Старец Харалампиј Дионисијатски


(1910-2001)

Монах Јосиф Дионисијатски

…Кога оваа книга се подготвуваше за издавање, во небесните живеалишта беше повикан, за да се придружи на претходноупокоените негови свети отци, великиот ластар од братството на нашиот вечноспомнуван и свет старец Јосиф Пештерник (Спилеот) – мојот блажен старец отец Харалампиј.
Старец Харалампиј Дионисијатски

Старец Харалампиј Дионисијатски

Речениците кои следуваат подолу се кратко изложување на спомените, напишани од чувство на неизмерен долг, почит и благодарност. А што се однесува до поцелосно издавање на неговото житие, јас имам добра надеж, дека наскоро и од нашиот манастир, над кој во текот на цела деценија тој имаше духовно раководство, и од други луѓе кои го знаеја и беа удостоени од негова страна со различни доброчинства, ќе биде напишано многу.

Јас ќе го премолчам првиот период од неговиот живот – времето на велики подвизи и чудесни собитија, меѓу кои особено место зазема спасението од сигурна смрт од бугарските учесници на комитството. Тогаш се спасил благодарение на чудесната интервенција на великомаченикот Георгиј.

Од она што јас, како негов послушник, во текот на 35 години (1965-2000) го видов, слушнав и самиот доживеав, овде ќе опишам само дел.

Од ревноста, која обично е карактеристична за младите луѓе од осумнаесет до дваесет години, јас, кога бев во Атина се запознав речиси со сите тогаш познати духовници, меѓу кои беа: отец Епифаниј Теодоропулос (1930-1989), отец Порфириј (1906-1991, канонизиран на 1 декември 2013 година), отец Јероним Егински, благодатниот свештенопроповедник Димитриј Панагопулос и многу други, кон кои јас, безусловно, имам голема благодарност.

Но, по божествената промисла, јас вистински се приврзав со сето свое срце кон приснопамјатниот мој старец отец Харалампиј. Штом првпат го сретнав, јас, слично на Филип, воскликнав, обраќајќи се кон еден свој срдечен другар (да не излезе преувеличување) со зборови, слични на апостолските: „Го најдовме месијата“, т.е. учителот.

Оттогаш јас веќе не можев да се разделам со него. Во лицето на тој прост јеромонах јас (не затоа што бев достоен, туку, би рекол, по неговите молитви, како втор Мотовилов) почувствував нешто и најдов трошки од неговото духовно богатство.

Јас сум уверен дека под тоа сведоштво би се потпишале мнозина од неговите духовни чеда и на Света Гора, и надвор од нејзините граници.

Не би било преувеличување, ако јас го наречам старецот Харалампиј учител на умствената молитва. Се разбира, и денес, како и претходно, има наставници, и безбројни книги за умствената молитва. Но вистинските учители, кон кои припаѓа и мојот вечноспомнуван старец, ги одликува заедно со учителството и способноста да го предадат дарот на оние, кои ги слушаат во вера и имаат способност за приемчивост.

Јас знам дека дури и со непослушни луѓе се случувало по првата средба со старецот, по првата исповед и неговите поуки, тие уште првата ноќ влегувале во ритам со осумчасовното бдение. Како резултат нивниот живот се изменил и тие станувале пример за простите, и за духовните луѓе. Некои од нив ги пополниле монашките редови.

Приснопамјатниот беше богат со многу и големи добродетели: љубов, сострадание, долготрпение, смиреномудрие и отвореност. Венец на тие добродетели беше блажената простота и милосрдност.

Од првиот ден на своето монаштво тој се подвизуваше во секојдневно бдение, проследено од мноштво метании и солзи од љубов, пролевани не само за Бога, туку и за сиот свет. Неговото бдение секогаш беше сеноќно и завршуваше на полноќ со секојдневна Божествена Литургија, во текот на која тој спомнуваше стотици имиња на живи и упокоени луѓе.

Расудливиот старец (т.е. Јосиф Исихаст) уште во втората година од замонашувањето на отец Харалампиј го воздигна во свештенички чин. Оттогаш па сè до староста, кога го удри силен инфаркт на срцевиот мускул (миокардит), тој никогаш не ја оставаше Божествената Литургија. Неговото служење секогаш им предаваше на присутните преизобилна благодат. Се разбира, ние не се сомневаме во служењето на секој свештеник, но служителот, самиот исполнет со благодатта, ја споделува со своите „сотрпезници“ (сопричастници) на сетилен начин.

Незаборавни се спомените од неговите литургии во подвижничките колибки на Мала Ана и Новиот Скит, каде што тој често не можеше да ги задржи солзите кои обилно се излеваа и ги прекинуваше возгласите, а со тоа ја продолжуваше службата.

Но неизбришливи спомени останаа од пасхалните литургии. Неговиот старец сите свои послушници ги испражаше во главниот храм на скитот. Остануваа само отец Харалампиј и двајца псалти – старците Јосиф и Арсениј. Од возгласот „Благословено е царството“ и до самиот отпуст сите тројца земале учество во службата, често прекинувајќи ја со нептестајни солзи, ридања од љубов и славословија. „Таму, чедо мое, ние не гопразнувавме Воскресението, туку го доживувавме. Знаеш ли ти, што е тоа, кога Христос малку ќе ти ја покаже таа радост, која во час ја чувствувала и Мајката Божја?…“

Превод од руски јазик:

Свештеник Јани Мулев

извадок од книгата на монах Јосиф Дионисијатски

„Старец Арсениј Спилеот,

соподвижник на старецот Јосиф Исихаст“

 

Ортодоксија и Ортопраксија / Декември 10, 2013