НЕДЕЛА ОД СИРНА СЕДМИЦА

ВЕЧЕРНА

(со проштевање – 27.02.2017)

Преземи

Свештеникот,кога ке дојде во светиот храм,го  става епитрахилот на себе,застанува пред светите двери и вели;  ДК

Свештеник:

Благословен е нашиот Бог, постојано сега и секогаш и во вечни векови.

 

Народ: Амин.

Свештеник: Слава Ти, Боже наш, слава Ти.

Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, ризницо на добрините, Животодавче, дојди и всели се во нас, и очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, душите наши.

Народ: Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè. (трипати)

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Пресвета Троице, помилуј нè. Господи, очисти ги нашите гревови. Владико, прости ги нашите беззаконија. Свети, посети ги и исцели ги нашите слабости, заради Твоето име.

Господи, помилуј. (трипати)

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нè од лукавиот.

Свештеник:

Зашто Твое е царството и силата и славата на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови.

Чтец:

Амин. Господи, помилуј. (12 пати)

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Дојдете да се поклониме на Царот, нашиот Бог.

Дојдете да се поклониме и да паднеме пред Христа - Царот и  нашиот Бог.

Дојдете да се поклониме и да паднеме пред Самиот Христос, нашиот Цар и Бог.

  И следи 9 –ти Час. *****Почесна од херувимите...Со името Господово оче благослови.

Свештеникот: Боже уштедри нè и благослови нè, просвети нè со Твоето лице и помилуј нè.

По ова нема отпуст, туку свештеникот започнува:

Благословен е нашиот Бог, постојано сега и секогаш и во вечни векови. ДК

          И чтец: Дојдете да се поклониме: И псалм 103:

Псалм 103

Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, ти си се возвеличил; во слава и велелепие си се облекол; Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор; со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш - ветрот Ти служи како крилја. Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен. Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш. Си ја покрил со бездна како со облека, води ќе стојат на горите. Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се бојат; се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил. Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат земјата. Си управил извори во долините: меѓу горите течат води, ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите осли ја гаснат жедта своја. При нив живеат птици небесни, меѓу камењата пуштаат глас. Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува земјата. Ти правиш да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата и виното што го весели срцето на човекот, и елејот од кој блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот. Се заситуваат дрвјата по полето, кедрите ливански, што си ги посадил; на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите. Високите гори - на срните; камењата - прибежиште на зајаците. Он ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад. Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови; лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе. Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла; човекот излегува по своја работа и работи до вечерта. Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твоите созданија. А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни; таму пловат кораби, таму е чудовиштето што си го создал да игра во него. Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме. Им даваш - примаат, ја отвораш раката Своја - се наситуваат со блага; го одвратиш ли лицето Свое - се збунуваат, им го одземаш ли духот нивни - умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој - се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата. Нека пребива славата на Господа вечно; нека се весели Господ за делата Свои! Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат. Ќе Му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам. Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господа. Нека ги снема грешниците од земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Сонцето го знае својот запад. Ти ја простираш темнината и настапува ноќ. Колку се многубројни Твоите дела, Господи! Сѐ си направил премудро.

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Алилуја, алилуја, алилуја, слави Ти, Боже (трипати)

(Голема ектенија. Нема Катизма)

Хор:

На 3 глас: Господи, повикав кон Тебе: услиши ме...

Псалм 140

Господи, повикав кон Тебе: услиши ме.

Припев: Услиши ме, Господи.

Господи, повикав кон Тебе: услиши ме. Чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе!

Услиши ме, Господи.

Вториот хор:

Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои - како жртва вечерна.

Услиши ме, Господи.

Чтец:

Постави, Господи, стража пред устата моја, и врата на усните мои.

Не давај да застрани срцето мое кон зборовите лукави, да врши грешни дела.

Со луѓето кои вршат беззаконија, јас нема да се здружам,  со нивните избраници.

Праведникот нека ме казнува - тоа е милост; нека ме изобличува, но не давај елеј на грешник да ја помаже главата моја.

Зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба, кога ќе се распрснат по стрмни камења;

Ќе се чујат зборовите мои, зашто се пријатни, како кога грутка земја ќе падне, се растура, така се растурија коските наши во пеколот.

Но кон Тебе Господи, Господи, се управени очите мои; на Тебе се надевам, не одземај ја душата моја.

Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од соблазната на оние што вршат беззаконие.

Грешниците нека паднат во своите мрежи, само јас ќе поминам.

Псалм 141

Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој Му се помолив на Господа.

Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам.

Кога изнемоштуваше духот мој, Ти ја знаеше мојата патека.

На патот, по кој одев, стапица ми поставија.

Се обѕирав на десно и гледав, немаше никој кој ме познава.

Немаше каде да избегам, никој не се грижеше за душата моја.

Повикав кон Тебе, Господи, и реков: Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите.

Прими ја молитвата моја, зашто се понизив многу.

Избави ме од моите гонители, оти тие се посилни од мене.

Стих: Изведи ја од темнина душата моја, за да Го прославувам името Твое.

Вечерна песна Ти принесуваме, Христе, со кадило и духовни песни: помилувај ги, Спасителе, душите наши.

Стих: Мене ќе ме чекаат праведните, додека не ме вратиш.

Спаси ме, Господи Боже мој, зашто Ти си спасението на сите; бура од страсти ме потресува, и бремето од беззаконија ме потопува: Твојата рака на помош дај ми ја, и кон светлината на покајанието изведи ме, како единствен милостив и Човекољубец.

Псалм 129

 Стих: Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи. Господи чуј го гласот мој.

Расеаниот мој ум собери го, Господи, и моето оладено срце очисти го, давајќи ми покајание како на Петра, воздишки како на митарот, и солзи како на блудницата, за да Ти викам со силен глас: Боже, спаси ме, како единствен милостив и Човекољубец.

Стих: Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое.

Често пеејќи за Тебе, ја откривам својата гревовна состојба, оти, кога мојот јазик со песни Те фали, мојата душа мисли на непристојни работи. Но, исправи ги и двете со покајание, Христе Боже, и спаси ме.

Стих: Господи, ако гледаш на беззаконијата, тогаш кој ќе се одржи, Господи? Но во Тебе има простување.

Со воздржување да побрзаме сите телото да го смириме, минувајќи го божественото поприште на светиот пост, и со молитви и солзи Господа, нашиот Спасител, да Го побараме, викајќи: Згрешивме, спаси нѐ, како некогаш Ниневјаните, Христе Цару, и заедничари на Царството небесно, Милосрден, направи нѐ.

Стих: Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моја на Твојот збор, душата моја се надеваше на Господа.

Паѓам во очајание, кога мислам на делата мои, Господи, достојни за секакви маки, зашто, ете, откако ги презрев чесните Твои заповеди, Спасителу, животот мој блудно го потрошив. Затоа се молам, откако со водата на покајанието ќе ме очистиш, со пост и молитви како единствен милостив просвети ме, Преблаг Добротвору на сите, и не гнаси се од мене.

Стих: Од утрената стража, па до ноќта, од утрената стража нека се надева Израилот на Господа.

Времето посно светло да го почнеме и на духовни подвизи себе да се подложиме; душата да ја очистиме, телото да го очистиме; да постиме од секоја страст како од храна и со добродетели духот да го насладуваме; со љубов во нив усовршувајќи се, да се удостоиме сите да го видиме сечесното страдање на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се.

На 4 глас:

Стих: Зашто милоста е во Господа и во Него има обилно избавување. И Он ќе го избави Израилот од сите негови беззаконија.

Имајќи ја како добродетел пресветлата убавина, отче, си го обиколил целиот свет, како пчела вложувајќи го пречистиот мед во добрите срца на оние што веруваат во единствениот Христос, Кој дојде на земјата и ги обожи луѓето, поради Својата неизмерна љубов и големо снисходење.

Стих: Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе.

Кроток со мудроста, исполнет со љубовта Божја, и преукрасен со правоверни учења, Кириле преблажени, си минал градови и земји, ловејќи ги за Бога и просветлувајќи ги со благодатта оние што ја примија проповедта за нивно спасение. Поради тоа, со свештени песни те почитуваме.

Стих: Зашто се зацврсти Неговата голема милост во нас, и вистината Господова пребива вечно.

Твојот живот беше без порок, и твојата смрт беше чесна пред Господарот на сѐ, во Чии што раце си ја предал својата просветлена душа, Затоа, те молиме, отче, моли се за нас на Христа, да најдеме милост во судниот ден, ние кои со вера те славиме.

Слава и Сега, глас 4:

Откако се воспита во храмот, во Светињата на светињите, облечена со вера и премудрост и неизмерна девственост, архистратигот Гаврил ти пренесе од небото поздрав: „Радувај се“; радувај се благословена, радувај се преславна, Господ е со тебе.

(Вход со кадилница)

Светлино тивка:

Прокимен, глас 8: Не одвраќај го лицето Твое од чедото Твое; бидејќи страдам, бргу услиши ме; пази ја душата моја и избави ја.

Стих: Спасението Твое Боже, нека ме прими.

Стих: Нека видат бедните и нека се развеселат.

Стих: Барајте Го Бога, и душата ваша ќе биде жива. И пак со висок глас: Не одвраќај го лицето Твое:

ЗАБЕЛЕШКА! По прокименот светлите одежди се заменуваат со темни.

(НЕМА Сугуба ектенија)

Чтец:

Удостој нѐ, Господи, оваа вечер да се сочуваме од грев. Благословен Си, Господи, Боже на нашите оци. И фалено и прославувано е Твоето име во веки. Амин.

Нека биде, Господи, Твојата милост на нас, како што се надевавме на Тебе. Благословен си, Господи, научи ме на повелбите Твои. Благословен Си, Владико вразуми ме со повелбите Твои. Благословен Си, Свети, просвети ме со повелбите Твои. Господи, Твојата милост е вечна, делата на Твоите раце не презирај ги. Тебе Ти прилега пофалба, Тебе Ти прилега пеење, Тебе Ти прилега слава - на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и  секогаш, и во вечни векови. Амин.

(Прозбена ектенија)

Свештеник:

Да ја исполниме нашата вечерна молитва пред Господа ....

Стиховни стихири, глас 4

Хор:

Засветли благодатта Твоја, Господи, засветли просвештението на душите наши. Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината; и, откако ќе ја препливаме големата морска шир на постот, да стигнеме и до тридневното Воскресение на Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши.

          Стих 1: Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој  живееш на небесата. Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката - кон раката на господарката нејзина, така, и нашите очи гледаат кон Господа, нашиот Бог, сѐ додека не се смилува.

Засветли благодатта Твоја, Господи, засветли просвештението на душите наши. Ова е време благопријатно, ова е време за покајание; да ги отфрлиме делата на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината; и, откако ќе ја препливаме големата морска шир на постот, да стигнеме и до тридневното Воскресение на Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши.

          Стих 2: Смилуј се на нас, Господи, смилуј се, зашто многу сме понизени со презир;  зашто се преполни душата наша од навреди на силните и од понижување на горделивите.

          И маченичен:

Христе Боже, Кој си прославуван од светите Твои; од нив замолен, Твојата голема милост испрати ни ја.

          Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Ангелските чинови те слават, Мајко Божја, зашто си Го родила Бога, сечиста, Кој е едносуштен со Отецот и Духот, и Кој, по Своја волја, од ништо ги создаде ангелските воинства. Него моли Го, од гибел да ги спаси и да ги просветли душите на православните, кои те воспеваат тебе, Сечиста.

Чтец:

         Сега го отпушташ Својот раб со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабожците, и слава на Твојот народ, Израилот.

Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè. (трипати)

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Пресвета Троице, помилуј нè. Господи, очисти ги нашите гревови. Владико, прости ги нашите беззаконија. Свети, посети ги и исцели ги нашите слабости, заради Твоето име.

Господи, помилуј. (трипати)

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници; и не воведувај нѐ во искушение, но избави нè од лукавиот.

Свештеник:

Зашто Твое е царството и силата и славата на Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови.

Хор:

Амин.

          На 4 глас: Богородице Дево, радуј се благодатна Марие, Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба, зашто си го родила Спасителот на нашите души. (еден поклон)

          Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

          Крстителу Христов, спомни нѐ сите, да се избавиме од нашите беззаконија, зашто тебе ти се даде благодат, да се молиш за нас. (еден поклон)

И сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Молете се за нас, свети апостоли и сите светии, да се избавиме од беда и неволја, зашто во вас стекнавме застапници пред Спасителот. (еден  поклон)

       Под Твојата добросрдечност прибегнуваме, Богородице, не презирај ги нашите молитви во неволја, туку избави нѐ од опасност, единствена чиста, единствена благословена. (без  поклон)

Чтец:

          Господи, помилуј. (40 пати)

Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови. Амин.

Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, која нетлено си Го родила Бога - Слово, навистина си Богородица, ние Те величаме.

Во името Господово, благослови отче.

Свештеникот:

Благословен е Христос, нашиот Бог, постојано, сега, и секогаш, и во вечни векови.

    Чтец:

Амин. Небески Царе, укрепи го благочестивиот православен народ наш, верата утврди ја, народите скроти ги, светот смири го, овој свет храм ако е манастир: оваа света обител) чувај го добро, порано починатите наши оци и браќа, настани ги во населбите на праведниците, и приме нѐ нас во покајание и исповед, зашто си добар и човекољубец.

Молитва на св. Ефрем Сирин

Свештеник:

Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на леност, безволност, властољубие и празнословие. (поклон)

Даруј ми, пак, како на Твој раб, Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов. (поклон)

Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови. Амин.    (поклон)

Слава Ти, Христе Боже, надеж наша, слава Ти.

Отпус

По отпустот на солејата се изнесуваат на аналој крст и икони на Спасителот и на Богородица. Настојателот прави голем поклон пред нив и ги целива. Потоа се обраќа кон присутните со поучно слово и им бара прошка на свештенството и народот велејќи: Благословете ме отци свети и браќа и простете ми грешниот зашто сум згрешил во овој ден и во сите денови на мојот живот со слово, дело и помисла и со сите мои чувства. Потоа се поклонува со земен поклон кон народот, а сите за возврат му одговараат исто со земен поклон и говорат: Бог да ти прости оче свети! И ти прости ни нам грешните и благолови нѐ! Потоа повторно свештеникот што служи (обично настојателот): Бог со својата благодат да прости и да нѐ помилува сите нас. Настојателот го зема крстот, а свештениците по редослед го целиваат иконите и крстот што го држи свештеникот и барајќи прошка еден од друг влегуваме во светата Четириесетница. Додека се извршува Чинот проштевање се пее: Отвори ми ги вратите на покајанието (Покајание отверзи ми двери) и на Реките вавилонски и др.

ЗАБЕЛЕШКА! Во парохиски храмови наместо отпуст, свештеникот ја чита молитвата од Велико Повечерие, а ние се приклонуваме на земјата:

Владико многумилостив, Господи Исусе Христе, Боже наш, по молитвите на сепречистата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, со силата на чесниот и животворен крст, со застапништвото на чесните небески сили, на чесниот, славен пророк, претеча и крстител Јован, на светите славни и сефални апостоли,  светите славни и добропобедни маченици, на преподобните и богоносни оци наши, на светите праведни богооци Јоаким и Ана и на сите Твои светии, направи ја благопријатна нашата молитва, дарувај ни прошка на нашите прегрешенија, покриј нѐ со покривот на Твоите крилја, отстрани од нас секаков непријател и противник, смири го нашиот живот, Господи, помилуј нѐ нас и Твојот свет, и спаси ги нашите души зашто си благ и човекољубив.

 

24 -ти февруари 2017 лето Господово

 

Подготви:

Александар Божиновски 

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.