НЕДЕЛА ВТОРА ОД СВЕТИОТ ПОСТ
ВЕЧЕРНА
   Служба на светиот отец наш Григориј Палама, архиепископ солунски чудотворец, напишана од патријархот Филотеј.
   Во сабота на Вечерна земаме 10 стиха, и пееме 3 воскресни и 3 анатолиеви, и следниве 4 на светиот, глас 2.
   Со какви благопохвални песни да го воспееме јерархот, трубата на богословието, со оган огновдахновената уста на благодатта, чесното прибежиште на Духот, непоклатениот столб на Црквата, голенмиот украс на вселената, реката на премудроста, светилникот на Светлината, јасната ѕвезда којашто тварта ја просветлува?
   Со какви цветови од песни да го овенчаме јерархот, поборникот за благочестието, и противникот на нечестие, топлиот бранител на верата, големиот наставник и учител, прекрасната флејта на Духот, златносветлиот јазик, изворот кој на верните им точи исцеление, великиот и достоен за восхит Григорија?
   Со какви усни ние родените на земјата да го похвалиме јерархот, учителот на Црквата, на божествената светлина проповедникот, неботајникот на Троица, големиот украс на монасите, кој засветли со дела и созерцанија, солунската похвала, која за сограѓанин го има Мироточивиот, на небесата божествениот и пречудниот Димитрија?
   Славаː глас 6ː Преподобен, преблажен, најсвет оче, пастиру добар, и на Архипастирот Христа ученику, кој душата си ја положи за овцитеː самиот ти, и сега, оче наш Григорије, испроси, по твоите молитви, да ни дарува милост голема.
   И сегаː првиот богородичен од редовниот глас (догматик). На литијата, стихира на храмот. Слава, и сегаː богородичен. Стиховни од Осмогласник.
   Славаː глас 8ː Бодриот јазик твој за учителство, одекнувајќи во ушите на срцата наши, душите на мрзливите ги крева и, со твоите боговдахновени зборови, се наоѓа скала која од земјата кон небото вознесува. Затоа Григорие, чудо на Тесалија, не престанувај да се молиш на Христа, оние што те почитуваат, да ги просветли со Божествената светлина.
   И сегаː богородиченː Безневесна Девоː Сега го отпушташː Трисвето. Тропар Богородице Девоː (3-пати).
И останатиот редослед од бдението.
УТРЕНА
На Утрена по Шестопсалмие, на Бог Господː
Тропар воскресен (2-пати). Славаː на светиот, глас 8ː
   На православието светилнику, на Црквата тврдино и учителу, на монасите украсу, на богословите непобедлив заштитнику, Григорие чудотворче, солунска похвало, на благодатта проповеднику, моли се секогаш да се спасат душите наши.
И сегаː богородичен од истиот гласː Кој заради нас се родиː И  обично стихословие. Читање во Шестодневот. Степена од редовниот глас. Сè што дишеː Евангелие утринско. Воскресение Христовоː Псалм 50. Славаː Дверите на покајанието отвори ми гиː На патеките од спасениетоː Веднаш потоа, на глас 6ː Помилуј ме Божеː Потоа Мноштвото од мене направени злаː
   Канон од Осмогласник воскресен, со ирмоси  на 4, и на светиот, на 4. Глас 4.
Песна 1
   Ирмосː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.
   Проповедници божествени, и богослови избрани, и јазици богогласни, дојдете, соберете се да го воспееме достојно духопроповедникот, Григорија божествениот.
   Столбот на верата, бранителот на Црквата, великиот Григориј да биде воспеан од мене, извонредниот пастир солунски, вистински украс на чинот јерархиски.
   Уште од детството посака живот подобар, и совршената мудрост си ја возљубил од младоста, оче, и по нарав и по мудрост си бил како твојот имењак, оче Григорие.
   Богородиченː Биди ми пат на животот, Сенепорочна, кој ќе ме води кон божествените населбиː зашто се прелажав и во бездната на злото паднав; од неа извади ме со твоето посредништво.
Песна 3
   Ирмосː Твоите песнословци, Богородице – жив и независен изворе, откако ќе ги собереш околу себе, духовно утврди ги и, во твојата божествена слава, со венците на славата удостој ги.
   Пазејќи ги реките на твоите божествени учења, избегнуваме секаква замка на лажните учители, и со твоите свештени писанија ги одбиваме нивните напади, Григорие.
   Ти ја изобличи бесмислената мудрост на еретиците, о блажени, имајќи ја во срцето свое ипостасната Божја Премудрост, со Која гласно ги порази нивните гнили напади.
   Откако умртви секое сладострастие на телото пропадливо, премудри, со пост си ги оживеал движењата на твојата душа и неа си ја покажал како божествен орган на Божјата наука.
Богородиченː Сосема свесно и слободно, ревносно го засакав срамното и блудно живеењеː но ти, Дево Богоневесна, по твоите молитви, со љубовта Божја, врзи ме.
   Кондак, глас 4ː Сега е времето за работаː пред вратите е судот, постејќи да станеме и да принесеме солзи покајни, со милостина, викајќиː Згрешивме повеќе од морскиот песок. Но прости ни, Создателу на сите, за да примиме венци нетлени.
Седален, глас 4.
   Прелеста на еретиците си ја уништил, премудри, верата на православните добро си ја објаснил, и светот си го просветил, оттука си се покажал и победител, столб на Црквата и вистински јерархː затоа не престанувај да се молиш на Христа, сите ние да  се спасиме.
Славаː исто.
   И сегаː богородиченː Бргу прими ги, Владичице, молењата наши, и принеси Му ги на твојот Син и Бог, Сенепорочна. Смири ја болката на оние што ти приоѓаат, отстрани ги замките на злобните еретици и сруши ја ревноста на безбожниците, коишто се вооружуваат против слугите твои, Пречиста.
Песна 4.
   Ирмосː Пророк Авакум, гледајќи го неиспитливиот Божји совет за Твоето воплотување од Дева, Севишен , викашеː Слава на Твојата сила, Господи
 Кога ја отвараше устата, оче премудри, ја проповедаше божествената премудрост, што си ја созерцавал секогаш во твоето срце, и си ја покажал безумноста и бесмисленоста на суетниот Варлаам.
   Сонце најслатко, ти зајде во земјата, според законот на природата, но изгреваш наутро со Христа, сонце незаодно, бдеејќи над сите со твоите молитви.
   Григорие блажени, благодатта те направи тврдина и похвала преголема на православните, и добар пастир, втор богослов, и пазител на стадото Христово.
   Богородиченː Душевните уши отвори ми ги, Мајко Божја, која Го роди Оној што порано на глувиот му ги отвори ушите, и удостој ме да пазам и да ги исполнувам божествените зборови.
Песна 5
   Ирмосː Целиот свет ѝ се чудеше на твојата божествена слава,  зашто ти – неискусобрачна Дево, си  Го имала во утробата Оној Кој е Бог над сите и си Го родила вечниот Син, Кој им дава мир на сите оние што тебе те воспеваат.
Со српот на твоите зборови, и свети списи, си ги посекол трнливите ереси и лажните учења, а го рашири благочестивото семе на православието, свештеноначалниче Григорие.
Зборовите твои, семудри, и чесните твои списанија се небесна роса, мед од камен, леб ангелски на оние што ти приоѓаат, напивка, храна, сладост, наслада и извор на жива вода, Григорие.
Земјата и морето те знаат како заеднички учител, свет столб на православието, и чесна ризница на божествените догмати, премудар и свет богослов, сожител, сопричасник, по нарав рамен на апостолите.
Богородиченː Со реките на умиление, скверните на срцето мое измиј ги, Дево, и примери на покајание дарувај ми, со твоите кон Штедриот Бог свети молитви, Когошто неискажливо си Го родила.
Песна 6
Ирмосː Славејќи го овој божествен и сечесен празник на Божјата Мајка, дојдете, богомудри, со рацете да заплескаме и родениот од неа Бог да Го славиме.
Беа скршени суетните напади, и јазикот на безумниот Варлаам, со зборовите, заповедите, и острината на разумот на мудриот цар, и со твојата (остроумност), Григорие.
Божествената лира на Духот, трубата што јасно ги проповеда божествените тајни, солунскиот свештеноначалник, богословскиот јазик, со песни да го прославиме.
Предводејќи го својот народ во она време, како огнен столб, непријателите на верата си ги изгорел, а соборот на верните си го просветлил, богомудри оче Григорие.
Богородиченː Биди ми тишина и пристаниште на утеха, Сечиста Владичице, кое води кон божественото и мирно пристаниште, откако ќе ја скротиш бурата на моите страсти.
Кондак на светиот, глас 8.
Свештен и божествен органу на Премудроста, светла трубо на богословието, согласно те воспеваме, Григорие Богопроповедничеː но, како ум којшто стоиш пред првиот Ум, кон Него упати го и нашиот ум, за да викамеː Радувај се, проповедниче на благодатта.
Икос. Подобенː Ангелот началникː
Како ангел на земјата си се јавил, благовестејќи им ги на луѓето неискажливите Божји тајниː својот глас соединувајќи го со бесплотните хорови, ти нè вдахновуваш да ти пееме вакаː Радувај се ти, преку кого мракот се сокри! Радувај се ти, преку кого светлината се јави! Радувај се, ангелу на несоздаденото Божество! Радувај се ти, на создаденото и бесмисленото вистински изобличителу! Радувај се, височино несовладлива, која природата на Бога ја откриваш! Радувај се, длабочино, која несоздадените енергии ги испитуваш! Радувај се, благовестителу на Божјата слава! Радувај се ти, зашто мислењата на еретиците ги отфрлаш! Радувај се, светилнику, кој Сонцето Го покажа! Радувај се, чашо, која божествената напивка ја раздаваш! Радувај се ти, преку кого Светлината сјае! Радувај се ти, преку кого лагата се помрачи! Радувај се, проповеднику на благодатта.
Песна 7
Ирмосː Богомудрите момчиња не им послужија на тварите, наместо на Создателот, но, откако храбро ја победија огнената закана, се радуваа пеејќиː Највоспеаниот Господ и Бог на татковците, благословен си.
Твоите зборови и списи, Григорие, ги учат на богопознание твоите внимателни ученици и ги исполнуваат со духовната премудрост Божја, за да богословат за несоздадената Божја благодат и енергии.
Мечот и стрелите на нечестивите си ги скршил, и горделивоста Варлаамова, и секаква сила еретичка, како пајажина си ги раскинал, како преголем камен, свештеноначалниче.
Со твоите зборови и догмати, верата на благочестивите (христијани) се запечати, и дрскоста на ересите застана, Григорие, и паѓањето на православието и крепоста на нечестивите престана.
Богородиченː Знаејќи те, навистина, како извор на води, кој болките на страстите ги суши, црпеме спасение и води божествени, и викамеː Благословен е, Сечиста, плодот на твојата утроба.
Песна 8
Ирмос: Набожните момчиња во печката ги спаси Рожбата на Богородица. Она што некогаш беше само предобраз, сега станува реалност, и сета вселена ја поткрева да ти пее: Пејте Го дела, Господа, и превозносете Го во сите векови.
Сега стоиш  пред престолот на Сештедриот, како подобен на богословите и ним еднаков по нарав, семудар Григорие, солунски пастиру, убавино на јерарсите, светло украсен со славата на свештенството, и сега служејќи Му на Бога.
Знаејќи ја твојата чистота и пред зачнувањето, Бог му откри на верниот и божествен цар дека ти ќе бидеш непобедлив бранител на Црквата; затоа ти со право си примил свештеничко помазание.
Со твоите мудри зборови јасно се победува безбожничкото собрание, преславен Григорие, солунски пастиру; и, како што дим исчезнува, исчезна и гнилото безумие, со твојот јазик громогласен и богословски.
Богородичен: Словото Божјо, со својата доброта, во тебе, Дево, ја обнови и ја посвети. Затоа, преку тебе спасени, те славиме во сите векови.
Песна 9
Ирмос: Секој роден на земјата, со Духот просветлен, нека се радува; нека торжествува природата на бесплотните умови, која го почитува свештеното торжество на Божјата Мајка, и нека пее: Радувај се, Богородице себлажена, секогаш чиста Дево.
Огледало Божјо си бил, Григорие, оти она што е по образ Божји си го сочувал, откако умот за господар на телесните страсти си го поставил, та и она што е по подобие си го примил. Поради тоа си бил и дом на Света Троица.
Царот набожен те покажа како окрилат патник што по воздух оди, целиот исполнет со Дух Свети, да се бориш против суетномудриот и бесен Варлаам, кој гласно зборуваше за Бога недостојни работи, а ти него праведно го победи.
Сиот исполнет со најдобрата премудрост, преславен, светот со Светлина си го просветлил, откако догматите на православието си ги објаснил: имјќи, пак, во себе особена љубов кон мудроста, божествен страв во срцето си зачнал и зборови на Духот си породил.
Богородичен: Песна благодарствена ние верните согласно ти принесуваме, зашто древната наша клетва си ја разурнала, Богородице, и божествен благослов, спасение, просвештение, и милост, и вечна радост, преку тебе, сите примаме.
Егзапостилар воскресен.
Слава: на светиот.
Радувај се, похвало на отците, усто на богословите, палатко на безмолвието, доме на премудроста, врвен дострелу на учителите, духовен океану, во кој се меша дејството и созерцавањето, и исцелителу на човечките болести. Радувај се, храму на Духот, и умрен, и жив оче.
И сега: богородичен: Владичице, Господарко на сите, која си повисоко од сите, зашто ги надвисуваш воинствата ангелски, твојата моќна рака простри ја и запази го светот, свештениците, богословите коишто тебе ти свештенодејствуваат, како и простите монаси кои тебе ти се молат. Народот смири го, војската во време на војна закрепи ја; овој град запази го. Пресвета Богородице, и нас сега удостој нè да го видиме царството небесно и рајската врата, кога ќе седне Судијата да ѝ суди на вселената, при Вториот и страшен суд, Владичице на ангелите.
Пофални стихири земаме на 8, и пееме стихири воскресни 5: и следниве 3. Глас 1.
Откако блажениот живот во светот го заврши, и сега во соборот на блажените се радуваш, и на земјата на кротките, како кроток живееш, јерарху Григорие, и се богатиш од Бога со благодатта на чудеса, што им ја даваш на оние што те почитуваат.
Догматите на православието си ги насадил, блажен, сечејќи го трњето на лажните учители и, семето на верта умножувајќи го добро, како добар земјоделец, стократен клас на Бога си му принесол.
Светлината на твоето непорочно живеење, блажени, ги восхити ангелите и човечките собори, бидејќи доброволно си станал крепок страдалец и посник, и јерарх, и достоен Божји служител и искрен пријател.
Стих: Воскресни, Господи Боже мој, нека се вознесе раката Твоја, не заборавај ги бедните Твои до крај.
И пееме самогласен, глас 6.


На оние што одат во мракот на гревовите, во ова време на воздржување си им изгреал како светлина, Христе, и благомирисниот ден на Твоето страдање покажи ни го, за да Ти пееме: Воскресни, Боже, помилуј нè.
Слава: исто. И сега: Преблагословена си: Славословие големо и отпуст.

Извор: ПОСЕН ТРИОД

 

 

 

Подготви: Т.С.