Протоереј Павел Гумеров

✤✣✤

Како да се победи гневот

✤✣✤

Сакајќи да го погуби човекот, непријателот го бара најслабото место во неговата душа. По правило, во психологијата и во речиси сите светски религии, гневот се смета како некаков вид на негирачка емоција, состојба на афект, емоционална возбуда. Но не е само тоа и не е само заради тоа страшен гневот. Гневот не е само една деструктивна емоција. Христијанството гледа на гневот како на страст. Односно своевидна гревовна зависност, стекната хронична болест на душата. Таа страст се вселува во душата, пушта корени и ја зазема, станува нејзин неизоставен дел. И човекот повеќе не може да живее без својата зависност, без својата страст. Тој станува нејзин послушен роб. Потоа од семето на навиката, со понатамошно раздразнување и гневење, израснува вистинско дрво на страста. 

Корен на гневот обично е гордоста. Како што вели Преп. Пајсиј Светогорец: „Зависта, осудувањето, гневот, злопамтењето итн. произлегуваат од гордоста. Гордоста е, така да се каже, генералштаб на сите страсти“. 

Кога човек е обземен од некаква страст, без разлика дали е гнев, пијанство или блуд, тој не мисли на другите, не размислува за последиците. Страста станува негово доминантно чувство коешто го заслепува острастениот и ги придушува сите негови чувства: љубовта, одговорноста, стравот, болката. Гневот се нарекува убиец на љубовта. Најглавната задача на непријателот на човечкиот род е да го разурне нашиот живот, предавајќи нѐ на гнев, да ги уништи нашите взаемни односи со ближните, и како неминовна последица да нѐ убие и нас самите, секако, пред сѐ да ја погуби нашата бесмртна душа. Бидејќи во редоследот на страстите, после страста на гневот доаѓа тагата и како пројава на оваа страст, очајот. Човекот кој е подложен на раздразнување, гнев, често пребива во униние, очај, нему сѐ му е одбојно, животот и околниот свет му се чинат грди и бесмислени. Унинието е своевидно духовно самоубиство. А тоа завршува и со телесен крај на животот. Кога човекот си заминува од животот доброволно, секако доколку не е мотивиран од некаков херојски подвиг, тоа секогаш се случува поради губењето на смислата на животот. На самоубијците им се чини дека нивното постоење во светот понатаму нема смисла. Нема потреба да се живее понатаму. Страшно е за цел на својот живот, наместо  љубовта и служењето на Бога и ближните, дури и наместо самиот животот со своите наслади, да ги имаш уривањето и смртта. 

Почеток на борбата со гневот

Со што да ја започнеме борбата со гневот? Со омраза кон него. Св. Теофан Затворник вели дека „На почетокот добро би било да се побуниме против гневот со тоа што ќе го замразиме, ќе го изгониме од неговото главно место на пребивање, и со силата на волјата и со будење на желба за противење на гневот, а секако и со покорување на Светата волја Божја. Потоа ќе продолжиме со противење на самите плодови на овој грев, и со систематско уништување на она што останало од него во нас, сѐ до степен на конечното истребување од својата душа“.

Треба да ја препознаеме оваа страст како непријателска, како нешто кое насилно го заробило нашиот живот и е насочено кон негово уништување. И да сфатиме дека не ние управуваме со сопствениот живот, туку нашата страст управува со него. Ние сакаме да не се гневиме, да не се раздразнуваме, да не ја истураме злобата на околината, сакаме во луѓето да гледаме само добро, но ништо од тоа, страста нѐ направила робови. Ете, тогаш сфаќаме дека не ние  управуваме со страстите, туку тие раководат со нас, тие нѐ заробуваат. И кога ќе посакаме да станеме слободни од нивното влијание, кога ќе преземеме цврста одлука да поведеме беспоштедна борба со внатрешниот непријател којшто нѐ заробил, токму во тој момент започнува нашиот пат кон исцеление. Борбата со гневот е многу сериозна работа која бара трпение и време. Ние треба многу силно да посакаме да се бориме со него. А за тоа ни е неопходно да ја спознаеме сета погубност на оваа страст. 

Откако ќе ја спознаеме сета своја немоќ и беспомошност, вториот чекор е една горешта молба кон Бога за помош. Таа молитва треба да биде секојдневна, придружена со вера, надеж, и смирение пред Бога. Многу добро е наутро кон утринските молитви да се придружи и молба кон Бога да ни даде сили да се бориме со гневот и раздразливоста, да ни помогне во настаните на денот и ближните што нѐ опкружуваат да го гледаме само доброто и така да го избегнуваме осудувањето, раздразливоста и навредливоста. Всушност, секогаш кога имаме некаква особена молба кон Господа, ние се трудиме постојано во текот на денот да си спомнуваме за неа во душата и во секое погодно време да вознесуваме молитви кон Бога: и на служба во храмот, и во слободните активности, и низ секојдневните обврски. Какви и да бидат тие молитви, во договор со духовникот, она што е најважно е тие да бидат усрдни.

Извор; Бигорски манастир

(Продолжува)