а бедниот Лазар, кој во овој живот ја избра сиромашијата, за бескрајната радост се удостои.
Лазар се удостои за прегратките на Авраама, со вечниот живот насладувајќи се; а богатиот, со душа и тело, се осуди на огнени маки.
Богатиот е осуден во оган поради Лазара: се молам, Човекољупче Господи, не осудувај ме мене бедниот, но, како Лазара, за Твојата светлина удостој ме.
Богородичен: Да се избавиме од тешките гревови, по твоите молитви, Богомајко чиста, и да примиме божествено просвештение на Синот Божји, Кој од тебе неискажливо се воплоти.
Друг канон. Ирмос: Крајната бездна гревовна ме обзеде и, не поднесувајќи ги повеќе брановите, како Јона Ти викам: Господи, од гнилежот изведи ме.
Се радуваат, Марие, ангелските воинства, гледајќи во тебе рамен живот на нивниот, преподобна, и Му оддаваат слава на Господа.
Мрачните сили демонски се плашат од крепкоста на твоето трпение, бидејќи ти, како жена, необлечена и осамена, си ги победила.
Си засветила како сонце, Марие, сефалена, и со чудеса сета пустина си ја просветлила. Затоа и мене со Светлината (Божја) просветли ме.
Богородичен: Ангелите, просветлени со славата на Твоето Рождество, Дево, нам, на сите, ни објавија: Мир на земјата, и добра волја меѓу луѓето.
Кондак, глас 3.
Порано исполнета со секакви блудни дејства, сега со покајание се покажа Христова невеста; ангелскиот живот подражавајќи го, со оружјето на крстот демоните ги погубува. Поради тоа се покажа невеста на Царството, Марие преславна.
Икос: Агницата Христова и ќерка, со песни да ја прославиме сега, Марија вечно споменуваната, која се покажа како египетска овца, и сета нивна прелест ја избегна, и како единствен совршен цвет на Црквата се принесе, со воздржување и молитва над мерата на човечката природа. Затоа единствениот Седржител ги возвиси и животот и делата на Марија преславната.
Песна 7
Икос: Младите момчиња, од Јудеја во Вавилон некогаш дојдени, со вера во Света Троица, пламенот во печката го изгаснаа, пеејќи: Боже на татковците, благословен си.
Како што некогаш Јов во ѓубре, црви и кал лежеше, така и Лазар пред вратите на богатиот седеше, викајќи: Боже на отците, благоловен си.
Лазар, валајќи се некогаш пред вратите на немилосрдниот богаташ, трошките од неговата трпеза ги посакуваше, но никој не му ги даваше; и, наместо нив, ги најде прегратките на Аврама.
Се молам, Христе мој, избави ме од делот на немилосрдниот богаташ, и, откако ќе ме вселиш кај Лазара, удостој ме благодарно да Ти пеам: Боже на татковците наши, благословен си.
Богородичен: Ти, Кој се воплоти од Девствената утроба, се јави за спасение наше. Затоа, знаејќи ја Твојата Мајка за Богородица, со благодарност викаме: Боже на нашите татковци, благословен си.
Друг канон. Ирмос: Младите момчиња во Вавилон, не се исплашија од огнот во печката, но среде пламенот фрлени, оросени пееја: Благословен си, Господи, Боже на нашите татковци.
Еден од најголемите отци, мудриот Зосим, обиколувајќи ја пустината, се удостои да ја види преподобна Марија; затоа вика: благословен си, Боже на татковците наши.
Преподобната му велеше на старецот: Што си дошол да видиш, оче? Жена лишена од секаква добродетел? А тој повика: Благословен си , Боже на татковците наши.
Блажена (Марие), откако ги умртви нападите на твоите страсти, сега се устреми кон бестрасното пристаниште, викајќи: Благословен си, Господи, Боже на татковците наши.
Богородичен: Си зачнала неискажливо, останувајќи Дева, Пречиста, и си му го родила на светот спасението – Христа нашиот Бог: затоа сите ние верни со песни те величаме.
Песна 8
Икос: Халдејскиот мачител, седумпати повеќе од обично, ја разгоре печката за благочестивите момчиња, но кога ги виде спасени од некоја повисока сила, на Творецот и Избавител Му викаше: Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Некогаш кутриот богаташ се облекуваше раскошно во багреница, свила и порфира, а бедниот Лазар жално лежеше пред неговите врати, сакајќи да се насити со трошките што паѓаа од неговата трпеза, и никој не му ги даваше: затоа сега тој со Христа во слава царува.
Лазар лежеше пред вратите на богатиот, покриен со гној и рани, и сакаше да се насити со храна, а никој не му ја даваше; но и кучињата сострадателно со јазикот ги лижеа гнојот и раните негови: затоа за рајската наслада се удостои.
Во наслада се збогатив, како некогаш богатиот, секојдневно облекувајќи се во багреница: и јас, Многумилостиве, во сладоста на овој живот се осудувам со задоволства и прелести. Затоа Ти се молам: Избави ме од вечниот оган, Христе, во сите векови.
Троичен: Трисветлото Божество, единствениот светол зрак, од единственото триипостасно естество, беспочетниот Родител, Словото Кое има една природа со Отецот, и единосушниот Дух, Кој со Нив царува, деца, благословувајте Го, свештеници, воспејте Го, луѓе, превознесете Го во сите векови.
Друг канон. Ирмос: Небото од страв нека трепери и нека се затресат темелите на земјата, зашто, ете, меѓу мртвите се вбројува Оној што живее во висините, и во мал гроб како странец се прима; Него, млади момчиња, благословете Го; свештеници, запејте Му; превозносете Го во сите векови.
Спасителу, Кој ги испитуваш длабочините на срцето, Кој нè познаваш уште пред нашето раѓање, од опасностите на животот ја ослободи онаа што дојде при Тебе, која непрестајно вика кон Твоето човекољубие: свештеници, благословете Го; луѓе, превозносете Го во сите векови.
О чесна промена! – твоето обраќање кон подоброто, чесна Марие! О љубов божествена, која ги замрази телесните наслади! О веро ревносна и божествена, сефалена Марие! Ние верно те фалиме и превозносиме во вековите.
Си ја нашла наградата за твоите болки и подвизи, чесна Марие, со кои си го победила убиецот непријател: и сега со ангелите непрестајно пееш, превозносејќи Го Христа во вековите.
Богородичен: Во твојата утроба, Дево чиста, целиот ме обнови, а Господарот на сите векови притоа не ги промени својствата на двете природи: затоа, како причина на нашето спасение, со песни те славиме во сите векови.


Песна 9
Ирмос: Тебе неискусобрачната Мајка на Бога Вишниот; тебе, која надумно со збор Го роди Бога Вистинскиот, која си повисока и од пречистите сили, со славословија те величаме.
Се молам, Христе, направи ме сиромав како Лазара, уништувајќи ги моите страсни желби; како Бог по природа, направи ме богат со добродетели, та со вера во песни да Те величам.
Како немилосрдниот богаташ, ги презрев Твоите заповеди, Господи, и грубо сум фрлен пред вратите. Но, како сострадателен и милостив, крени ме како некогаш четвородневниот пријател Лазар.
Сите ја научивме приказната Господова; затоа сите да го замразиме немилосрдието на богатиот, та маките да ги избегнеме и во прегратките Аврамови секогаш да ликуваме.
Богородичен: Тебе, која во прегратките Го носеше Бога невидливиот, на небесата вопеан од секоја твар, и Кој преку тебе секогаш ни дарува спасение, со вера те величаме.
Друг канон. Ирмос: Немој да редиш за мене, Мајко, за Синот што Го зачна бессемено, зашто ќе воскреснам и ќе се прославам и, како Бог, со слава ќе ги вознесам оние што со вера и љубов те величаат.
Поткрепувана со моќната сила Христова, лесно си го поднела пустинскиот напор, зашто скверните помисли што ти надоаѓаа си ги изгасила со потоците од божествени солзи, чиста (Марие), височино на испосниците и похвало на преподобните.
Со пресветли лачи те просветлува светлината, единствената која Го роди Христа – Пречистата Дева. Таа те направи страшна за непријателите, чесна Марие, пример за сите, украсу на страдалците, тврдино на преподобните.
Откако мудро се одрече од сè што е земно, чисто живеалиште на Духот си се покажала. Моли Го единствениот ослободител Христос, од секакви земни грижи да ги ослободи оние што верно го слават твојот божествен спомен, Марие.
Богородичен: Дево, надминувајќи ја природата и нејзините закони, ново Дете на земјата си родила, Чиста, Законодавецот и Вечниот, мислено небо на Творецот на сите: затоа со вера и љубов те ублажуваме.
Светилен воскресен.  Потоа на преподобната.
Имајќи те за образец на покајание, сепреподобна Марие, моли Го Христа, за време на постот, Он да ни се дарува, та со вера и љубов, со песни да те прославиме.
Богородичен: Дево, Мајко на Господа, која си сладост на ангелите, радост на ужалените, застапница на христијаните; застапи се за нас, и од вечните маки избави нè.
На хвалитни, 4 стихири воскресни од Осмогласник и 4 анатолиеви. Потоа стихот: Воскресни Господи, Боже мој, нека се вознесе раката Твоја.
И пееме самогласен на денот, глас 1.
Царството Божјо не е јадење и пиење, туку правда и воздржување со светост. Затоа во него ќе влезат не богатите, туку оние што своето богатство го вложуваат во рацете на сиромашни. Така учи и пророк Давид, велејќи: Праведен е човек кој милува цел ден, кој се насладува во Господа; тој оди во светлина и нема да се препне. Сето ова се напиша за наша поука, та, постејќи, добро да правиме, а Господ, наместо земни, добра небесни ќе ни дарува.
Слава: истото. И сега: Преблагословена си: Славословие големо и отпуст.

 

 За Преминпортал, подготви:Т.С.

2- април лето Господово 2017